Клучната дилема пред која е исправена македонската јавност е зошто се инсистира на процес за кој нема ниту политички консензус, а уште помалку општествена сплотеност? Искуствата од блиското минато говорат дека секогаш кога работите се туркаат на сила крајниот резултат се уште подлабоки внатрешни поделби и курс на државата кон неизвесност
Повод: Влегувањето на уставните амандмани во собраниска процедура без обезбедена широкоопштествена сплотеност
Пратениците во собраниската Комисијата за уставни прашања следната недела ќе ја почнат расправата за предлог уставните амандмани доставени од Владата, со кои треба да се интервенира во македонскиот устав и да се вметне бугарското малцинство, услов што беше преземен со прифаќањето на францускиот предлог и со чие исполнување земјава треба да започне со отворање на преговарачките поглавја по завршувањето на скрининг-процесот.
Она што засега е извесно, тоа е дека процедурата за уставни измени конечно влезе во Собранието без обезбедено двотретинско мнозинство, така што за нешто помалку од еден месец ќе биде познато во која насока ќе се движи епизодата наречена „уставни измени“, дали кон нејзина реализација или, пак, кон конечна разврска на длабоката политичка и сеопшта криза во која се наоѓа земјата.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за вторник, 25 јули, го закажа почетокот на работата на собраниската Комисија за уставни прашања, а имајќи предвид дека парламентарците вообичаено во август се на годишен одмор, останува под прашалник ефикасноста на работата на Собранието, имајќи предвид дека првиот тест за тоа дали има или нема двотретинско мнозинство ќе биде на пленарна седница на 18 август, кога треба да се гласа за потребата за уставни измени.
Опозицијата и натаму категорично тврди дека нема намера да поддржи уставни измени под бугарски диктат, а власта е убедена дека ќе успее во меѓувреме да ги убеди парламентарците да гласаат за внесување на Бугарите и другите малцинства во Уставот за да се одблокира евроинтегративниот пат на земјава. Пораки за заокружување на процесот на уставни измени пристигнуваат и од Брисел и Вашингтон, кои изразуваат надеж дека Бугарија нема да има нови условувања понатаму.
Клучната дилема пред која е исправена македонската јавност е зошто се инсистира на процес за кој нема ниту политички, а уште помалку општествен консензус. Искуствата од блиското минато говорат дека секогаш кога работите се туркаат на сила крајниот резултат се уште подлабоки внатрешни поделби и курс на државата кон неизвесност.
– Ставањето на амандманите во собраниска процедура е начин да се изврши дополнителен притисок врз сите оние што се противат на уставните измени. Власта пред странците сака да покаже дека таа го испочитувала ветувањето и пристапила кон процедурата за уставни измени, но истовремено со тоа сака и сета вина за евентуалниот неуспех да ја префрли врз опозицијата – велат соговорниците со кои се консултиравме.
Тие не ја отфрлаат можноста во следните неколку недели уште повеќе да се засили странскиот притисок, но и да се бараат, како што велат, креативни начини како да се убедат доволен број пратеници да гласаат за промена на Уставот.
– Факт е дека нема консензус околу оваа работа. Има информации дека дури и пратеници од власта нема да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот, а некои албански партии застапени во Собранието не отстапуваат од намерата да се пазарат за својот глас така што бараат замена на формулацијата „20 отсто“ за албанскиот јазик. Не исклучувам одредени пазарлаци да бидат понудени и кон други пратеници за да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство. Сепак, овој пат очите на јавноста се вперени кон целиот процес и мислам дека нема никој да се дрзне да го повтори преспанското сценарио и да постапи по препораките на поранешниот еврокомесар Јоханес Хан, работите да се решаваат на „балкански начин“. Ако тоа се случи повторно, тоа ќе биде дефинитивен крај за Македонија – сметаат соговорниците, кои нагласуваат дека сето ова што ни се случува е резултат на политиките што ги водела секоја власт изминатите 30 години, кога за секоја клучна одлука не се расправало со опозицијата и не се отворала поширока општествена дебата, туку одлуките се носеле на своја рака и, за жал, секогаш на штета на државата.