Фото: Данчо Стефков

Секоја улога ја доживувам како животна бидејќи во секоја вложувам голем дел од себеси и од сопствената животна енергија. И секоја од улогите ме носи до нови и непознати места внатре во мене, кои водат кон некои други животи и поинакви светови. Впрочем, целиот свет и сиот живот се веќе во нас, само чекаат допрва да бидат откриени, вели Зафирчев

Васил Зафирчев, актер

Со своите 43 години живот и 25 години творештво во театарот, телевизијата и филмот, Васил Зафирчев за себе вели дека е во својата полна човечка и актерска зрелост. Периодов е актуелен со две значајни улоги во матичниот театар во Велес, чиј директор беше десетина години, во претставите „Инферно“, „Нема струја за eлектричниот стол“, „Сара“…, а го гледаме и во телевизиската серија „Бистра вода“. Претходно ги освои телевизиските гледачи толкувајќи го ликот на Марио во серијата „Преспав“, а освен како актер сме го гледале и како пејач и водител, бидејќи за него секој нов креативен и творечки предизвик е можност за постојано себенадградување и усовршување кон некоја повисока или подлабока цел.

Последниве неколку години го живеете својот најплоден и најкреативен период на професионален план. Како се чувствувате периодов, дали глумата ги претвори вашите соништа во јаве?
– Со своите 43 години живот и 25 години творештво во театарот, телевизијата и филмот, јас несомнено сум во својата полна човечка и актерска зрелост. Период од животот и кариерата кога сме на јасно со себеси и со нашите вистински знаења, вештини, можности, провокации и приоритети. А со оглед на тоа дека сите овие изминати години во континуитет творам мошне активно и посветено, секое време го доживувам како свое време. И самата уметност во суштина е слика на времето, а потребата од уметност потрага по изгубеното време. Па, секој нов креативен и творечки предизвик е можност за постојано себенадградување и усовршување кон некоја повисока или подлабока цел. Слободно можам да конфирмирам дека сум среќен човек во актерската професија бидејќи го живеам она што бескрајно го сакам и што ме исполнува, а уметноста не ми е само вокација туку и начин на живот, со кој секогаш одново се обмислувам и промислувам себеси и светот што ме опкружува.

На театарската сцена во родниот Велес во моментов играте животни ролји… Дали градејќи ги овие ликови го извлековте од себе и она што не ни претпоставувате дека го поседувате?
– Секоја улога ја доживувам како животна бидејќи во секоја вложувам голем дел од себеси и од сопствената животна енергија. И секоја од улогите ме носи до нови и непознати места внатре во мене, кои водат кон некои други животи и поинакви светови. Впрочем, целиот свет и сиот живот се веќе во нас, само чекаат допрва да бидат откриени. Така, преку ликот на вечно младиот поет Вергилиј во „Инферно“, кој е олицетворение на класичната убавина од антиката и на поетскиот идеал на Данте, ја истражував ентропијата на телото во криза и сликите на пеколните тела од регистарот на постдрамскиот театар, во обид да ги ресемантизирам основните позиции на телото како објект од сликите на најпознатите ренесансни сликари. Во ликот, пак, на осудениот на смрт во „Нема струја за електричниот стол“ ја испитував границата помеѓу театарот и филмот, односот на филмскиот крупен план и детаљ со драмското дејство, но и реалната околност на заврзани очи, раце и нозе како можност за поинаква гласовна, лицева и телесна експресија во актерската постапка и третман. Со ликот на хирургот Горан во современата драма „Сара“ ја опсервирав зоофилијата како феномен, љубовта на еден човек кон едно куче и мрачните страни на човечката природа што допрва чекаат да бидат пополнети со љубов. Додека, пак, во ликот на негативецот Жанко од ТВ-серијата „Бистра вода“ се соочив со човечка природа сосема различна од мојата и исто толку нова и непозната, што, секако, резултира со создавање лик во кој воопшто не личам на себе. Неверојатни актерски предизвици што ме нурнаа во длабока опсервација на животот и неговите бескрајно различни облици, кои творечки и креативно секогаш ме носат погоре и повисоко.

Режисерот Дејан Пројкоски неодамна изјави дека сте еден од најдобрите и најпосветени актери во земјава што гори на сцената. Дали ви годи кога ќе слушнете вакви коментари?
– Секогаш ми годат потврдата и признанието од колегите и од публиката, особено кога нивните коментари, реакции и импресии ги афирмираат поставените цели од процесот на работа и ефектите што тие треба да ги предизвикаат. Со Пројковски, покрај професионалната соработка на која чекавме повеќе од 20 години, ме врзува и искрено пријателство. И сосема е во право во својата констатација. За да блескаш, треба да гориш на сцената. Успехот во уметноста секогаш лежи надвор од зоната на комфорот. Но во релацијата актер – режисер, за таквиот целосен актерски ангажман и беспоштедно инвестирање секако пресуден беше и неговиот исклучително спокоен, трпелив, но длабоко интуитивен пристап во процесот, големата доверба што ја има во актерите, како и бескрајната слобода што им ја дава во понудата и изборот на актерските решенија. Кога на тоа ќе се додаде и неговата неприкосновена режиска вештина да создава епски театар со моќни и неверојатно сугестибилни театарски слики, сосема е јасно зошто Пројковски ужива голема почит кај актерите и зошто е еден од водечките театарски режисери, не само кај нас туку и во поширокиот Балкански Регион.

Во тој контекст, колку режисерот со кој соработувате може да ја поттикне вашата желба за стремење кон совршенството и дали тоа воопшто постои кога е глумата во прашање?
– Во мојата досегашна актерска кариера главна провокација и инспирација никогаш не ми биле улогите и насловите, туку пред сѐ темите и режисерските концепти и постапки со кои тие теми добиваат автентичен третман. Бидејќи токму режисерот е оној што ја знае целта, но и патот што води до неа. Неговиот концепт и авторски прочит ги има клучевите од вратите што водат до тие други животи и поинакви светови внатре во нас. И токму затоа режисерот се занимава со прашањето „што“, а актерот со прашањето „како“.

Дали еден од вашите идни предизвици можеби ќе биде токму режијата?
– Покрај тековните ангажмани во мојот матичен театар и проектите од годишната програма за работа, во октомври ме очекува и режијата на претставата „Посветување на пролетта“ работена по музиката на Игор Стравински, која заедно со Сашо Димоски како автор на текстот, Олга Панго како кореографка, Филип Коруновски како сценограф и Раде Василев како костимограф ќе ја поставиме на сцената на драмскиот театар „Стојан Бочваров“ во Варна, Бугарија, а чија премиерна изведба е предвидена за средината на ноември.

Какво беше вашето искуство како директор на Велешкиот театар. Дали во тој период некои работи тргнаа на подобро?
– Околу 10 години бев уметнички директор на Велешкиот театар. Паралелно со раководната функција работев и како актер во поголем дел од претставите на репертоарот. Во тој период го екипиравме уметничкиот и помошно-уметничкиот ансамбл со нови актери, режисери, драматурзи и ги проширивме техничките и административните служби. Ја добивме и новата театарска зграда со најсовремени сценско-технички перформанси, со што не само шо добивме извонредни услови за работа туку и исклучителни можности за сукцесивна и консеквентна естетичка профилација на идните програмски содржини на театарот, кои ќе почиваат на современата технологија на театарот, но и ќе ги следат европските и светските театарски текови и трендови.

Глумата е тешка професија, која бара многу жртви, самоодрекувања, а често носи неизвесност. Дали понекогаш се чувствувате како Дон Кихот во борбата со театарските, но и со ветерниците во вашата глава?
– Уметничката вокација во суштина е донкихотовска битка со ветерници. Особено театарот, бидејќи е уметност на мигот, на вечното сегашно време. Чиста ефемерија, во еден миг жива и неповторлива, а веќе во другиот изгубена во времето и просторот, бидејќи се случува само сега и овде, во таа отворена, непосредна и заемна размена на енергија помеѓу сцената и публиката. Од тој ефемерен чин не останува ниедно реално опипливо сведоштво, освен некакво сетилно сеќавање, некаква психоемотивна трага, енергетски запис во емоционалното паметење на гледачот, кое може наопаку да преврти цел еден живот или наеднаш да промени цел еден свет. И токму поради тие неверојатно моќни допири по менталните и емоционалните тела на гледачите, уметноста станува мисија во која голема и возвишена смисла добиваат дури и оние мигови на лична жртва, самоодрекување и неизвесност.

Со толкување на широка палета најразлични ликови, дали понекогаш имате чувство дека помагате во уривањето на некои табуа во нашето општество?
– Без оглед на природата и карактерот на професија, актерот може да ги руши само оние табуа што самиот како човек ги нема. Уметноста сама по себе почива на слобода во мислата. А актерството на отворено и со ништо условено себеизразување. Табуата се создаваат поради незнаењето и стравот од непознатото. Уметноста токму со вистината за животот секогаш ги осветлува и ги разобличува таквите предрасуди.

По аплаузот, популарноста за глумците е потврда дека се на вистинскиот пат и оти допреле до многубројна публика. Ликот на Марио во серијата „Преспав“ несомнено ви донесе популарност. Дали сѐ уште е актуелен меѓу обожавателите?
– „Преспав“ испиша цела една историја во домашната продукција на проекти од телевизиски формат и постави високи стандарди. А ликот на Марио, и покрај специфичната биографија, токму поради својот комичен карактер им ги освои срцата на гледачите. Неверојатно е чувството кога луѓе од најразлични генерации те препознаваат на улица, приоѓаат да те поздрават и да разменат понекоја реплика. Со радост и нетрпение ја очекувам седмата сезона и повторната дружба со екипата на „Преспав“.

Глумите, танцувате, пеете, водите фестивали, емисии, рецитирате… Имате ли уште некоја тајна вештина да ѝ откриете на јавноста?
– Одлично се снаоѓам и во кујната. Сакам да готвам и уживам кога тоа го споделувам со најблиските. Генерално сум отворен за откривање и совладување нови вештини. Таа игра со вештините за мене никогаш нема крај.

Фото: Иван Камчев