Фото: Маја Јаневска-Илиева

Родителите се тие што ги учат децата на обврските, одговорностите, правилата и навиките. А со усвојувањето на работните навики и одговорности, детето ја развива самодовербата, која е многу важна во моментот на тргнување на училиште

Катче за родителите

Сонце, море, плажа, искачување на планина, дишење чист воздух, капење во базен – сето тоа беше одлика на летото, но безгрижноста и уживањето веќе завршија и за децата и за родителите. Време е од вода да се скокне во училишните клупи, а за вас родителите веќе почнаа грижите. Од каде да се набави училишниот прибор, каков ранец да се купи, потребна е и нова облека за есен…
Од 1 септември за поголемите ученици почна секојдневната рутина, но за оние што првпат го пречекорија прагот на училишниот двор и зграда тоа значи едно големо добре дојде во првата фаза од станувањето „голем“ човек.
Родители, очекувајте возбуда, солзи, радост и страв во детските очи, нетрпение и неизвесност поради судирот со новата средина, со новите правила, новите пријатели.
Секое поаѓање на училиште значи враќање на навиките за рано легнување и станување наутро, а како мотив за тоа може да биде сугестијата дека ако детето следниот ден стане порано, може прво да стигне на училиште и тоа да биде позитивен пример за другите деца. Од голема помош на помалите деца ќе им биде ако и вие со нив легнете порано, не заборавајќи дека вие сте за нив најдобриот пример.
Наутро колку и да ви се спие, пред детето бидете ведри и насмеани, зашто така и нему ќе му го направите денот повесел.

Септември е месец кога децата се потсетуваат каква беше рутината на училиште, дознаваат доколку има некои нови правила, можеби се запознаваат со нови наставници. Но за оние најмалите, првачињата, сѐ е ново: училишната зграда, наставничката, децата.
Она на што треба особено да се поработи со децата е начинот на кој се склопуваат пријателства. На детето треба да му се укаже дека дури и некои од вашите сегашни пријатели се стекнати уште во училишните клупи и дека добриот пријател треба да се чува. Така, детето ќе развива чувство за пријателство и ќе знае дека е добро на училиште да стекне што повеќе другари.
Родителите се тие што ги учат децата на обврските, одговорностите, правилата и навиките. Ако мајките и татковците не покажат такво однесување, тогаш не може да се очекува дека децата одеднаш сами ќе ги усвојат работните навики. А со усвојувањето на работните навики и одговорности, детето ја развива самодовербата, која е многу важна во моментот на тргнување на училиште.
Купувањето училиштен материјал треба да го правите заедно со своето дете, затоа што тоа и ќе го користи секојдневно. Вашиот ученик треба да си ги одбере моливите, боичките, фломастерите, линијарите, а ако меѓу нив се најде некоја скапа варијанта, тогаш направете компромис.
Како и да е, родители, бидете подготвени и вие да се вратите во училишната рутина или, пак, да влезете во тој свет, затоа што годината е долга и полна со обврски, но и со насмевки.

М-р Катерина Спасовска Трпковска