Секој ден од 15.30 часот, на определено место, Виктор Спиркоски, Марин Христоски, Борјан Христоски, Масимо Гически и Петар Манески од Прилеп, ја поставуваат својата импровизирана тезга, ги редат чашите и ги носат кутичињата со „цевитана“ за освежување во летните жеги. „Размислувавме како во текот на летото, освен за игра и дружба, да го искористиме времето и да заработиме џепарлак, па така дојдовме до оваа идеја“, велат досетливите момчиња

ЛЕТНА ШЕМА

Летниот распуст е најубаво доживување за секој ученик, носи многу авантури и прави спомени за цел живот. Ќе се согласите со мене, нели? Но не е доволно само да имате слободно време туку и да знаете како да го искористите. Да си создадете доволно забавни, креативни и корисни активности за да имате незаборавни мигови.
За учениците Виктор Спиркоски, Марин Христоски, Борјан Христоски, Масимо Гически и Петар Манески од Прилеп, овој летен распуст е навистина посебен. Оваа верна маалска дружина дошла до идеја како дел од долгите летни денови да ги искористи на еден оригинален и корисен начин.
Секој ден од петнаесет и триесет часот, на определено место, ја поставуваат својата импровизирана тезга, ги редат чашите, ги носат кутичињата со „цевитана“, потоа ладната вода и, секако, лажичињата за мешање и сламките за сок и подготвено ги чекаат муштериите што сакаат да се освежат во летните горештини.
– Размислувавме како во текот на летото, освен за игра и дружба, да го искористиме времето и да заработиме џепарлак, па така дојдовме до оваа идеја. Сега постојат неколку дружини што на различни места продаваат освежителни пијалаци, ама нема лутење и расправии меѓу групите. Секоја си има свое место и свои купувачи – велат дечињата од оваа верна и вредна екипа.

Ни кажаа дека доаѓаат и стари и млади, таксистите прават пауза пред нивниот штанд пиејќи „цевитана“, им купуваат и школските другари што ќе поминат тука, како и уморните спортисти по тренинзите на игралиштето што се наоѓа зад нивниот штанд.
Драги другарчиња, да ви кажам право и јас така ги запознав овие дечиња уште на првиот ден од нивната работа. Бев прв, а сега сум веќе редовен купувач.
Низ разговорот со нив овие денови, открив и кои им се следните планови, па со нивна дозвола ќе ви откријам некои од нив.

Планот е работата да продолжи во текот на целото лето, можна е промена на локацијата во близината на едно друго игралиште, а паричките стојат на едно место и од нив се купува сѐ што е потребно за овој мал креативен бизнис, парите што ќе останат како заработка, на крајот од сезоната ќе бидат братски поделени. Уште да додадеме дека родителите се известени за оваа активност на вредната дружина и дека добиваат поддршка од нив, а ние им се заблагодаруваме што ни дозволија да разговараме со нивните дечиња и да ги фотографираме, за да го прославиме овој бизнис на страниците на „Колибри“.

За крај, едно гооолемо БРАВО од редакцијата на „Колибри“, а јас и утре доаѓам по мојата чаша освежителен пијалак.

Ф.Д.


Треба да пораснат

Возрасните треба да знаат,
дека треба да растат и растат,
за ѕвездоредот да го фатат
и децата да ги сфатат.

Да пораснат не во тежина и висина,
туку во ум и чистина,
сѐ што е добро треба да зберат,
па дури тогаш децата ќе ги разберат.

И, родители, немојте да слегувате,
да се мачите
на ниво на детето
не треба да се симнете,
туку да се искачите.

Филип Димкоски

(Од стихозбирката
„Заедно да растеме“)