Речиси истовремено со недоизговорената заклетва на македонската претседателка, од Атина тргна лавина на протестни реакции, предупредувања и закани за прекршување на билатералниот Преспански договор (кој, секако, во Грција не се спроведува), но и уценувачко барање за солидарност од грчката дипломатија до бриселската администрација на ЕУ за поддршка на нејзините непристојни аргументи и повикувања на асиметричната спогодба од Преспа. Иако уцените и заканите не се европски вредности, а никако и демократски принципи, секогаш зачудува и останува неодговорено прашањето зошто ЕУ го дозволува, па и го поддржува таквото неевропско однесување, како на Грција така и на Бугарија (?!)
Зошто ЕУ дозволува и поддржува неевропско однесување на Грција и на Бугарија
Притаените неевропски манири на земјата што се гордее дека е „лулка на европската демократија“ – Грција, избувнаа (не)контролирано на европската политичка сцена. Во исто време и самата ЕУ со години веќе е непристојна затоа што не реагира на сета очигледност на двете нејзини земји членки Грција и Бугарија, кои со уцени и со закани го блокираат европскиот пат на Македонија.
Во актуелното реактивирање на дрскоста во заканувачката реторика од Атина (оркестрирана со Софија) поврзана со Преспанскиот договор, предизвикот на кој треба да одговори ЕУ е – до кога Македонија треба да го исполнува овој билатерален договор под закани и уцени, додека другата страна не презема ништо, дури и смета дека има право преку тој договор да ги регулира и контролира внатрешното политичко уредување и односи во земјава.
Преспанскиот договор – супермаркет за Грција, празен гранап за Македонија
Од инаугурацијата на претседателскиот мандат на Гордана Силјановска-Давкова речиси секојдневно премиерот на Грција упатува предупредувачко-заканувачки пораки преку грчките медиуми до новоизбраните македонски власти. Воопшто не воздржувајќи се да признае дека не го поддржува Преспанскиот договор, зашто во него се наведуваат „македонска нација“ и „македонски јазик“, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред целата европска јавност декларира дека Грција нема да го спроведува договорот, но Македонија мора беспоговорно да се придржува до него (односно на грчкото толкување на договорот), зашто „нема да има напредок во ЕУ-перспективата на земјава“.
– Она што сигурно ќе го сториме е дека нема да ги донесеме за ратификација трите меморандуми што произлегуваат од Договорот и сега целосно се оправдува нашата позиција да задоцниме со ратификување. Ние веќе извесно време гледавме што се случуваше во С. Македонија, го слушавме овој националистички пароксизам на ВМРО, знаевме дека ВМРО ќе победи на изборите и сакавме и ние да задржиме некои суштински преговарачки оружја во случај работите да не одат како што се очекува – изјавил Мицотакис за грчките медиуми.
За изјавите на Христијан Мицкоски дека во своите изјави и настапи ќе го користи името Македонија, „а Грција може да поведе постапка пред Меѓународниот суд на правдата за непочитување на Преспанскиот договор“, Мицотакис рече дека станува збор за „изјави на мандатарот за премиер“ и дека ќе ги чекаат официјалните ставови на новата влада, но потенцира дека „првите примери на однесувањето се исклучително негативни“.
– Во јадрото на Договорот на Преспа се наоѓа смислата на едно име, она што го нарекуваме ерга омнес, името С. Македонија да важи за сите, односно да се користи и во надворешноста и во внатрешноста на земјата – ги наведе Мицотакис своите очекувања од новоизбраните македонски власти, а „во спротивно сигурно ќе создадат проблеми и во односите со Грција и во односите со Европа“.
Која е логиката на билатералните договори, кога го блокираат
„патот кон ЕУ“?
Посегнувањето по Преспанскиот договор од грчка страна и инсистирањето на негово еднострано спроведување, само од Македонија, како и непринципиелната поддршка што Грција ја добива од ЕУ во име на „европското заедништво“, дури и во одредени интелектуално-политички кругови во земјава сѐ уште се „оправдува“ со забрзување на европската перспектива. И покрај речиси непроменетата состојба во статусот на евроинтеграциите, во постојан континуитет со вето-уцени, и понатаму се повикува само на „светоста на договорите“ во меѓународното право, притоа целосно погазувајќи ги базичните принципи на истото тоа меѓународно право: на еднаков суверенитет, реципроцитет и рамноправност на државите. Преспанскиот договор (како и Договорот за пријателство со Бугарија) во својата суштина претставува дрско дерогирање на меѓународното право.
Од друга страна, за оправдувањето од макијавелистички вид „дека целта ги оправдува средствата“, односно во македонскиот случај – прифаќање на сите соседски неевропски уцени за да се влезе во ЕУ, одредени европски политички експерти имаат аргументирани сомневања дека таквиот пристап ќе доведе до целта. Во тој контекст германскиот новинар, писател и експерт за Балканот, Михаел Мартенс, ја коментира заканата од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис до Македонија дека прекршувањето на Преспанскиот договор ќе ѝ го блокира патот кон Европската Унија.
– Прекршувањето договор не е добро. Но ‘патот кон ЕУ’ и онака е блокиран. За секоја земја кандидат. Може само да се охрабри доаѓачкиот премиер Мицкоски да не попушти под притисокот и да го менува Уставот. Нема да отвори никаков ‘пат’. Со оглед на тоа дека таков нема – реагира Мартенс на социјалните мрежи, кој е долгогодишниот политички дописник на германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ од Санкт Петербург, Атина, Истанбул, Белград и од Виена.
Холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг, реагира за двојните критериуми на познавачите и на новинарите од Европа спрема Македонија наспроти Грција во однос на почитувањето на Преспанскиот договор
За веродостојноста и довербата во Европската Унија во врска со Преспанскиот договор
Соучесништво на ЕУ во измама?!
Ако пред потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и „добрососедскиот“ со Бугарија, и покрај целата асиметрија во нив, македонската страна некако и можеше да се потпира на европските гаранции, шест-седумгодишното искуство на нивно еднострано спроведување, кое резултира со нови блокади и уцени, ги стави во „соучесништво во измамата“ и веродостојноста и довербата во Европската Унија.
Холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг, реагира за двојните критериуми на познавачите и на новинарите од Европа спрема Македонија наспроти Грција во однос на почитувањето на Преспанскиот договор.
– Европските експерти и новинари ‘лаат’ и го напаѓаат шефот на македонската држава/мандатарот за премиер, дека не ја почитувал ‘Преспа’, додека грчката страна ниту го ратификува ниту го спроведуваше договорот, а нејзиниот премиер беше жестоко против договорот. Во меѓувреме, карванот си врви.
Ефектот на овие написи е дека Македонците се посвесни за фактот дека: а) другата страна не имплементирала толку строго како Македонија; б) сите што ја потпишаа Преспа не се на власт; ЕУ/САД му угодуваат на Вучиќ и не се грижат за Косово или за Македонија, туку за сферата на влијание и продолжуваат понатаму – анализира холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг, кој реагира за двојните критериуми на познавачите и на новинарите од Европа спрема Македонија наспроти Грција во однос на почитувањето на Преспанскиот договор.