Неодамна објавениот сет од три водичи за подобро разбирање на учениците на светот на природата наскоро ќе биде дистрибуиран низ основните училиште и училишните библиотеки во земјата
Иницијативи
Еколошкото образование е неопходен процес, со цел да се постигне еколошка писменост што ќе води до развој на еколошка свест кај новите генерации. Еколошкото образование меѓу другото претставува и запознавање со природата, со биолошката разновидност и со природните појави и феномени. Преку него јавноста, особено младите, се запознаваат со природните вредности, учат како човекот влијае на нив и како може да се заштити природата – ретките видови и екосистеми. Иако за дел од овие процеси учениците може да се запознаат во училница и во училиштата, сепак, најдобар начин младите да учат за природата е преку искуствено учење, односно учење со сите сетила, на терен во форма на теренска настава во природата.
Со цел да се помогне и подобри еколошкото образование и природонауката, „О2 иницијативата“ реши да го создаде и објави сетот „Водичи на природата“ – три мали водичи преку кои учениците од одделенска настава ќе се запознаат со животот во шумата, барите и езерата и низ градското зеленило.
Сетот на водичи, во издание на издавачката куќа „Чудна шума“, под авторство на Кирил Арсовски-Пржо, а издадено за целите на „О2 иницијатива“ – го води читателот низ мало патување на екосистемите во кое се запознава со живиот свет, животот на растенија и животните, но и начините на кои човекот им влијае и упатства за тоа како можеме да им помогнеме.
Овој сет на водичи претставува некомерцијално издание, кое во наредните недели ќе биде дистрибуирано низ основните училиште и училишните библиотеки низ државата.
За авторот
Кирил Арсовски-Пржо e еколог и професор по биологија, главен уредник на едукативната веб-платформа ДОМА (doma.edu.mk) на Институтот за комуникациски студии. Тој е продуцент и автор на серијалот на еколошки едукативни документарни филмови „Дома“. Поле на негов интерес и истражување е комуникација на науката, екологија и заштита на животната средина. Пишува анализи за национални и регионални еколошки проблеми и често држи јавни предавање од областа на заштита на животната средина.