Американскиот претседател ја разгледува опцијата САД да му се придружат на Израел во нападите врз нуклеарните објекти на Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува опцијата САД да му се придружат на Израел во нападот врз нуклеарните објекти на Иран, вклучувајќи го и оној во Фордоу, објави Си-би-ес повикувајќи се на дипломатски извори. Според овие извори, оваа опција требало да биде дискутирана на состанок во таканаречената „Соба за ситуации“, областа на Белата куќа наменета за планирање на спроведувањето кризни операции. Сепак, сè уште нема целосен консензус меѓу најблиските советници на Трамп за идејата. Американскиот „Аксиос“, повикувајќи се на тројца американски функционери, пишува дека Трамп е „многу блиску“ до наредување напади врз нуклеарните објекти на Иран.
Откако Израел започна напади врз Иран (и неговата нуклеарна инфраструктура), високи израелски функционери чекаат одлука од американскиот претседател Доналд Трамп дали САД ќе се приклучат на операцијата. Американските и израелските функционери беа во тесна комуникација за напредокот на израелските воени операции во Иран и евентуалното вклучување на САД. Сепак израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сè уште не побарал директно од Трамп да одобри американски напади врз „Фордоу“ – ирански нуклеарен објект длабоко под планина. Нетанјаху и други израелски претставници, според изворите, се надеваат дека Трамп ќе ја донесе одлуката сам, без да се чувствува под притисок од Израел.
Израел инсистира дека има други начини да го уништи или барем привремено да го онеспособи објектот „Фордоу“, но признава дека ниту една од овие опции не е толку ефикасна како американските стратешки бомбардери со бомби за уништување бункери.
Американскиот претседател Доналд Трамп преку мрежата Трут сошл откри исклучително интересни работи за јавноста.
– Знаеме точно каде се крие таканаречениот „врховен лидер“. Тој е лесна цел, но таму е безбеден, нема да го отстраниме (да го убиеме!), барем не засега. Но не сакаме ракети испукани врз цивили или американски војници. Нашето трпение е при крај. Ви благодариме за вашето внимание – објави тој.
Иран сè уште официјално не прогласил воена состојба, но судските власти признаа дека земјата работи под фактичка вонредна состојба. Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, ги префрли клучните овластувања на Врховниот совет на Иранскиот корпус на револуционерната гарда (ИРГЦ). Вонредната одлука доаѓа откако се појавија извештаи дека Хамнеи бил преместен во подземен бункер во Лавизан, североисточно од Техеран, со членови на неговото најблиско семејство, вклучувајќи го и неговиот син Моџтаба. Пренесувањето на извршната власт се толкува како превентивна мерка за да се обезбеди континуитет на командата во случај на смрт на Хамнеи.
Р.С.