Божиќ е празник на семејството, љубовта, делењето, човечкото во човекот. Колку е поголемо срцето, толку е потопло. За Божиќ и пред Божиќ, каде и да си дома да си. Македонските православни верници секоја година се придржуваат кон оваа вековна мудрост, која со генерации се преповторува
Како нашите иселеници ги одбележуваат божиќните празници
За Божиќ и пред Божиќ, каде и да си дома да си. Македонските православни верници секоја година се придржуваат кон оваа вековна мудрост, која со генерации се преповторува во деновите кога се испраќа старата и се пречекува новата година. Секако, нашиот народ најголемо значење му придава на Божиќ, кога во кругот на семејството со традиционални македонски јадења и обичаи се дочекува денот на Христовото раѓање. Со масовното иселување, многумина наши сограѓани ја напуштија својата татковина и заминаа во далечните земји, каде што ги пренесоа и обичаите, кои ги наследиле од нивните родители.
Ицо Најдовски Перин, кој долги години работи и живее во Австралија, вели дека нашите иселеници редовно ги одбележуваат божиќните празници според православните обичаи, но ни пренесува и дел од атмосферата што владее за време и на католичкиот празник.
– Мнозинството Македонци славиме двапати. Чувството е добро затоа што се чувствуваме интегрирани во австралиското општество. Оттаму и желбата да се прославува и католичкиот Божиќ. Прославите започнуваат во училиштата каде што се и нашите деца. Ние не сакаме да ги делиме нашите деца од другите ученици и им дозволуваме да делат подароци со своите врсници, учители и блиските роднини. Скоро секоја куќа има накитено елка со лампиони и на Божиќ децата (па и ние) ставаат подароци под елката. Тоа сите нѐ прави среќни и весели – ни изјави Ицо Најдовски.
Тој присуствувал и на божиќна трпеза организирана од некој католик и вели дека и нивните традиции се интересни, а во секоја куќа се подготвува мисиркино месо и се јаде со слатко од цреши.
– Тоа им е традиционален божиќен оброк. Имаат приготвено скромни трпези, пијалак, украси за гостите, украси на трпезата и убава елка. Исто така имаат традиција што се вика К К (кај – кај) и се влече ливче кој со кого ќе размени подарок. Македонците во Австралија го слават Божиќ три дена. Ние немаме слободен ден што би бил како државен празник за нас. Но властите знаат за нас и секој Македонец си зема слободен ден за да се прослави Христовото раѓање – нагласува Перин.
За православниот Божиќ, нашите храмови во Австралија се тесни да ги соберат сите верници. Црквите се преполни и се чека со редови да се запали свеќа. Православниот Божиќ се слави уште од пред Втората светска војна до денес. Првата црква е осветена во 1960 год., а пред тоа Македонците на служби оделе во Сириската и Антиохиската црква. По службата се поздравуваме со Христос се роди – навистина се роди! Потоа секој со најблиските и роднините се собираат и продолжуваат со прославата според македонските традиции и обичаи. Секоја година нашиот Божиќ се прикажува од мејнстрим-медиумите на Австралија.
Божиќ во Канада, во студениот и централен регион Саскачеван, трае три месеци. Во овој период од годината нашите иселеници се уште под импресии на летните одмори, кои патем речено траат само два месеца. Ниските температури и снегот што е паднат од пред еден месец ја доловува преновогодишната атмосфера, која кај нас сме ја гледале во рекламите на светски познатите компании за освежителни пијалаци.
– Во овој период продавниците и трговските центри се накитуваат со новогодишни елки, светлечки срни и елени. Насекаде светат светилки во различни форми и бои, снежни декорации… Куќите имаат разиграни покриви во боја, дворовите се полнат со срни, елени со санки, џуџиња, снежани. За сликата да биде комплетно како од новогодишна честитка или повеќе како магична стаклена топка, снегот постојано снежи, а температурите се секогаш многу под нулата. Годинава и минус 35 степени Целзиусови. Волшебно! И би рекле; да, волшебно е, особено за празниците. Божиќ е празник на семејството, љубовта, делењето, човечкото во човекот. Колку е поголемо срцето, толку е потопло – вели Елизабета Симонова-Илиевска.
Локалните жители за Божиќ делат подароци за сите во семејството и блиските, пријателите, па сезоната за купување поклони за некои, како за мојата колешка на работа, почнува уште од септември. Има поклони за децата, внуците, браќата, сестрите, братучедите братучетки, полусестрите, полубраќата, колегите, па сѐ до донациите за бездомните, додава нашата соговорничка
– Во Саскатун, во кој сме веќе петта година нема многу луѓе од нашите краишта. Но се дружиме сите од поранешните југословенски простори.
Православниот што некако се спојува со католичкиот Божиќ овде го поминуваме во фамилијарна атмосфера. Костени, ореви, домашна пита, посно гравче и сѐ потсетува на Бадник, единствено недостигаат блиските, роднините, пријателите. Па така за празниците „Месинџер“ ни е најдобар пријател. За жал, во градот нема Македонска православна црква, но има други православни цркви, како Руска, Српска и Украинска. Традицијата и обичаите се тука и секогаш ќе бидат дел од нас, но срцето е големо и има место за многу други работи, кои патем ќе се надоврзат на она што сега е наш живот тука – ни вели Елизабета.
Македонците што се на работа во западноевропските земји и во Германија новогодишните и божиќните празници ги слават различно. Некои од нив со почетокот на католичкиот Божиќ доаѓаат во Македонија да ги поминат празниците во кругот со најблиските. По завршувањето на православниот Божиќ повторно се враќаат на својата работа во странство.
– Годинава, поради заострените протоколи против ширењето на пандемијата, одлучивме да останеме во Германија. Традиционално, со семејството се собираме на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје. На Бадник секое македонско семејство што е овде меси кравајче, пита или погача во која се става париче. Следниот ден се собираме со нашите блиски пријатели и сонародници на заеднички божиќен ручек, на кој се присетуваме за нашите поминати денови во Македонија. Ако дозволи времето, заминуваме и во најблиската македонска црква во Германија. За време на католичкиот Божиќ од германските колеги и соседи добиваме и подароци, но тие ни велат дека не мора да го правиме истото за нив. Сепак, ние им подаруваме некој подарок на другарчињата на моите деца, затоа што и тие добиваат од нивните германски пријателчиња – ни изјави Славица Николова, која со семејството веќе неколку години е на привремена работа во Германија.