Ѓорче Петров, Никола Малашевски и Гоце Делчев

Македонската револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание земаат значајно место во колективното сеќавање на македонскиот народ и во неговата револуционерна традиција во борбата за создавање македонска држава. Најдобра потврда за тоа, но и на континуитетот на борбата за македонска држава, претставува фактот што Првото заседание на АСНОМ, на кое била конституирана македонската држава (на дел од територијата на османлиска Македонија, а во рамките на ФНР Југославија), се одржало токму на 2 август – денот кога започнало Илинденското востание.
Не случајно во македонската химна се споменуваат дури четири имиња (Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански), кои претставуваат своевидни симболи на Организацијата што ја повела македонската борба за сопствена држава. Од 2007 година, 23 Октомври – Денот на основањето на Македонската револуционерна организација е прогласен за државен празник

Фељтон по повод 120 години од Илинденското востание (8)

Искажувањето дека за националното осознавање на Македонецот треба да се работи само преку легални средства коинцидира со предлогот на Мисирков за трансформација на организацијата од „револуционерна во еволуциска“, во смисла на македонскиот национален „сепаратизам“. За Македонците како посебен народ, различен од соседите, пишува војводата Блаже Крстев-Биринчето во писмо од ноември 1906 година до српскиот војвода Душан во с. Бистрица. Биринчето меѓу другото истакнува: „Македонски борачи бевне и до крај се бориме за македонскиот народ, а не се бориме за Бугарија или за Србија и Грција… Ние што сме од македонската земја, треба за Македонија да работиме оти македонските браќа и македонските сестри сет обесчестени… Штом сме македонски војводи, за македонски народ треба да работиме…“.
Х. Силјанов кога зборува за советувањето во Софија (1907) за Сандански пишува: „Јане разви теза дека е погубно за македонското население и за самата Бугарија македонското прашање да се третира во смисла на национално обединување со Бугарите… Тој објаснуваше дека треба да се работи за пробудување на сознанието кај масите, дека тие се самостоен народ, дека имаат право на самостоен живот и треба да се борат за извојување на својата слобода, без да се потпираат на туѓа помош, зашто тие што би дошле да ги ослободуваат, всушност, ќе дојдат да ги поробат“.
Според изнесеново, МРО/ТМОРО/ВМОРО како автохтон предводник на македонското револуционерно движење со идејата за автономија на Македонија, која се сфаќала како преодна етапа кон создавање независна и самостојна македонска држава и/или како рамноправен државотворен политички субјект во една поширока балканска федерација, со определбата за борба против шовинистички пропаганди и сплотување на сите незадоволни под девизата „Македонија на Македонците“, не само што е промотор на македонскиот патриотизам туку е и катализатор на македонскиот национализам.

Јустиниjана (Јанка) Каневчева, учителка, активистка на МРО, девојка на Гоце Делчев

Кон што водела борбата за автономија и обединување на сите незадоволни во името на една македонска кауза најдобро сведочат зборовите на бугарскиот министер за образование Иван Шишманов искажани во 1903 година пред францускиот публицист Гастон Рутие: „По десет години, ако Македонија стане автономна, таму нема да постојат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, ќе постојат само Македонци. Тие ќе имаат многу заеднички политички интереси, особено економски, што треба да ги создадат со својата неуморна работа, ако сакаат да бидат независни од државите што се понапредни од нив и чие производство би го уништило нивното. Како земјоделци, не ќе им биде воопшто од интерес да се спојат со земјоделските земји какви што се Србија и Бугарија; како индустријалци, ќе сакаат да ја штитат својата индустрија, која ќе биде против нашата; најпосле, тие ќе сакаат да ги задржат за сeбе местата на функционери во новата администрација и на офицери во нивната војска. Значи, Македонија ќе биде независна и Македонците ќе останат Македонци. Ако Европа го мисли спротивното, таа греши; ако Бугарија смета на бугаризација на Македонија, тоа се илузии“.

(Крај)