Отворен ден во просториите и во дворот на средното општинско училиште „Орде Чопела“ од Прилеп
Минатата седмица средното општинско училиште „Орде Чопела“ од Прилеп организираше отворен ден во просториите и во дворот на училиштето. Настанот го посетија деветтоодделенците од Прилеп, но и од соседните селски општини, за да се запознаат со работата, условите и образовните профили што ги нуди училиштето.
– Со струките што ги нуди нашето училиште обезбедуваме кадри што се барани на пазарот на трудот, а со тоа ја намалуваме невработеноста. Во прва година во СОУ „Орде Чопела“ ќе се запишат 270 ученици во девет паралелки. Учениците кај нас добиваат стипендии, меѓународно признаени дипломи и бесплатно сместување во средношколскиот дом за учениците што живеат надвор од Прилеп – рече директорката на училиштето Тереза Златеска Трајковска.
Во хемиско-технолошката струка учениците можат да изберат меѓу профилите прехранбен техничар, техничар за заштита на животната средина и пекар/месопреработувач. Во земјоделско-ветеринарната насока, пак, идните средношколци ќе можат да се стекнат со звањата агротехничар за традиционално и органско производство и техничар по фитомедицина и ветеринарен техничар.
Со запишување во градежно-геодетската струка, учениците ќе станат геодетски односно архитектонски техничари, а струката лични услуги го нуди профилот техничар за очна оптика.
Здравствената струка овозможува учениците да се стекнат со звање медицинско-лабораториски санитарен техничар.
СОУ „Орде Чопела“ во Прилеп, познато како тутунско или хемиско училиште, е расадник на многу успешни луѓе што се дел од нашето општество, а некои од нив се успешни и надвор од границите на Македонија.
Денес училиштето располага со современи училници, кои ги задоволуваат денешните потреби за изведување настава со користење нагледни средства и ИТ-технологија. Во рамките на училиштето функционираат и повеќе лаборатории за изведување практична настава, како и стакленик, пластеник, мини-фарма, а особена гордост е реалната компанија, пекарницата „Детелинка“. Училиштето има и своја училница на отворено, дел е од повеќе проекти, како „Глобе“, „Ап шифт“, „Слоу фуд“, „Натуре експедишн“ и многу други. Училиштето има свој училиштен музички бенд, активна младинска заедница и безброј други активности што го прават богат и квалитетен средношколскиот живот.
Ф.Д.
Награди за младите трактористи
Неодамна во Ресен се одржа 52. Натпревар за ученици од училиштата со земјоделско-ветеринарна и шумарска струка на Република Македонија.
СОУ,,Орде Чопела“ од Прилеп е добитник на втора награда на ниво на Македонија, заради освоени две први и една втора награда.
Првото место во категоријата Земјоделска техника-управување со трактор и орање го освои ученичката Наталија Ризоска, под менторство на професорот Кире Пелианоски.
Второто место во категоријата Техника по ветеринарна медицина го освои ученичката Ангела Јованова, под менторство на професорот Златко Димески. Второто место во категоријата Заштита на растенијата од болести, штетници и плевели го освои ученикот Јане Нелоски, под менторство на професорката Сања Јошески.
Во категориите Размножување на растенијата и Органско растително производство учествуваа учениците Христина Цветаноска и Велибор Неделкоски и добија благодарници за учество, под менторство на професорите Филип Димкоски и Анкица Илиеска.
Награди и на МАССУМ
На образовното рандеву што го организира Младинската асоцијација на средни стручни училишта на Македонија, кое годинава се одржа во Радовиш, СОУ „Орде Чопела“ со своите ученици и професори успешно се претстави во повеќе категории, а во две се закити со награди.
Имено, во категоријата Интервју за работа на англиски јазик, ученичката Нина Доклеска го освои второто место, под менторство на професорката Рената Ристоска.
Второто место за најдобро уреден штанд го освоија учениците Киара Велеска
Кирил Атанасоски, Михаела Стојкоска, Анамарија Николоска, Никол Димеска
Милена Ристеска, Ана Марија Попоска, Марија Рутеска, Анастасија Златареска и Сара Чавкоска, под менторство на професорките Анита Галеска и Татјана Тасеска.