За стресот постојат секојдневни информации, а јас лично многупати сум пишувала за неизбежните последици од овој непосакуван гостин во нашето живеење.
Стресот може да се дефинира како каков било вид промена што предизвикува физички, емоционален или психолошки напор. Стресот е одговор на нашето тело на сè што бара внимание или акција.
Секој до одреден степен доживува стрес. Начинот на кој реагирате на стрес, сепак, прави голема разлика во вашата целокупна благосостојба.
Иако стресот не можеме сосема да го исклучиме од секојдневието, неопходно е да знаеме што повеќе за него, за да го намалиме неговото негативно влијание на севкупното здравје. Токму затоа во моите написи се трудам да информирам за најновите сознанија од невронауката што би биле корисни за читателите.
На неодамнешниот конгрес по ендокринологија во Стокхолм се изнесени многу интересни наоди поврзани со стресот кај бремените жени, а кои сакам да ги споделам со нашите читатели.
Основниот наод гласи дека високите нивоа на стресниот хормон кортизол во третиот триместар од бременоста може да влијаат на коефициентот на интелигенција (IQ) особено кај момчињата, испитуван на возраст од седум години. Она што зачудува е наодот дека нивото на кортизол во крвта кај мајките не влијаел на IQ кај девојчињата, но нивото на кортизолот во урина сепак го зголемува резултатот на IQ? Тоа значи дека ако кортизолот од крвта на мајката повеќе се излачува, тогаш тој нема толку штетно влијание на бебето.
Базично е сознанието дека токму овој хормон поврзан со стресот има улога во феталниот развој и кај момчињата и девојчињата независно. Пренаталната експозиција на кортизол е неопходна за феталниот развој и се смета дека има влијание на развитокот на когнитивната функција на децата подоцна во животот.
За време на бременоста нивото на кортизол се зголемува и бремената жена излачува повеќе кортизол преку урината кога се носи женско дете, што не е случај кога се носи машки плод. Сепак, плацентата преку ензимот 11ß-HSD2 (11beta hidroksi steroid dehidrogenaza tip 2) го регулира нивото на кортизолот што стигнува до фетусот преку конвертирање на кортизолот во неактивна форма позната како кортизон.
Истражувачите на универзитетската клиника „Оденс“ во Данска претходно покажаа дека децата на возраст од една до три години покажуваат понапредни резултати во говорот и јазичните вештини ако нивните мајки имале повисоки нивоа на кортизол за време на бременоста, особено во последните месеци. Сега, во оваа новообјавена студија, истражувачите ги анализирале податоците за нивото на кортизол и кортизон кај илјада жени за време на третиот триместар од бременоста и ги споредувале со IQ кај децата на возраст од седум години во кохорт на градот Оденс. (Да спомнам дека Оденс е трет град по големина во Данска и најголем град на островот Фин.)
Во спомнатото истражување било најдено дека оние мајки што носеле момчиња имале понизок кортизол во крвта одошто оние што носеле девојчиња. Дополнително, момчињата експонирани на повисоки нивоа кортизол во матката покажале пониски резултати на тестот за IQ. Девојчињата на истата возраст покажале подобри резултати за IQ ако нивните мајки имале повисоко ниво на кортизон во урината?! Според сознанијата, ова е прва студија што ги истражувала врските помеѓу кортизолот за време на бременоста и резултатите на IQ кај децата!
Поточно, студијата посебно ги анализира нивоата на кортизол во крвта и урината на мајките и влијанието врз когнитивниот развој на децата, посебно момчињата и девојчињата.
Ако се изразиме попрецизно, се покажало дека девојчињата се можеби позаштитени преку активноста на плацентарниот хормон 11ß-HSD2, додека момчињата се повулнерабилни на пренатална експонираност од мајчиниот физиолошки кортизол. Иако претходните наоди покажале дека пренаталниот кортизол е позитивно асоциран со развој на јазикот, оваа студија потврдила дека пренаталниот кортизол директно од серумот или индиректно преку урината влијае на интелектуалните резултати.
Тоа може да значи дека високите нивоа на пренатална изложеност на кортизол може да имаат привремен ефект врз когнитивниот развој на детето. Исто така, треба да се забележи дека вокабуларот кај малите деца во претходните студии бил пријавен од самите родители, додека детскиот коефициент на интелигенција во оваа студија бил оценет од обучени психолози.
Како и да е, пренаталното експонирање на кортизол (стероиден хормон што му помага на телото да се справи со стресот) е неопходен за феталниот развој и се смета дека влијае на когнитивната функција кај децата. Според тоа, треба да се потрудиме на бремените мајки да им го олесниме животот во овој период и да не дозволиме зголемено изложување на стресни настани. Со тоа ќе овозможиме подобар развој на идните поколенија, а тоа и ни е целта на сите.