Фото: Приватна архива

Од творештвото на писателот за деца Фејзи Бојку

Денес ви претставуваме дел од творештвото на писателот за деца Фејзи Бојку, со чија литература растеа и растат многу генерации ученици. Бојку е роден во селото Велешта, крај Струга, во 1937 година. Тој е поет, раскажувач, есеист, антологичар, новинар и книжевен преведувач.
Во својот прилог за творештвото на Фејзи Бојку, професорката д-р Мируше Хоџа најдобро ја отсликува целокупната книжевна и општествена дејност на авторот.
– Во континуитет од шест децении, Бојку ја афирмира албанската книжевност за деца и за млади. Преку своите книги поезија и проза, тој успеа да ја збогати литературата со специфична суптилна лирика. На тој начин придонесе и во рафинирањето на книжевната рецепција на новите генерации. Целокупната висока уметничка вредност на литературното творештво на овој деец е воедно ризница на образованието и на воспитанието, но и многу повеќе од тоа. Како човек со високи морални вредности, Фејзи Бојку преку својот лик и своето дело, во кое преовладува и животниот оптимизам, се изгради како патоказ на зближување на културните разлики во Република Македонија – наведува проф. д-р Мируше Хоџа.
Оваа прецизна оцена за ликот и делото на Фејзи Бојку може да се надополни со многу факти што говорат за творец со широки предиспозиции во поезијата, во прозата и во преведувачката дејност. Имено, како долгогодишен уредник на литературните списанија за деца, преку неговиот ангажман во преведувањето, тој на албански јазик ги приопштуваше високите вредности на македонските поети од сите генерации. Исто така, како редок посветеник на градењето духовни мостови, во изминатите децении преведе четириесет дела од македонски автори на албански јазик, како и шест книги од албански јазик на македонски јазик. Тоа се факти што говорат за еден исполнет творечки живот на автор што цели шест децении гради пријателство меѓу писателите од сите генерации и етноси.
За големиот придонес во литературата, Бојку е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои и на наградите „13 Ноември“ на Град Скопје, „Абдулазис Ислами“ на Друштвото на писателите на Македонија и на државната награда „23 Октомври“ за животно дело.
Познатиот македонски писател Раде Силјан за книжевното дело на Фејзи Бојку вели дека тоа се сложувалки во кои се слави радоста од секојдневните детски игри. Тие ја имаат моќта да ги обединуваат играта, љубовта, другарството и катадневните згоди и незгоди што ги доживуваат децата. Во нив пулсираат времето минато и времето сегашно. Всушност, тие ги отсликуваат ведрината и убавината на животот. Како редок посветеник на литературата за деца, овој писател создаде творештво со длабоки хуманистички пораки. Неговото творештво е препознатлив знак за добрината и за човечноста кај сите луѓе.
Фејзи Бојку досега ги објавил следните книги за деца: поезија за деца: „Првите цутови“ (1968), „Песни за буквите“ (1972), „Орото влезе дома“ (1974), „Боите на моето небо“ (1977), „Зборови и бранови“ (1987), „Здраво, есен“ (2002), „Што му подаривме на денот“ (2002), „Колку е часот?” (2002), „Избор песни“ (2002); раскази за деца и млади: „Септември на едно детство“ (на албански, 1973, во превод на македонски, 2001), „Раскази на татко ми“ (2006); раскази и песни за деца и млади: „Школски ѕвона“ (1971), „Бели пеперутки“ (1980, преведена на македонски под наслов „Џемпер“, 1981).

Подготвил: Ф.Д.


Да беше снегот…

Да беше снегот шеќер, сиот благ,
светот ќе беше слаткарница голема,
но ако јадевме благо секој ден,
за шеќерот ќе немаше потреба.

Да беше шеќерот млеко кравјо
не ќе молзевме овци или крави,
и млеко ќе имаше секаде без пари,
и по цел ден да пијат децата драги.

Да беше снегот брашно лебно,
орање и жнеење не ќе беше потребно,
најголемата погача бела
за сите гладни од земјата цела.

Да беше снегот памукче лесно,
сите ќе спиевме надвор на меко,
кревети и душеци не ќе баравме,
секој ќе спиеше под ведро небо.

Да беше снегот сладолед голем,
сите ќе баравме да биде само лето,
но, доста веќе снегот нека бега,
оти летото пред вратите нѐ чека.


Ние сме

Ние сме најмладата војска на светот
онаа мирновремената, спокојната
војска што се бори против вооружувањето
и што сака да ја избрише војната.

Нашите касарни се чудесни и убави,
тие се гнезда на мирот во природата,
а нашето оружје со моливите и тетратките
предвесници на среќни денови-слободата.

Ние сме најубавата војска на светот,
милиони деца-армија силна, бројна
што го крева гласот дури до небото
против угнетување и секаква војна.

Нашата облека е убава и шаренолика
со бои на виножитото и златни ѕвезди
ние сме темјанушки и трендафили
на нашите гради птицата се гнезди.

Ние сме најсилната војска на светот
што ја брише војната и сета голет,
ние сакаме, слободен, среќен, братски живот,
сакаме сино небо, сонце и вечна пролет.

Автор: Фејзи Бојку