Познатиот македонски писател Стојан Тарапуза на 29 декември ќе наполни 90 години!

В петок, на 29 декември, нашиот познат и омилен поет за деца Стојан Тарапуза ќе го прослави својот јубилеен деведесетти роденден. „Колибри“ посака и сега да биде најбрз и прв да му го честита роденденот на поетот чии песни и мудрословија се дел од нашите страници уште од самите почетоци.
Нема кој не ги знае стиховите на песните „Силата на зборовите“, „Цици бари“ и многу други од долгогодишното и многу богато творештво на Стојан Тарапуза. Првата своја стихозбирка ја објавил во 1961 година, а со книгата „Грејни сонце“, објавена во 1966 година, влегува во светот на литературата за деца, на која ѝ го посветува целиот свој живот до ден-денес. Се редат тука книгите: „Дамбара думбара“, „Под стреата на ѕвездите“, „Поглед низ двоглед“, „Зборови по дворови“, „Шарки жарки“, „Брзалки без врзалки“, „Сон на тркала“, „Мудрословија“, „Разденица“, „Везеница“…
Напишал и објавил педесетина наслови за деца, постојано менувајќи го и надградувајќи го својот стил, успешно ловејќи ги современите текови од развојот на децата, но и од развојот на литературата за деца.
– Творецот не би требало да влегува во клише, да се повторува. Тој би требало да наоѓа нови теми, можности, нови стилски дотерувања, да го вклучи детето во играта, песната да е во дослух со неговите желби, современа, едноставна, игрива… Ако не дојде до сето тоа, ако песната не е музикална, тоа нема да ја научи наизуст и да ја рецитира – вели Стојан Тарапуза во едно од своите интервјуа дадени за „Колибри“.
Застапен е во повеќе антологии на разни јазици, а негови песни досега се преведени на: руски, полски, чешки, словачки, романски, српски, хрватски и на словенечки јазик.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои се и: наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата „Ванчо Николески“ што ја доделува ДПМ за најдобра книга за деца во 2015 г., а трипати го добил признанието на Радио-телевизија Скопје за своето творештво. Неговите песни се објавени во читанките, застапен е во училишната лектира, а во 2011 година „Просветно дело“ ги објави неговите избрани дела во три тома.
До нашата редакција пристигнаа честитки од негови колеги, меѓу кои и од Бистрица Миркуловска, која на колегата Стојан Тарапуза му честита со хаику:

Јубилејна честитка

 

Твојот стамен лик
низ плодното творештво
век ќе векува.

А убави зборови за Тарапуза напиша и Васил Мукаетов:
„Драг пријателе, испраќам грст роденденски честитки до Тебе. Треба и ќе се пишува уште. Дочитање и среќно, со добро здравје!“, напиша Мукаетов.
И „Колибри“ најсрдечно му го честита роденденот на Стојан Тарапуза, посакувајќи му среќен почеток на десеттата деценија и уште многу книги за радост на децата!

Филип Димкоски


Детството е златно време

Детството е чудно време,
ниту спие, ниту дреме!
На најбрзи коњи јава,
на желбите глас им дава!

Има круна, трон од смеа,
и царство под сина стреа.
Сонцето е негов златник,
од ветрот е побрз патник!

Детството е златно време,
преполно со зрачно семе!
Колку вреди, секој знае,
но си оди – кратко трае!

Стојан Тарапуза