ЕВРОПСКО УНИВЕРЗИТЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО БОРАЧКИ СПОРТОВИ
- Македонската карате-репрезентативка стигна до среброто откако забележа четири победи и еден пораз
Македонската каратистка Јована Мицовска постигна голем успех на Европското универзитетско првенство во борачки спортови, кое вчера заврши во Тирана, Албанија. Членката на КК Макпетрол, во тежинската категорија до 61 кг, освои сребрен медал, откако во финалната борба загуби од претставничката на Турција, Нурбаде Бубер, со 1-3. Ова беше и единствениот медал што го освои македонската карате-репрезентација во мошне силната конкуренција, предводена од селекторот Бошко Заборски.
Мицовска стигна до среброто откако забележа четири победи во низа и еден пораз. Во првото коло ја совлада Италијанката Кјара Формисано (7-2), во второто беше подобра од Турчинката Ајсима Каракаја (4-2), во третото славеше над Португалката Изабел Франко (3-3), додека во полуфиналето беше поуспешна од Швајцарката Леа Мари Бошард (6-3).
Блиску до медал беа и Петар Заборски (до 75 кг) и Вукашин Јовановиќ (до 67), кои завршија на солидната петта позиција. Посебно незаслужено беше елиминиран во полуфиналето Јовановиќ од турскиот претставник, за што македонската делегација вложи и жалба, која, за жал, не беше усвоена. Па така, наместо за злато, Вукашин се бореше за бронзен медал.
Во Тирана учествуваа повеќе од 1.500 студенти – спортисти од околу 400 универзитети, кои се натпреваруваа во спортовите џудо, карате, таеквондо и кик-бокс. На карате-турнирот, пак, настапија 306 каратисти од 141 универзитет од 26 држави. Македонската репрезентација учествуваше со 10 каратисти, а ги предводеше селекторот на македонската универзитетска репрезентација, Бошко Заборски. Г.И.
































