Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од она што можеше да се види на ридот над селото Каратманово јасно е само дека се гради, а како и кога ќе биде завршено, тешко е да се процени. Во меѓувреме, некои од селаните водата од локалниот водовод ја користат само како техничка, а за пиење купуваат вода, додека некои нивни соседи пијат вода од селските чешми, за која тврдат дека секогаш била исправна, со што не се согласни сите. Но многу повеќе сомневања предизвикува глетката на неколкуте каптажи или бунари, како што ги нарекуваат, околу кои се вртат кокошки, гуски, јариња и магариња, но и обилно разлеани фекалии од расипаната канализациска шахта

ВО ОВЧЕПОЛИЕТО ВО 21 ВЕК СЕ ПИЕ ВОДА ОД ЧЕШМИ ОД ОСМАНЛИСКОТО ВРЕМЕ

Иако, според наводите од археолошката карта на Македонија, лежат на остатоци од римскиот водовод, селата распространети низ Овчеполието, во општината Лозово, во третата декада од 21 век, сѐ уште немаат стабилно снабдување со безбедна вода за пиење, а полека се трошат и повеќедецениските надежи на нивните жители дека нештата наскоро значително би можеле да бидат сменети. И додека многумина од нив трпеливо полнат пластични шишиња со вода од селските чешми, за кои велат дека биле изградени уште во турско време и со резерви покажуваат на запуштените бунари од, многу често, нефункционалниот локален водовод, изграден во осумдесеттите години од минатиот век, надлежните уверуваат дека се гледа крајот на нивните маки, бидејќи наскоро сите би требало да бидат приклучени на хидросистемот „Злетовица“, за што сведочат и одредени градежни активности на теренот.

Но самата глетка на Каратманово, прво село во кое застанавме на патот преку бујната овчеполска житница, како и сомничавите изрази на лицата на една група негови жители, кои гаснејќи ја жедта со пиво пред единствената селска продавница тврдат оти се сигурни само во тоа дека пред нив е уште едно долго жешко лето, ги актуализира познатите стравувања.
– Ја гледате ли оваа чешма, таа уште Турците ја направија и само оваа вода е добра за пиење. Нашите ајдуци знаат само да растураат и да крадат. Не им чини ниту тој водовод што го направија во бившата држава, ниту овој што сега го прават. Погледнете само какво тенко железо ставаат на новиот басен – револтирано објаснува човек што не сакаше да се претстави, а за кој подоцна ни рекоа дека е познат како „дежурен селски бунџија“, додека ги полнеше пластичните шишиња со вода.
Затоа, нашиот тамошен водич, пензионерот Раде Николов, нѐ одведе и до објектот во изградба, за кој претходниот соговорник рече дека е басен преку кој селото треба да биде приклучено на хидросистемот „Злетовица“. Од она што можеше да се види на ридот над селото, јасно е само дека се гради, а како и кога ќе биде завршено, тешко е да се процени.

Во меѓувреме, некои од селаните водата од локалниот водовод ја користат само како техничка, а за пиење купуваат вода, додека некои нивни соседи пијат вода од селските чешми, за која тврдат дека секогаш била исправна, со што не се согласни сите.
Но многу повеќе сомневања предизвикува глетката на неколкуте каптажи или бунари, како што ги нарекуваат, околу кои се вртат кокошки, гуски, јариња и магариња, но и обилно разлеани фекалии од расипаната канализациска шахта.

– Еве, видете го ова, и водоводните и канализациските цевки се распаднати и сега сето тоа тука се меша – покажува Николов на расипаната шахта, која од едниот бунар, сместен во дворот на селската црква, е оддалечена едвај 15, а од другиот нешто повеќе од 20 метри.

За илустрација на целата состојба, добро е да се потсети и дека токму ова село, во 2015 година, беше жариште на епидемијата на туларемија, а едно од објаснувањата беа најдените животински мрши во бунарите. Иако надлежните тогаш уверуваа оти заразата не била од водата, сепак, едно време имаше забрана за нејзино користење. Освен на, по сѐ изгледа, оправданите резерви во однос на безбедноста на водата за пиење, жителите потсетуваат и на нејзиниот недостиг, особено во летните месеци, како и на честите дефекти на мрежата.
– Водата од „Злетовица“ ја донесоа до главниот басен, над Лозово, кај Милино, но сега треба да ја спроведат низ селата, а, како што гледате, ќе треба и нова мрежа. Пред околу еден месец почнаа да го прават главниот басен за нашето село, а кога ќе го завршат, вака како што тргнаа, тешко е да претпоставиме. Во меѓувреме, мене ми е страв со оваа вода и рацете да ги измијам, па купувам вода, но има луѓе што не можат да си го дозволат тоа и пијат вода од чешмите, на што јас не се осмелувам – констатира Николов, насочувајќи нѐ кон следното село, Дорфулија.
Таму речиси идентична приказна.

– Го имаме стариот водовод, но летно време многу често снемува вода, па мора да точиме од селските чешми. Чекаме, еве, рекоа дека ја донесоа водата до Лозово – велат во Дорфулија, а истото тоа го повторуваат и во другите села низ општината, покажувајќи кон главниот басен над Лозово, до кој се стигнува по тешкопроодниот пат и покрај кој не можеа да се забележат никакви активности.

И додека ја чекаат водата за пиење, жителите на општината Лозово, која во последните две децении изгуби околу една петтина од своето население, но благодарение на многубројните промашени проекти, какви што се кружни текови и тениски игралишта, кои една од тамошните жени ги нарече бурлескни, можеби и многу повеќе стравуваат за своите насади и посеви, бидејќи до пред некој ден не им беше пуштена ниту водата за наводнување, а во сувите канали имаше само многу ѓубре и понекаде малку жабурнак.
Актуелниот градоначалник на Лозово, Бошко Цветковски, пред неколку месеци, во отчетот за првите сто дена од неговото работење, меѓу другото, се пофали дека е ставен во функција еден бунар во селото Ѓуземелци, кој ќе се користи за потребите на системот за водоснабдување, дека е во тек изградбата на примарна водоводна мрежа во Каратманово и дека е почната постапка за комплетирање на проектната документација за изградба на пристапен пат до пречистителна станица за вода од хидросистемот „Злетовица“.

Министерот за земјоделството, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, пак, на почетокот на март објави дека „се заокружува“ првата фаза од хидросистемот „Злетовица“, кој треба да обезбеди водоснабдување на повеќе општини, меѓу кои и Лозово.

– Со тоа ги завршуваме сите активности и влегуваме во распишување на постапките за втора и трета фаза со „Злетовица“. Тоа е уште еден нов и убав момент за целиот овој регион, бидејќи овој проект долго време беше заглавен низ административни, бирократски лавиринти, преговори, договори, нејаснотии, нерасчистени работи – рече Николовски.
ХС „Злетовица“, која во својата акумулација држи околу 23 милиони кубици вода, е проект направен со идеја да обезбеди вода за пиење за над 100.000 жители во општините Пробиштип, Кратово, Штип, Карбинци, Свети Николе и Лозово.
Информациите од теренот говорат дека Свети Николе, Кратово, Пробиштип и Штип веќе се снабдуваат со вода за пиење од хидросистемот, додека во Карбинци, исто како и во Лозово, се работи на примарната мрежа и на пречистителна станица.
Подготовките за изградба на овој систем започнаа уште во 2006 година, кога биле обезбедени кредит од Јапонската банка за меѓународна соработка и донација од јапонската влада. Во меѓувреме имаше и нови задолжувања за проектот, чија планирана прва фаза, барем според она што може да се види од теренот, сѐ уште не е завршена. Како следни фази, надлежните најавуваат реализација на систем за наводнување на земјоделските површини и за хидроенергетско користење на расположивиот воден потенцијал за производство на струја.

Д.М.М.

Фотографии: Маја Јаневска-Илиева