Кога бев ученичка: Славица Танеска, ликовна уметница
Денеска ќе прочитате за детството и ученичките денови на младата уметница Славица Танеска (26), која ја следиме од нејзината прва самостојна изложба во Охрид, како 12-годишно девојче. Таа е авторка и на стрипот „Марсо Марсоски“, кој заживеа на страниците на „Колибри“ и се објавуваше околу една година. „Марсо беше многу значаен за мене бидејќи преку него можев непосредно да им се обратам на децата за да им пренесам убави пораки“, вели Славица. Денес таа е асистентка на неколку предмети на Факултетот за арт и дизајн во Скопје. Таа дипломира како студентка на генерација на Факултетот за ликовни уметности, а набрзо и магистрира со просек 10. На 12 јуни ја отвори 10-та самостојна изложба „Ликови“ во галеријата „Ко-Ра“, на која се претстави со портрети во различни техники.
Прва средба со цртањето
Уште од најмала возраст главна преокупација ми беше цртањето. Бидејќи бев малечка, масата не ми одговараше баш најдобро за работа, па, така, си имав одбрано едно столче во кујната што ми беше маса. Најчесто бев клекната на колена или застаната покрај столчето и цртав. Најпрво ми купуваа тетратки и ми даваа пенкала. Тоа беше мојот работен прибор. Кога увидоа моите родители дека имам исцртано многу тетратки почнаа да ми купуваат цели топови со хартија А4 за да имам материјал за подолго време.
Кога почнав да одам на училиште првпат почнав да работам на блок, со бои и со четки. Особено ми беа интересни боите што се прелеваат. Воопшто не сакав прецизност и остри граници. Најмногу од сѐ сакав да цртам и да сликам луѓе што не се статични, туку изгледаат како да летаат. Цртав цели семејства, повеќе ликови, а најголем дел од нив беа женски фигури. Затоа си зацртав дека најдобро е да бидам модна дизајнерка, за да цртам такви фигури и како голема. Се сеќавам дека добив сугестија покрај моделите да пишувам и бројки – за која возраст се. Па така, еднаш кога нацртав еден многу убав модел мислев дека е за некоја убава голема девојка. Но не знаев на колку години се станува таква убава и голема девојка, па така напишав 12, верував дека тоа е голем број.
Учителката не го препозна талентот
Мојот талент најпрво го забележаа моите родители, кои постојано ме гледаа покрај тоа столче, особено мојот татко, дипломиран архитект, кој ми беше голема поддршка кога станува збор за цртањето. На училиште, пак, не наидов на таква поддршка туку, напротив, мојата учителка мислеше дека сум целосно неталентирана за сликарство токму поради разлеаните бои и разлетаните ликови. Дури тоа и го кажа пред целиот клас, што тогаш за мене беше крај на светот. Цртежот од тој час го фрлив, а потоа исплакав цело море солзи.
Сепак продолжив да цртам и да сликам, поддржана од домашните, кои ме убедија дека тоа се случило само од непознавањето на таа учителка за ликовната уметност. Најпосле, во петто одделение, добив наставник по ликовно што препозна дека сум талентирана за сликарство. Така многу брзо по почетокот на учебната година, токму на празникот Св. Кузман и Дамјан, добив покана за учество на детските Рацинови средби во Велес. Иако понудата беше дадена за утредента рано наутро, сепак јас и моите родители успеавме да се организираме и јас да заминам во Велес. Таму бев најмала од сите. Помнам дека тогаш не ми се допаѓаше многу мојата коса, па затоа решив цело време да носам розово капче. На неверување на многумина, таму бев препознаена како исклучителен талент и ја добив првата награда, со сликање на самото место со деца од цела Македонија.
Се редат успеси и награди
За мојата чинија со јаболка, помнам дека претседателката на комисијата Буба рече дека изгледаат како да тече сок од нив. Не ѝ се веруваше дека имам употребено толку слободно црвени и жолти бои.
Тоа беше огромен поттик да започнам многу да работам. Така, на 12-годишна возраст, познатиот уметник Славко Упевче прифати да се организира и да се отвори моја самостојна изложба. Токму на годините што како мала си ги зацртав како многу голема бројка. И тоа беше настан за неверување. Јас и моето семејство организиравме и се надевавме на голема публика од сто луѓе. На тоа мојот наставник по ликовно рече дека едно се очекувањата, а друго реалноста. И така и се случи или можеби малку поинаку. На изложбата дојдоа повеќе од 200 луѓе, видно возбудени и заинтересирани што направило едно многу талентирано дете. Исто така имаше и посебни гости од едно училиште во Словенија. За изложбата известија многу локални, но и национални медиуми, меѓу кои и додатокот за деца „Колибри“ во „Нова Македонија“.
Познатиот уметник Славко Упевче е еден од ретките личности што и денес се гордее дека токму тој прв ми даде шанса, за која сум му неизмерно благодарна.
Понатаму се нижеа награди и успеси… Секоја година прва награда на државно ниво за сликарство, освојување на сите награди на општинско ниво. Особена чест и задоволство имав уште од најмала возраст да учествувам на ликовната колонија „Дебрца“ – каде што уште како дете творев заедно со уметници од целиот свет. Еве, ќе ви откријам, и годинава учествувам на јубилејното 40-то издание.
Првенец на генерацијата во основно
На крајот, круна на сѐ беше наградата за првенец на генерацијата. Помнам дека таа се доделуваше по полуматурската прослава, која траеше до доцна во ноќта, така што наградата се додели некаде во 1 часот по полноќ. И иако беше толку доцна, морав да се јавам дома за да им кажам дека сум првенец на генерација, од моја страна ми беше многу непријатно што ги разбудив мама и тато, но тие ми рекоа дека се многу среќни и горди.
Така стигнав до нов предизвик. Што сега? Каде да продолжам? Единственото логично решение беше да се запишам во средното уметничко училиште во Скопје. Бидејќи сум единица, моите родители решија да се преселат заедно со мене. Така за нас почна нова етапа во животот. Тука научив многу работи, го усовршив цртежот, научив анатомија, сѐ за коските, мускулите, човечкото тело. Уживав работејќи со различни типови на бои. Среќна бев што учев со деца од разни градови од државата. Во прва година ја отворив мојата втора самостојна изложба исто така во Охрид, во центарот за култура „Григор Прличев“. На крајот од средното училиште реализирав самостојна изложба и во Скопје и издадов книга со цртежи „Траги на времето – низ 100 селски брсјачки градби во Македонија“.
Тековно низ годините учествував на многу групни изложби во земјава и странство, вкупно 70 досега, исто така бев дел од уметнички колонии и резиденции овде и во Франција, во Словенија и во Италија. Како асистентка на факултет се вклучив и во објавување стручни трудови и уметнички дела во меѓународни научни списанија, а учествував и на меѓународни научни конференции.
М.Т.