Фото: Игор Бансколиев

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во проповедта по литургијата во Белград, потенцираше дека процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија, во Истанбул, каде што на 12 јуни, на празникот Педесетница, ќе има литургија со вселенскиот патријарх, по што се надева дека и другите православни цркви ќе ја прифатат автокефалноста на МПЦ-ОА

Вчера и официјално во седиштето на СПЦ во
Белград потврдена автокефалноста на МПЦ-ОА

По првата заедничка литургија во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, на 24 мај годинава, кога српскиот патријарх Порфириј ја соопшти одлуката на Саборот на Српската православна црква (СПЦ) да се прифати автокефалност за Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), вчера одлуката беше и официјално потврдена во Белград. Патријархот на СПЦ, Порфириј, му го врачи томосот за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА на архиепископот Стефан, по заедничката архијерејска литургија, која ја служеа во Соборната црква во Белград, со владици од двете цркви. Одлуката за признавање на автокефалноста на МПЦ е донесена на заседанието на Светиот архијерејски собор во мај оваа година, а за неа гласаа сите 42 епископи на СПЦ.
Врачувањето на томосот беше проследено со громогласен аплауз од страна на присутните. По литургијата се обрати патријархот Порфириј.
– Денес по милоста Божја имаме можност да го крунисаме она што веќе постои меѓу нас, а тоа е единството. Ова единство беше нарушено во еден период. Македонската црква, Охридската архиепископија има не само услови туку и потреба да се организира како автокефалната црква, а тоа е најдобриот можен начин и метод за живот на нашите православни браќа и сестри во Северна Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку сослужувањето на литургијата во Скопје, денес го објавуваме и со документ што се вика томос – рече Порфириј.
Патријархот истакна и дека е многу среќен затоа што и Србите и Македонците во Македонија се среќни за автокефалноста на Македонската православна црква. Тој истакна дека црквата не може да биде и дека не е оружје за постигнување други цели.
Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во проповедта по литургијата во Белград, потенцираше дека овој настан е правда за Охрид, градот словенски Ерусалим.
– По оваа блага вест за МПЦ-ОА ќе се радува секоја верна македонска душа, а и верните меѓу братскиот српски народ, како и меѓу другите црквољубиви народи. Од вашите раце стигна радост за земјата просветена од Павловите слова, стигна правда за Охрид, древната наша катедра, за градот црква од цркви, за градот словенски Ерусалим, за градот што бдее над нашето минато, сегашност и иднина. Сега и Света Софија Охридска, врз кој се видливи сите наши лузни, од невремињата минати, ќе продолжи да биде храм на заедничките евхаристички радости, храм во кој ќе продолжи да се напластуваат љубовта и единството со сите православни цркви. Од денес, па натаму во овој ден преполн со дарови, веруваме дека со нови духовни сили ќе продолжиме да црпиме и ќе поттикнеме уште поголем духовен раст во животот на македонската архиепископија. Веруваме дека вашиот пример кон нас ќе го поддржат и другите сестрински православни цркви. Вие направивте чекор со историско значење, како за нашата црква и за целото православие – посочи во својот говор во Белград, г.г. Стефан.
Тој потенцираше и дека процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија, во Истанбул, каде што на Педесетница ќе има литургија со вселенскиот патријарх, по што се надева дека и другите православни цркви ќе ја прифатат автокефалноста на МПЦ-ОА.

Според некои од експертите за црковното прашање, признавањето на автокефалноста значи голема победа на македонската национална посебност. Некои од нив, пак, повикуваат на воздржаност и внимателно следење на постапките на Вселенската патријаршија.
Се разбира, како и во изминатиов период, прашањето за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА предизвикува огромно интересирање не само кај православните верници туку и кај сите Македонци во земјава и во светот. Очекувањата се неподелени дека в недела, 12 јуни, кога е договорена посетата на Вселенската патријаршија од страна на Синодот на МПЦ-ОА, ќе дојде до конечната разврска на вековниот проблем и дека на поглаварот г.г. Стефан, од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј, ќе му биде врачен томосот, што ќе значи и официјално признавање на нашата автокефалност од страна на сите православни цркви.


Архиепископот Стефан: Единствено Вселенската патријаршија издава томос за автокефалност

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во ексклузивно интервју за грчкиот дневен весник „То вима“, вели дека Охридската архиепископија ќе го почитува канонскиот поредок на православната црква и ќе бара томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, затоа што таа е единствената црква што по традициите и каноните издава таков документ.
Архиепископот г.г. Стефан очекува дека тој томос од Вселенската патријаршија ќе го прифатат сите помесни православни цркви. Во интервјуто тој потенцира дека целта на МПЦ-Охридска архиепископија не е да има експресни решенија што ќе ја постават црквата на половина пат измеѓу, туку вистинска автокефалност признаена од сите.
– Во православното предание има ред на работите. Ние се надеваме за автокефалија како што добија и од кого добија сите послехалкидонски цркви. Ниту бараме, ниту посакуваме, ниту заслужуваме експресни решенија, не сакаме нешто што ќе ја постави Охридската архиепископија на половина пат и измеѓу. Во подготвителните заседанија, но и со разговорите во Шамбези, беше поставено прашањето за начинот на доделување на автокефалноста, односно тоа да се одвива по пат на некаков сеправославен консензус и да биде потврдено од сите претстојатели на црквите. Вселенскиот патријарх беше многу снисходлив, откажувајќи се и од своите права, за, сепак, да се дојде општо задоволство и мир во меѓуправославните односи. Но тоа што се предлагаше не се договори конечно и не беше усвоено и прогласено за важечко правило со сеправославно решение. Остана да важи традицијата загарантирана од каноните, дека единствено Вселенската патријаршија издава томос за автокефалност, а другите цркви со почит го прифаќаат тоа – вели г.г. Стефан.