Од творештвото на писателот Томе Арсовски (според никарагванска бајка)
Во едно старо, дамнешно време,
кога и чудата не беа чуда,
– во долина речна
под планина дива во темнина вечна
живееше мало индијанско племе.
Ниту зракче златно од небесно платно:
сѐ црно беше и темно и матно –
и водата в река и домашен праг,
а луѓето гледаа ко бувот што гледа,
ко рисот што гледа во ноќниот мрак…
И гонеше така ловецот Кјави
дивокоза брза. И високо стаса
на сртот планински и потаму вјаса
низ шумата страшна – кон другата страна.
Глеј – огнена топка на небо се јави
па блесна модрото прекрасно небо,
а водата езерска како сребро светска
– со восхит го плени чудесната глетка!
Невидено лична девојка се смее,
ко ѕвончиња златни таа среќно пее…
Се врати тој брзо во вечната тама –
не верува никој, ни мудриот водач:
– Не, тоа го нема. Ти нешто си сонил.
Но Кјави знае: „Очиве мои
видоа друг свет! Имам силни нозе.
Мој дом се сите планини и шуми.
Пак таму јас одам. Не го сакам мракот!“
Кога го виде девојката пак
со радост му рече: „Не Кјави не сони!“,
а смеата сега сребрено – ѕвони…
– Во мојата земја – се натажи Кјави, –
небото е црно, воздухот е црн –
со мене дојди, моја лична срно,
им кажав за сонцето, за тебе им кажав
– не верува никој, си мислат ги лажев…
– Со тебе ќе дојдам, мој ловецу убав!
Но сонцето дење ни свети, а ноќе
кај водачот спие на нашето племе…
– Ти води ме таму! Другото е мое.
И сонцето Кјави таа ноќ го зеде,
со момето тајно дома си се врати.
И минеше време… но момето сега
запеа со тага: „Ах, срце ме стега,
на твоите луѓе ти сонце им најде,
на моите таму сонцето им зајде“.
– Вистина е, лична – со согласи Кјави. –
Но сонце кој видел над родниот праг,
тој не може веќе да живее во мрак!
Го обеси тогаш тоа златно сонце
на небото горе над планински врв
и оттогаш тоа штом ќе се јави –
ни истура зраци, а тоа се знаци
на радост што грее… Да, така се смее
невестата на Кјави…
Сончоглед
Деца, погледнете – цвет како сонце
раширил раце од златни зраци –
чудесен цвет – сончоглед!
Од срцето твое и мое ли никнал,
во крајот наш роден расте тој цвет,
насмеан, златен сончоглед!
Небаре сонцето горе –
се смее, се смее…
(Од книгата „Прва љубов, не е шега“)
За авторот
Томе Арсовски (1928 – 2007) е македонски поет, раскажувач, романописец, драмски автор и преведувач. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел над 30 години како драматург во Македонската радио-телевизија, а извесно време бил дел и од Културната рубрика на „Нова Македонија“. Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија, каде што членува од 1959 година. Во еден мандат бил и претседател на Македонската писателска асоцијација.
Автор е на голем број дела за возрасни, а во фокусот на неговите книги се современиот човек и неговите проблеми. Но напишал и роман за Климент Охридски – „Залезот над езерската земја“, според кој беше снимена и телевизиска серија.
Арсовски е автор и на десет романи за деца и млади, како и на две збирки поезија.
Добитник е на голем број награди и признанија, меѓу кои и на државната награда „11 Октомври“ за животно дело. За романот „Пролет зад мојот прозорец“ во 2002 г. ја доби наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ,за најдобра книга за деца.