- КФМ изразува уверување дека искуството, знаењето и меѓународниот авторитет на новиот селектор ќе придонесат за стабилност, напредок и јасна визија во натамошниот развој на македонската кошарка
Шпанскиот кошаркарски тренер Жозеп Мариа Берокал е новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија, кој доаѓа на местото на досегашниот селектор Марјан Илиевски, кој претходно поднесе оставка на оваа функција, соопшти Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Берокал е искусен шпански тренер со импозантно портфолио зад себе, со повеќе од 35 години тренерско искуство, од кои 21 година во професионалната кошарка, како и 14 години искуство во Евролигата, најелитното европско клупско натпреварување. Во својата богата кариера како главен и помошен тренер, Берокал има освоено вкупно 21 трофеј, меѓу кои и две титули во Евролигата, а работел во 13 различни национални лиги и девет држави, што го вбројува меѓу најискусните интернационални тренери во европската кошарка.
Неговиот професионален ангажман вклучува работа во врвни европски клубови како Барселона, Панатинаикос, Басконија, Макаби Тел Авив, Баерн Минхен, како и во повеќе национални првенства на највисоко ниво (Евролигата, шпанската AЦБ, лигите на Израел, Турција, Украина и други).
Берокал во својата досегашна кариера соработувал со некои од најголемите имиња во светската кошарка, меѓу кои се: Светислав Пешиќ Чави Пасквал, Душко Ивановиќ, Јоргос Барцокас, Велимир Перасовиќ, Одед Каташ и Гордон Херберт, што дополнително го потврдува неговиот стручeн и професионален кредибилитет, информира КФМ.
Покрај работата со сениорски екипи, Берокал има и значајно искуство во развојот на младите играчи, со 15 години работа во младинските категории, вклучително и освојување две шампионски титули во Шпанија со селекциите до 18 години. Неговата работа е препознаена како системска, дисциплинирана и насочена кон долгорочен развој на играчи и тимови. Ангажманот на Берокал претставува дел од стратешката определба на КФМ за подигнување на стручните стандарди, воспоставување јасен систем на работа и градење конкурентна сениорска репрезентација, во тесна поврзаност со младинските селекции. КФМ изразува уверување дека искуството, знаењето и меѓународниот авторитет на новиот селектор ќе придонесат за стабилност, напредок и јасна визија во натамошниот развој на македонската кошарка. Г.И.
































