Фото: Игор Бансколиев

Неодамнешната најава за отворање нов граничен премин меѓу Македонија и Албанија, во близината на Струга, одредени политички субјекти ја препакуваа во политички спин дека ќе бидат „отстапени 15 километри државна македонска територија крај западниот брегот на Охридско Езеро во корист на соседна Албанија“. Во прилог на тоа беше додадена и географска карта со заокружени локации, за граѓаните на Македонија посликовито да заклучат за која територија станува збор(?!). Стотици вознемирени граѓани се јавија во врска со „отстапувањето на македонска територија“, барајќи ја вистината за таа информација

Неодговорните изјави на политичките субјекти длабоко ги вознемируваат граѓаните

Општата политизираност на животното секојдневие сѐ повеќе зема замав. Секојдневниот живот станува жртва на политикантство, конструкции и инсинуации, па и класични клевети и лаги на адреса на политичкиот опонент. За леснотијата за изговорени или напишани измислици, смислени политички спинови и обвинувања, никој не презема одговорност, ниту пак некој е повикан на одговорност!
Таквиот амбиент на неодговорност за изјави, квалификации, оцени во јавноста не само што јасно го покажува дефицитот на витешката политичка борба со противникот туку уште повеќе и пошироко самите граѓани се ставаат во информативна заблуда, а со тоа се создава можност да се прават тешки манипулации со нивните чувства, мислења и ставови.
Со тоа се демонстрира една класична фалинка кај политичките лидери и партии: отсуство на принципи, морал и етика, во јавноста пласираат непроверени информации, а најголема штета им се прави на граѓаните, кои притоа ги ставаат во ситуација на информативен стрес, страв и штрек, предизвикувајќи многу поголема општоопштествена штета со несогледливи последици, деградирајќи го секојдневното граѓанско живеење.

Нема никакво отстапување државна територија или „размена на територии“

Се разбира дека ваквите информации за отстапување државна територија се далеку од реалноста! Од друга страна, пак, тоа е многу блиску до нашата реалност на лесно извртување на работите, искажување политички клевети и подметнувања, без да се води сметка дали тоа ќе предизвика вознемирување во јавноста.
Имено, неодамнешната најава за „отворање нов граничен премин меѓу Македонија и Албанија“, одредени политички субјекти го препакуваа и спинуваа со инсинуација за „отстапување 15 километри од брегот на Охридско Езеро од македонска страна во полза на албанската држава“. Во прилог на тоа беше додадена и географска карта со заокружени локации, за граѓаните на Македонија посликовито да заклучат за која територија станува збор(?!). Како последица на оваа информација, стотици вознемирени граѓани, повеќето од Струга, с. Радожда, с. Мали Влај, с. Калишта, а и од Скопје, се јавија во редакцијата во врска со „отстапувањето македонска територија“, барајќи ја вистината за таа информација. Поаѓајќи од јавниот интерес, а и стресот и вознемиреноста што ги предизвика ваквата информација кај поголема група граѓани, редакцијата побара и доби повеќе релевантни информации, кои целосно ја негираат информацијата за „отстапување територија на Македонија во корист на Албанија“. Во истиот контекст, во разговор со повеќе соговорници, професори, во врска со истата тема, дезинформацијата беше осудена како „уште едно средство за дополнително вознемирување на граѓаните и нивно разединување во функција на македонска општествена деградација“!

Не е прв случај на политички „игри без граници“

Во политичкиот амбиент на Македонија, последниве пет-шест години обременет со идентитетско-национални предизвици, кои лесно допираат и до гласно и јавно поставување прашања за стабилноста на државниот суверенитет, секакви инсинуации за територијални отстапки или размена на територии, претставува долевање масло на огнот, полеан по линијата на општествените поделби. Дури и во контекст на несериозна шега (што често се користи како оправдување за избегнување одговорност за објави на социјалните мрежи), имплицирањето за загрозување на територијалниот интегритет на државата може да има сериозни контраефекти.
Прашањето за загарантираност на границите на државата и нејзиниот територијален интегритет е основа на концептот на меѓународното право. Нарушувањето на тој концепт речиси секогаш е причина за меѓународен конфликт, а „доброволното“ отстапување или размена на територии од одредени политички фактори (па дури и да се на власт) се третира како чин на велепредавство. Но и поигрувањето со инсинуации за велепредавство предизвикува вознемиреност во јавноста, дури и ако во нив брзо биде препознаен сензационализам со мотиви на политички опортунизам.

Сериозна реакција и на политиколозите, психолозите, социолозите…

Релативизацијата на одговорноста (или, поточно, немањето никаква одговорност) за искажаниот збор, под императивот на политичката амбиција на некој начин да се биде дел од власта, веќе ги поместува границите на вистината кон сензационализмот и изведување заклучоци во кои главен аргумент најчесто се теории на заговор. Притоа, во вжареноста на политичката амбиција сосема се запоставува (или можеби токму тоа е целта) ефектот на вознемирување на јавноста со волунтаристички, неаргументирани теории за одредени политички чекори или државни иницијативи. Контаминирањето на комуникацискиот простор на социјалните мрежи со паушални и неодмерени изјави, наменети првенствено за дискредитација на идеите и активностите на политичките конкуренти, сепак има поголемо дисперзирачко влијание и врз корисници што можеби не биле директна целна група на објавата – граѓаните! Без разлика на крајниот ефект, дали е препознаена како паушална или поминала незабележано одредена објава на одреден политички чинител на социјалните мрежи, одговорноста спрема јавноста за изнесување полувистинити конструкции и претпоставки мора да биде законски регулирана.
Анахроните политички решенија на (и за) Балканот од пред повеќе од еден век за размена на територии и население, колку и да се прогласени за неприфатливи и спротивни на меѓународното право, и понатаму како некаков злодух извираат од „волшебните ламби“ на политичките манипулатори. И покрај сѐ уште свежите сеќавања од регионот, од 90-тите години на минатиот век за крвавата разврска на поигрувањето со идеите за размена на територии (всушност еуфемизам за приграбување територии), одвреме-навреме, тие воскреснуваат како „пробни балони“ на неинвентивното политичко подземје, но и како сензационалистичко подметнување за политичките конкуренти. Колку и да се примамливи освојувањето на власта и желбата за политичка доминација, колку и да се релативизирани принципите на политичката конкурентност, одговорноста пред јавноста за искажаното на политичките субјекти, на каков и да е медиум, мора да биде задолжителен критериум за нивната политичка релевантност.

Ј.П.