Патувањето во Сетенил де лас Бодегас во Шпанија може да биде вистинска авантура за лицата што страдаат од клаустрофобија. Имено, оваа необична населба е изградена од локалниот камен како градежен материјал. Но најинтересно е тоа што поголемиот дел од каменот не бил поместен од местото.
Сместено во прекрасната покраина Кадис, ова место е едно од белите села на Андалузија, познати по белината на куќите што се издлабени во карпи.
Еден од најфасцинантните делови на градот е големата карпа што, всушност, е цел блок од бели куќи, каде што е доста студено во текот на летните месеци. Над карпата се изградени уште куќи, па градот има слоеви на домови одделени со природни карпи.
Иако има само 3.000 жители, Сетенил де лас Бодегас одиграл важна улога во историјата на Шпанија. Постојат записи за луѓето што живееле тука пред 2.000 години, кога локацијата ја зазеле Римјаните.
Местото почнало да се развива во 12 век, кога го зазеле Маорите, кои ги користеле стрмните карпи како природно засолниште. Студениот камен помага во текот на летото температурата да биде доста пониска од надворешната, па затоа постудените делови се користеле како фрижидери за чување на храната. Освен заради уникатните куќи и обновениот дворец Назраи, тука се доаѓа и заради врвното вино и вкусните специјалитети, особено оние од месо и сирење, како и заради портокалите што растат во овој крај. Овој шпански бисер, скриен во ридовите на Андалузија, е вистински туристички феномен што доаѓаат да го видат посетители од сите страни на светот.