Ученици од неколку училишта од Кочанско создадоа ѕиден календар за 2026 година
Инспирирани од промените и од радостите што доаѓаат од сите дванаесет месеци во годината, учениците од неколку училишта од Кочани и Кочанско создадоа поетски и ликовни дела, кои ги има во годишниот ѕиден календар на ЈОУ Библиотека „Искра“ за 2026 година.
Учениците, под менторство на предметните наставници по македонски јазик и по ликовно образование, за секој месец во годината креираа прекрасни цртежи и поетски творби. Па, освен за бележење на деновите, овој календар наедно ќе биде и потсетник на креативноста и талентот на учениците.
– ЈОУ Библиотека ,,Искра“ – Кочани втора година по ред го реализира проектот „Секој месец инспирација за поетска и ликовна креација“, во соработка со основните училишта од општините Кочани, Оризари и Зрновци. Добивме прекрасен резултат, кој произлезе од претходно реализираните литературна и ликовна работилница во просториите на библиотеката – рече директорката Кристина Ѓорѓиевска Атанасова.
Во оваа проектна активност се вклучени училиштата: ,,Раде Кратовче“, „Св.Кирил и Методиј“, „Малина Попиванова“ и „Никола Карев“ од Кочани, „Синиша Стоилов“ од Зрновци и „Крсте П. Мисирко“ од Оризари.
Целта на проектот пред сѐ е да се поттикне инспирацијата кај младите да творат и да бидат креативни. Активноста беше заокружен со средба на која се дружеа ученици од сите училишта со читање на своите авторски поетски творби. Имаше и изложба на ликовните творби, инспирирани и посветени за секој месец од годината.
Бидејќи се наоѓаме во првиот месец од 2026 година, ви ја прикажуваме првата страница од овој креативен календар, збогатен со песната „Убавините на јануари“ од ученичката Магдалена Стојменова, со фотографија на ученикот Стефан Коцев и ученици во ООУ „Кирил и Методиј“ во Кочани.
Ф.Д.

































