Фото: Зоран Велков

Бесплатно зимување во одморалиштето „Михајлово“ на штитениците од
Центарот за поддршка во учењето од ОУ „Страшо Пинџур“ во Кавадарци

Одморалиштето „Михајлово“, сместено во пазувите на планината Кожув, оддалечено само 35 километри од Кавадарци, во текот на целиот зимски распуст беше полно со деца што сакаа да уживаат во зимските спортови и игри на прекрасните терени на новиот ски-центар што го носи истото име. И овие денови, кога имаме нови снежни врнежи, големи групи од по 150 деца од сите основни училишта од Кавадарци, како и ученици од гимназијата, реализираат еднодневни екскурзии до ски-центарот „Михајлово“. Седма година по ред, по завршувањето на распустот, гости во одморалиштето се и учениците од Центарот за поддршка во учењето од ОУ „Страшо Пинџур“, заедно со нивниот наставник Зоран Велков. При посетата на одморалиштето можевме да ги забележиме нивната голема радост, сплотеност и прекрасна дружба, која беше збогатена и со фолклорни работилници под менторство на етнокореологот Методи Глигоров.
– Првото зимување на децата од посебните паралелки го реализиравме во 2020 година, во соработка со Американскиот мировен корпус, кој го финансираше престојот во одморалиштето. Уште при првиот престој можевме да ги почувствуваме бенефитот од организираното зимување и радоста што ја предизвикува кај децата, па затоа наредната година, во соработка со домот на културата „Иван Мазов Климе“ и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, го реализиравме наредното зимување. Годинава по седми пат се организира зимувањето, кое исто така е надополнето со фолклорни работилници, од кои во изминативе неколку години произлегоа многу добри иницијативи и предлози за заеднички проекти на децата од Центарот за поддршка во учењето и децата во инклузивното образование и фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ при домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Еден од најзначајните проекти беше фестивалот „Фатени за рака го менуваме светот“, во кој беа вклучени деца од четири града заедно со локалните фолклорни ансамбли – вели Зоран Велков, дипломиран дефектолог во ОУ „Страшо Пинџур“.
При посетата на овие деца на одморалиштето „Михајлово“ можевме вистински да се увериме во нивната голема сплотеност и радост во дружењето и секојдневните активности. Колку и да се бараат зборови никогаш нема да се најдат вистинските што на најубав начин ќе ги опишат радоста и задоволството што се заедно некаде на друго место од нивниот дом. Овде, во Михајлово, нивната среќа се множи повеќекратно, за што сведочат и нивните насмевки и среќните лица.

Ми. М.