Софија бара начин да им ги одземе енергијата, ентузијазмот и патриотизмот на противниците на францускиот предлог во Македонија. Според дипломатски извори од Софија, во бугарското МНР, тивко, но интензивно се бараат начини и се прават калкулации како Софија да направи „ефикасен политички вентил за издишување на енергијата на противниците на францускиот предлог во Македонија“ и да ги „разоружи“ граѓаните, кои прават сѐ поголем вонинституционален притисок. Исто така, со овој дипломатски маневар со кој сѐ уште Софија калкулира, таа смета дека „ќе се затапи сечилото на позициите на некои од тврдокорните политички лидери во Македонија, кои имаат непоколебливи ставови“ дека „нема да дозволат уставни измени по никоја цена“!

Софија размислува за дипломатски маневар заради постигнување на својата тежишна цел

Високи дипломатски извори брифираат дека Бугарија е подготвена на уште еден длабоко промислен итар дипломатски маневар со (засега) „повлекување на предлогот Бугарите да влезат во македонскиот устав“. Зошто Софија размислува да повлече ваков потег?
Накратко, според образложението на нашите соговорници, „за да издише отпорот во Македонија и многу полесно да помине потпишувањето на францускиот предлог, што практично претставува бугарска тежишна точка на интерес“.
Со согласноста и евентуалното прифаќање на францускиот предлог од македонска страна, всушност, се постигнува и вистинската цел на бугарската страна, по што сите други услови на Софија (со поддршка на ЕУ) за понатаму многу лесно би поминувале, бидејќи со францускиот предлог се заокружува и затвора формалноправната рамка каде што се стипулирани сите бугарски барања.

Политичко-дипломатски максимализам, а потоа божем заемна согласност и европеизам

Додека во Скопје, институционално и вонинституционално се води борба за (не)прифаќање на таканаречениот француски предлог, во Софија, освен напорите за составување нова влада што, најверојатно, ќе се сведат на уште едни предвремени парламентарни избори, според дипломатски извори, во бугарското МНР, тивко, но интензивно се бараат начини и се прават калкулации како Софија да направи „ефикасен политички вентил за издишување на енергијата на противниците на францускиот предлог во Македонија“ и да ги „разоружи“ граѓаните, кои прават сѐ поголем вонинституционален притисок. Исто така, со овој дипломатски маневар, со кој сѐ уште Софија калкулира, изворот смета дека „ќе се затапи сечилото на позициите на некои од политичките лидери во Македонија, кои сѐ уште се тврди со ставовите дека нема да ги дозволат уставните измени по никоја цена“! Поаѓајќи од фактот дека веќе „уставните измени како став влегоа во агендата на некои политички лидери и стануваат приоритет да ги спречат“, на овој начин и со овој бугарски маневар, како што тврдат бриферите, Софија смета дека „на одредени македонски политички лидери би им ги одзеле адутите на нивниот отпор“.
Дипломатско-политичката итроштина на Софија, Европа би ја сметала како уште еден добронамерен добрососедски потег на Бугарија и обид за релаксирање на наелектризираните состојби во Македонија и нивен демократски придонес за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Дали со барањето на Софија за влегување на Бугарите во македонскиот устав имплицитно таа признава дека постојат македонски народ, јазик, култура и историја

Со гореспоменатиот дипломатски маневар, според нашите извори, Бугарија пред Европа и пред светот ќе се прикаже како конструктивна страна во спорот. Но поранешни македонски дипломати додаваат уште едно размислување. Со самото барање за внесување на граѓаните што се изјаснуваат како Бугари во Македонија и да бидат признаени како „народ и внесени во македонскиот устав“, всушност се признава, па дури, како што вели нашиот дипломатски извор, и се потенцира разликата помеѓу двата народа, која токму бугарската страна цело време ја оспорува. Во преамбулата на македонскиот устав има и дел што се повикува (на традициите на македонскиот народ) со Крушевската Република, така што тоа никако не се поклопува со барањата на Софија дека македонскиот народ постои, но само од 1944 година. Во таквиот контекст, според толкувањата на нашите соговорници, вистинската цел на евентуалното повлекување на барањето „Бугарите да влезат во Уставот“ е всушност импликацијата дека македонскиот народ постои и тоа далеку пред 1944 година.
– Некој таму очигледно сфатил дека со самото нивно барање граѓаните на Македонија, кои се изјаснуваат како Бугари, да бидат признаени како посебно малцинство и внесени во македонскиот устав, всушност се признава, па дури и се потенцира разликата помеѓу двата народа, која токму бугарската страна цело време ја оспорува. Сега, откога станаа свесни за овој автогол, бараат начин како елегантно да се извлечат од ситуацијата, но сето тоа дополнително се комплицира поради неможноста да се состави нова влада, така што барањето сѐ уште не е официјално дефинирано, што не значи дека тоа нема да се случи во последен момент – објаснува нашиот дипломатски извор.

Варијабла за „пазарење“

А дали овој услов од почеток бил даден како варијабла за пазарење, со цел да се протуркаат другите суштински бугарски барања, по што „измените на Уставот би биле многу полесни?!“
Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, вели дека тоа би било „невиден маневар“.
– Од мој агол, такво нешто, по сето она што се случуваше досега и откако предлогот помина во бугарскиот парламент, не би можело да се случи. Тоа би било невиден маневар, кој во овој политички момент, никој од тамошните политички чинители не би можел да си го дозволи зашто повеќето од нив своите рејтинзи ги градеа делумно и на ова прашање – категоричен е Ѓорчев.
А на прашањето дали тоа, доколку сепак се случи, би ја „размекнало“ македонската страна, тој е уште покатегоричен.

– Никако не би смеело да нѐ задоволи такво нешто. Дури и без тој услов, сѐ друго е толку многу проблематично за нас што воопшто не би смеело ниту да се навлегува во преговори по овие прашања и тука доаѓа до израз штетноста на договорот од 2017 година – објаснува тој.
Самата најава за можното ретерирање на бугарската страна, според него, повеќе би можела да се смести во актуелниот внатреполитички контекст во Бугарија и тамошните меѓусебни борби помеѓу проруските и прозападни сили.
– Ако сето тоа е со цел дополнително да се дестабилизира внатрешнополитичката состојба во Бугарија или некоја од тамошните политички групации, тогаш сѐ е можно – вели тој.

И во таквата нестабилна политичка ситуација, Народното собрание на Бугарија, кон крајот на минатиот месец, по повеќепати прегласување, со 170 гласа „за“, 37 „против“ и 21 воздржан го одобри францускиот предлог со четири услови за деблокирање на евроинтеграцискиот пат на Македонија. Тие се: ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, гаранција за правата на Бугарите во Македонија преку нивното вклучување во Уставот и европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети.
Предлогот беше доставен на самиот крај од француското претседавање со Европската Унија, како обид да се тргне ветото на преговарачката рамка за Македонија, што Бугарија го стави на самитот на ЕУ во ноември 2020 година за да ги издејствува споменатите отстапки.

Д.М.М.