Од книгата „Низ сончевиот пат на македонската азбука“ на писателот Наум Попески

А
Сите знаеме дека
еден и еден се два,
а во азбуката наша
првата буква е А.
А е како мал
школски автобус,
неколку ученици и возачот плус.

Б
Б е како Г
ама е за грев,
од јадење многу –
има голем мев.
Баба вози „буба“,
добра, ама стара,
денес појде на пазар,
бабури да бара.

В
Сега напиши тројка,
пред неа црта стави,
таква е буквата В
и така таа се прави.
Крај изворот во Вевчани
кога бевме ние,
видовме верверичка вода кај што пие.

Г
Г е следната буква,
таа ни дава ни зема,
слична е како Б –
но Г стомаче нема.
Со Г се пишува грозје
Горан што го голта,
има црвена боја –
а има и жолта.

Д
Д личи на капче
на главата што се става,
кога ќе дува ветер
ти чува уши и глава.
Д е и како дуња
за компот во зима,
а колку е вкусна,
знае тој што има.

Ѓ
За Ѓ што да ви кажам,
да знаат вашите глави,
секој од вас на Г
запирка нека стави.
На Ѓурѓовден Ѓурѓа
си посака, ете,
во ливада цветна,
ѓерданче да сплете.

Е
А буквата Е
се пишува лесно,
една права црта
и три други десно.
За Нова година
убавата Елена,
ќе накити сама
една елка зелена.

Ж
Ж е како жаба
од штрк кога бега,
па сака да скокне
над два речни брега.
Но, жаба е жаба,
скокот ѝ е мал,
па наместо на брегот –
скокнала во кал.

З
А буквата З
ми личи на тројка,
ама З е буква,
a тројката – бројка.
Здравко здрава храна
знае сам да делка,
а Зајко Долгоушко
многу,,делка“ зелка.

Ѕ
Еве го и Ѕ,
но нека извини,
ми личи на патче –
што фаќа кривини.
Ѕвездите на небото
што трепкаат везден,
вечерниот поглед –
ми го прават ѕвезден.

И
Две пратчиња простум
намести ги ти,
но буквата И –
се прави со три.
Мојот другар Илија
е роден на Илинден,
Втори август за него –
е празник и именден.

Ј
За буквата Ј,
јас пример ти давам,
бастунот на дедо ти –
сврти го на глава.
А со Ј и Јана,
јаготки си јаде,
но ни една јаготка –
не сака да даде.

К
Како да ви кажам
секој да ме слушне,
К е кога мама –
иде да те гушне.
Од Кратово Крсте
многу круши сака,
сам ги бере крушите –
со својата рака.

Л
Л личи на левак
кога става сопка,
а тоа се прави,
кога играш топка.
Л е и лубеница
голема и зрела,
баш таква би сакал
да изедам цела.

Љ
Љ е како лонче
паднато на глава,
или како слонче
удрено со тава.
Во ливада цветна
една пролет минав,
крај изворот видов
љубичица сина.

М
М се две единици
фатени за рака,
па секаде заедно –
шетаат така.
Со М е и мама
многу што ја сакам,
ме милува нежно
со својата рака.

Н
Н има две линии
а третата мала,
лежи во средина –
во хоризонтала.
Настинат сум веќе
не знам што ќе стане,
велат добро било
чајчето од нане.

Њ
А Њ ми е чудно
многу интересно,
ми личи на шолја –
со рачката десно.
Такви шолји има
и во Њујорк, нели?
Во секакви бои –
црвени и бели.

О
О е како топка,
округла и мека,
поиграј, но гледај –
да не падне
в река.
О е како Охрид
град на Наум
и Климент,
секогаш со гости – и лете и зиме.

П
А буквата П
личи на статива,
во некоја ливада –крај некоја
нива.
Кога има
фудбал
и публика има,
еден дава
голови –
а другиот прима.
Р
Р е како рака
лева или десна,
или како река
низ клисура тесна.
Јаболката ресенски
ги има во Ресен,
без Р ќе се есенски
а пак Ресен – есен.

С
С е како ѓеврек
некој што го гризнал,
ама тој што гризнал
никогаш не признал.
С е како среќа,
како сонце зрачно,
денот да е светол
кога ни е мачно.

Т
А буквата Т
баш е едноставна:
една права линија
а над неа рамна.
Т е како торта
чоколадна слатка,
за миг што се јаде –
по „постапка“ кратка…

Ќ
На буквата Ќ
сега дојде ред,
една пчелка ставила –
на К капка мед.
Мене ќебапчињата
како што е ред,
многу ми се вкусни
повкусни од мед.

У
У личи на чатал
со кој прават тегнало,
мавале на зајаче –
ама им побегнало.
У е како училиште
знаење што дава,
убаво е кога –
имаш умна глава.

Ф
Ф е како фурка
во куќата полна,
за дечиња, внучиња
се предела волна.
Без Ф фудбал нема
а тоа не е можно,
фудбалот се игра –
другарски и сложно.

Х
Х е како штипка
алишта што чува,
да не летнат негде –
ветер кога дува.
Како што е Х
некој штом те праша:
– Х е како химната
македонска, наша!

Ц
Ц е како П
што стои на глава,
една мала цртичка
од десно се става.
Ц е како Цвета
како мајски цвет,
како лека пеперутка
во најубав лет.

Ч
Еве го и Ч,
како чардак мал,
сонува тераса –
но нема, за жал.
Чичо чоколадо
извади од торба,
мене ми го даде
тој си сркна чорба.

Џ
A буквата Џ
со опавче кратко,
многу сака џемче –
или друго слатко.
А пак едно врапче
на покривот сив,
везден само џивка:
– Џив, џив, џив, џив, џив…

Ш
Ш личи на Е
на грбот што легнало,
на крајот од азбуката
тоа се оптегнало.
Потоа се сетило
и си рекло: – Ах!
Дали сака некој
да играме шах?


Де­не­ска наш го­стин е На­ум По­пе­ски, поз­нат пи­са­тел за де­ца, кој из­вес­но вре­ме бил и уред­ник на до­да­то­кот за де­ца што во мо­мен­тот го др­жи­те в ра­ка, ва­ше­то „Ко­ли­бри“, на чии стра­ни­ци кон­ти­ну­и­ра­но об­ја­ву­ва­ме не­го­ви твор­би.
Не­по­сред­но по од­бе­ле­жу­ва­ње­то на 24 Мај, Де­нот на сес­ло­вен­ски­те про­све­ти­те­ли Ки­рил и Ме­то­диј, ја об­ја­ву­ва­ме не­го­ва­та аз­бу­ка низ сти­хо­ви, об­ја­ве­на во кни­га­та „Низ сон­че­ви­от пат на ма­ке­дон­ска­та аз­бу­ка“, во ко­ја авто­рот ги опеа бу­кви­те од ма­ке­дон­ска­та аз­бу­ка. За се­ко­ја бу­ква има пес­на, ко­ја е со мал ху­мор и во ри­ма.
– Ова де­ло ќе ги прив­ле­че на­ши­те нај­ма­ли да ја на­у­чат ма­ке­дон­ска­та аз­бу­ка на еден ин­те­ре­сен и ве­сел на­чин – ве­ли авто­рот По­пе­ски.

Илустрација: Живко Поповски – Цветин