Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според статистичкиот просек на инциденти предизвикани од напад на кучиња скитници над граѓани, станавме земја што има реален проблем со улични агресивни кучиња. Иако регистрираме различни облици и форми од страна на надлежните да го решат овој проблем, секојдневните натписи во медиумите потврдуваат дека граѓани завршуваат нападнати насекаде во земјава и дека проблемот се продлабочува. Оттука, интересна е граѓанската иницијатива за еден вид превенција на проблемот, односно едукација на населението во поглед на избегнување и заштита од нападите. Дали постојат одредени инструкции за тоа како да постапиме доколку се најдеме во ситуација во која постои потенцијална опасност од напад од куче?

Сѐ поголема е бројката на кучиња скитници што завршуваат на улиците поради повеќе причини, меѓутоа дел од одговорноста се крие и кај несовесните сопственици и нелегалните одгледувачници. Како последица на тоа расте и бројката на луѓе што поради одредени околности биле нападнати од куче скитник. За жал, сѐ поретки се оние случаи во кои граѓаните поминале без никакви последици, напротив, повредените често завршуваат со рани што бараат медицински третман, по што пријавуваат во МВР, а потоа поднесуваат и барање за обесштетување. И таквата ситуација се врти во круг…

ЕКСПЕРТСКО МИСЛЕЊЕ

За земја што има реален проблем со улични агресивни кучиња, за што говорат секојдневните натписи во медиумите за граѓани што завршуваат нападнати насекаде во земјава, многу е важно да се реализира и едукација на населението во поглед на заштита и превенција од напади. Оттука се поставува прашањето дали постојат одредени инструкции за тоа како да постапиме доколку се најдеме во ситуација во која постои потенцијална опасност од напад од куче.
Експертите што се занимаваат со тренирање кучиња и кои имаат долгогодишно искуство во оваа проблематика велат дека најголемо внимание треба да се посвети на превенцијата.
– Превенцијата од напади е она на што треба да обрнете внимание, бидејќи напад понекогаш може да се случи дури и додека го галите кучето. Или не сте му обрнале внимание на кучето, или сте се приближиле премногу, или на некој начин сте го испровоцирале. Ако кучето лае по вас, треба да застанете, да се движите кон него, макар и неколку сантиметри и да покажете дека не се плашите. Во таа ситуација треба да се опуштите, бидејќи ако почувствува дека се плашите, може да помисли дека сте плен и да тргне во напад – смета тренер на кучиња што сакаше на оваа тема да говори анонимно поради сензитивноста.
Според него, доколку превенцијата не го даде посакуваниот резултат, што значи дека самиот напад се случил, професионалниот дресер на кучиња вели дека нема многу време за размислување за акции.
– Тогаш нема многу правила, тоа е исто како кога ненадејно ќе ве нападне човек, реагирате инстинктивно, да се спасите и да поминете со што е можно помалку последици. Ако ве касне куче, тогаш, во тој момент можете да се обидете да го удрите во пределот на стомакот, бидејќи таму се почувствителни – рече тој.
Но најважно од сѐ е да избегнувате близок контакт и оддалеку да забележите дека куче, група кучиња или цела глутница е на патот или во близината на насоката во која се движите. Тогаш превентивно треба да подзастанете или да ја смените насоката и одоколу да ја избегнете потенцијалната опасност.

ПОСТОИ ЛИ ЕДИНСТВЕНО РЕШЕНИЕ?

Српскиот меѓународен судија за кучиња д-р Ненад Милојевиќ, исто така, има свое видување на проблемот.
– Да се ​​одбраните од куче во моментот на каснување, без разлика на големината на кучето, зависи од многу фактори – колку сте обучени и способни, колку сте концентрирани, дали имате пригодна алатка или не… положбата фетус, во која лежите склупчени како еден начин на самоодбрана е делот што најмногу нѐ штити од повреди. Тоа е положбата во која сме целосно свиткани – вели тој.
Според него, тешко да се даде едноставен и конкретен одговор што да се преземе кога куче ве брка, бидејќи ситуациите се различни.
– Многу е тешко да се одговори на тоа прашање. Една од работите е да се наведнеш како да ќе земеш камен. Се разбира, за сите оние кучиња што имале негативни искуства со тоа, таквото дејствување може ќе помогне, но, што ако кучето е агресивно и избегало од нечиј двор? Можеби уште повеќе ќе се налути и вашето дејствување нема да има никаков ефект – смета добриот познавач на кучињата.
Постојат и спрејови (600-1.000 денари) што ефикасно дејствуваат против агресивните напади на кучињата скитници, т.н. бибер-спрејови, или распрскувачи на материја што ќе ги одврати кучињата, а притоа нема да им нанесе трајна штета, туку само ќе ги одврати од нападот. Има различни варијанти на спрејови распрскувачи (со млаз или магла), што прскаат широко, но не далеку, млаз што прска далеку (до пет-шест метри), што е тенок и концентриран во една точка, но е потешко да се „нанишани“ во правец на агресивното куче, бидејќи тоа не стои во едно место.
Уште еден уред е интересен, кој може да се набави и на нашиот пазар. Тоа е мал електронски уред што користи технологија на ултразвук. Уредот произведува звук што не е штетен за кучињата (ниту за луѓето), но од него кучињата се плашат и бегаат. Дава звук од 180DB што човечкото уво не може да го открие. Според соговорниците, ултразвучната одбрана од напади од кучиња е целосно хуман начин за растерување и одбрана од агресивни животни. Ефективниот опсег е околу пет-десет метри, а оние што го користеле тврдат дека веднаш по вклучувањето на ултразвучниот уред за кучиња, сите кучиња веднаш се повлекуваат и се оддалечуваат од изворот на тој иритирачки звук. Истиот тој на нашиот пазар чини околу 1.000 денари.

ОПШТОПРИФАТЕНИ ПРАВИЛА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НАПАД

Сепак, во науката и праксата, постојат општоприфатени правила за тоа како најдобро да се заштитите од напад на куче и како да постапите доколку се најдете во таква ситуација. Не е лошо да се знаат, бидејќи никогаш не се знае кога можат да притребаат.
– Најважно од сѐ е да не паничите. Кучињата ја чувствуваат паниката. Тие го чувствуваат човечкиот страв. Особено ако врескате, мавтате со рацете или бегате во напад на страв, можете да ги активирате неговите инстинкти и да го испровоцирате да нападне.
– Бидете смирени и бавни. Ако наидете на куче што трча кон вас, најлошо што може да направите е и вие да трчате. Намалете ја брзината и одете полека. Свртете се и одете во спротивна насока од кучето, но внимавајте на него. Уште подобро е да останете неподвижни со опуштени раце од телото, бидејќи тогаш кучето ќе изгуби интерес.
– Никако не гледајте го во очи. Директниот контакт со очите може да ја зголеми напнатоста на кучето. Гледањето во очи може да се толкува како предизвик. Имајте го во видикот, но избегнувајте да гледате директно во него. Ова ќе сигнализира дека не сте закана, а тоа, најверојатно, ќе се сврти и ќе си замине.
– Ако кучето продолжи да се однесува агресивно, свртете се кон него, избегнувајќи контакт со очите и наредете му да си оди. Користете силен и самоуверен, но не и висок тон на гласот. Најефективните команди се „не“ и „назад“ со силен тон. Кучето ќе се исплаши и ќе си замине.

[email protected]