Наспроти многубројните пораки од американскиот Стејт департмент, но и од европските лидери дека билатералните разлики меѓу Македонија и Бугарија не смеат да бидат услов за нашата евроинтеграција, и понатаму најголема пречка на Македонија на патот кон ЕУ се токму билатералните прашања наметнати од Бугарија. Но, за среќа, САД ја прават разликата во меѓународното право, правилата и принципите во меѓународните односи и преку својот Стејт департмент, со дипломатски пристап, недвосмислено укажуваат и порачуваат и кон Софија и кон Брисел, Македонија и Бугарија „да продолжат со билатералниот дијалог за решавање на разликите“
Кога билатералата се меша со мултилатералата и евроинтеграциите
Американскиот Стејт департмент деновиве уште еднаш го повтори својот јасно искажан став со кој се бара македонската и бугарската влада да продолжат со билатералниот дијалог за решавање на разликите.
– Соединетите Американски Држави силно ја поддржуваат целосната интеграција на С. Македонија во Европската Унија. ЕУ што го вклучува целиот Западен Балкан, вклучувајќи ја и С. Македонија, за да биде посилна и попросперитетна. Ги охрабруваме владите на С. Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите – гласи најновата порака на Стејт департментот.
И претходно во повеќе наврати САД испраќаа моќни пораки со кои се правеше јасна дистинкција за тоа што е билатерално прашање, кое не може во никој случај да се поврзува или условува со нашата евроинтеграција. Токму Вашингтон и Стејт департментот уште пред обелоденувањето на францускиот предлог и на преговарачката рамка ги повикаа Бугарија и Македонија да ги решат билатералните спорови надвор од пристапниот процес кон ЕУ. И редица европски политичари, експерти, аналитичари го делат истиот став дека билатерални разлики меѓу две земји никогаш не биле ниту треба да бидат инволвирани во европската агенда и процесот на проширувањето. Но Бугарија сиве изминати години го прави токму тоа и своите историски фрустрации и аспирации кон Македонија ги прикрива како наводно европски критериуми.
Случај на опасен преседан
Иако никогаш претходно ЕУ не дозволувала билатералните прашања и проблеми да се внесуваат во ЕУ, токму Македонија е единствениот пример кога Европската Унија отстапи од сопственото правило и дозволи билатерални прашања да станат услов за зачленување во европското семејство. За многумина ова е крајно опасен преседан, кој во иднина ќе ѝ се удри од глава токму на Унијата. Германскиот историчар Улф Брунбауер од институтот за источноевропски истражувања „Лајбниц“ од Регенсбург смета дека притисокот за внесување на Бугарите во македонскиот устав претставува „случај на опасен преседан“, кога билатерален спор за прашања што немаат врска со приемните критериуми станува составен дел од пристапните преговори.
– На овој начин широко се отвора вратата за уцени од членки на Европската Унија кон земјите аспиранти за прием – оценува Брунбауер.
Поголем дел европски политичари и експерти, интелектуалната и научната европска јавност, имаат јасни позиции дека билатералните прашања во никој случај не смеат да бидат пречка за некоја земја да напредува на евроинтегративниот пат, под услов да ги исполнува поставените европски критериуми. Јасен став во однос на ова прашање искажа и Германија, порачувајќи дека нема да дозволат билатералните спорови меѓу една земја-членка и земја-кандидат да се пренесуваат на европско ниво.Речиси идентичен е ставот и на другите европски држави и лидери во однос на ова прашање.
Билатералните спорови во ЕУ
– Имате земји што ги решаваат билатералните гранични прашања стотици години. Белгискиот министер за надворешни работи изјави дека со Холандија разговара за границите со години, но јас не забележав дека ова прашање беше на дневен ред, ниту на Европската комисија, ниту на Европскиот парламент – изјави, со доза на иронија, премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, осврнувајќи се токму на билатералните спорови во ЕУ.
Кипар на пример беше примен во ЕУ и покрај тоа што има билатерален проблем со Турција, а, што е уште потрагично, нема територијална целовитост. Истото тоа се случуваше и при приемот на други земји, особено на Бугарија и Романија, кои ни оддалеку не ги исполнуваа критериумите за членство. Но, за жал, Македонија очигледно продолжува да биде најголемиот парадокс во европски рамки. По многу нешта, па и во однос на билатералата, како нов наметнат услов за ЕУ.
Дали по сѐ конечно Брисел ќе се подзамисли и ќе ја исправи неправдата кон Македонија, останува да видиме.