За издвојување е дека и во самиот најнов извештај на Институтот за јавно здравје – Охрид (ИЈЗ) квалитетот на примероците од површинската вода во најголем дел е класифициран како „одличен“, а само на критичните точки како „добар“. Нашите соговорници, охриѓани и стружани, потсетуваат дека колекторскиот систем на Охридско Езеро е изграден со средства од самопридонес на граѓаните, кој се спроведувал од дамнешната 1983 до 1987 година кога бил ставен во функција. Со таква временска дистанца, тие се свесни дека постојат финансиски предизвици за одржување и надградба на системот… Сепак, упатените сметаат дека „сензационалистичкото нагласување и толкување на одредени слабости поврзани со потенцијален ризик од загадување е смислена саботажа на туристичката сезона“
Повод: Извештајот на Институтот за јавно здравје – Охрид за квалитетот и здравствената безбедност на површинските води на Охридско Езеро
Извештајот на Институтот за јавно здравје – Охрид за квалитетот и здравствената безбедност на површинските води за капење и процена на здравствениот ризик за Охридско Езеро, пред почетокот на летната сезона, во јавноста предизвика загриженост за ризик од потенцијално загадување со фекалии поради нефункционалност на канализацискиот систем, во хотелската и капм-зоната на потегот од хотелот „Десарет“ до Свети Наум, како и хотелско-угостителските објекти и туристичките населби од Струга до Радожда.
– Во согласност со постојните информации за извршениот санитарно-хигиенски увид од Центарот за јавно здравје – Охрид, перзистираат објектите од последните години, кои не се вклучени во колекторскиот систем, а претставуваат потенцијални загадувачи. Тоа се хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби што се сместени по должината на охридското крајбрежје, од хотел „Десарет“ до Св. Наум, потоа хотелско-угостителските објекти и туристичките населби од Струга до Радожда. Единствено на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол“, преку колекторскиот систем од с. Радолишта, хотелот „Бисер“ и с. Калишта – се наведува во извештајот.
Освен тоа, во извештајот се наведува и дека хотелот „Десарет“, автокамповите Градиште, Љубаништа и Ливадишта, ресторанот „Острово“ и другите угостителски објекти во Св. Наум се приклучени на канализацискиот систем што е изграден во 2013 година, но истиот тој не функционира. Во фазата на третман на отпадните води постои само дробилка за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езерото при што тоа претставува директен загадувач на езерото.
Понатаму, во извештајот се нагласува дека на струшкиот потег од Охридско Езеро, на колекторскиот систем од селото Радолишта се приклучени хотелот „Макпетрол“, хотелот „Бисер“ и селото Калишта. Како потенцијални загадувачи се споменуваат и приватните куќи сместени на брегот од Охридско Езеро од плажата Сараиште до црквата „Св. Софија“ до крајбрежниот дел на населбата Канео. Во струшкиот дел од езерото се посочуваат како можни загадувачи приватните куќи од с. Радожда, кои користат септички јами, кои најверојатно понираат или се празнат директно во езерото, а исто и реките што директно се влеваат во езерото – Черава (доаѓа од Албанија и директно се влева во Св. Наум), Сатеска, Велгошка, Коселска Река, Црни Дрим и Радика.
Селата, всушност туристичките населби Трпејца, Љубаништа и Радожда за комуналните отпадни води користат септички јами, чие празнење на некои места го врши јавната комунална служба.
Цитирањето на одредени делови од извештајот на ИЈЗ-Охрид во екот на туристичката сезона за голем дел од жителите на Охрид и Струга претставува обид за саботажа на туризмот. Особено што во извештајот се наведува и дека: „Во однос на микробиолошките параметри, квалитетот на примероците од површинската вода се класификацира како ’одличен’ во поголемиот дел од мерните места. Квалитетот на примероците од површинската вода од мерните места Пристаниште (плажа), градска плажа Мизо, Андон Дуков (плажа), Машка и Женска плажа во Струга, хотел „Бисер“ во Струга (плажа), с. Калишта – Струга (плажа), Радожда – Струга (плажа), камп „Ас Струга“ (плажа) се оценува како класа ’добар’“.
– Проблемот со излевањето нетретирана вода во Охридско Езеро е хроничен, дамнешен. Може да им е нов и да глумат загриженост само на оние што никогаш ништо не прочитале за езерото, биле глуви на опомените и игнорантни кон Студијата за рехабилитација на колекторот што ја изработивме во 2015 год. и игнорантни кон Менаџмент-планот за сливот со програмата на мерки изработени во 2020 год. Проблеми секако дека има (притоки, неврзани делови, екосвест), но, според мониторинг-резултатите, еколошкиот статус на водите во езерото е многу добар – вели Дејан Пановски, национален координатор за Дримскиот базен.
Сепак, во извештајот се наведени предлог-мерки за подобрување и заштита на здравствената безбедност на крајбрежните (површински) води на Охридско Езеро, а некои од нив се – целосна изградба и поврзување на колекторскиот систем, како и негова поправка на местата каде што има дефекти на истиот тој. Потоа, сите хотелско-угостителски објекти, приватни куќи, колективни станбени згради, како и селските населби од Св. Наум до Радожда да се приклучат во колекторскиот систем, а не во одводниот систем за атмосферски води.
Директорот на ДЈП „Колекторски систем“ – Скопје, кое стопанисува со колекторскиот систем на Охридско Езеро, Владимир Алексијоски, вели дека иако колекторот на Охридско Езеро е изграден во 1987 година е функционален, и покрај предизвиците во одржувањето и потребата за неговата надградба.
– Морам да нагласам дека означените точки во извештајот на ИЈЗ, како потенцијални загадувачи на Охридско Езеро, од хотелот „Десарет“ до Свети Наум, не се во рамките на колекторскиот систем, туку се „покриени“ со пречистителна станица со која стопанисува комплексот Свети Наум. Колекторскиот систем го покрива подрачјето од с. Пештани на охридската страна до населбата Елен Камен на струшкиот брег. Поради сложеноста на географскиот терен кај селата Љубаништа и Трпејца, како Радожда, колекторскиот систем таму не е надграден, но работиме да направиме засебни пречистителни станици. Неодамна, преку Министерството за животна средина и шпанската консултантска фирма ИДОМ потпишавме меморандум за соработка и разбирање за да аплицираме за грант од 970.000 евра од шпанската влада за засебни пречистителни станици на овие локации, но се работи и на повеќе други проекти за санација и осовременување на колекторскиот систем на Охридско Езеро. Направена е и ревизија на постојниот јапонски проект од 2015 година за реконструкција и рехабилитација на колекторскиот систем. Колекторскиот систем изграден во 1987 година е функционален и покрај сите предизвици што ги имаме во одржувањето. Морам да истакнам дека и во самиот најнов извештај на ИЈЗ, квалитетот на примероците од површинската вода во најголем дел е класифициран како „одличен“, а само на критичните точки како „добар“ – вели Владимир Алексијоски, директорот на „Колекторскиот систем“.
Охриѓани и стружани потсетуваат дека колекторскиот систем на Охридско Езеро е изграден со средства од самопридонес на граѓаните, кој се спроведувал од 1983 до 1987 година кога бил ставен во функција. Свесни се дека постојат финансиски предизвици за одржување и надградба на системот, но сепак сензационалистичкото нагласување на одредени слабости поврзани со потенцијален ризик од загадување го сметаат за саботажа на туристичката сезона. Притоа нагласуваат дека со такви проблеми и ризици од загадување се соочуваат и другите омилени туристички места што ги посетуваат Македонците, како на Егејско, Јонско и Јадранско Море. Но, исто така, забележуваат дека сите проекти за надградба на колекторскиот систем обично завршуваат до фазата на студии за оправданост и консалтинг, а никогаш не е дојдено до конечна реализација.
Преспанско Езеро – одлично за капење
При санитарно-хигиенските увиди е утврдено дека во Претор, Сливница, Долно Дупени, Крани, Отешево и Стење не е присутно видливо загадување или цветање на алгите и степенот на ризик од загадување е низок.
Заклучна оцена за здравствена безбедност на водата од Преспанско Езеро е дека плажите на брегот се песочни и средени, потенцијални извори на загадување по должината на плажите покрај езерото не се идентификувани, но сепак е потребна контрола на водата од можните загадувачи. Понатаму, на сите плажи нема проточна здравствено исправна вода за пиење и за туширање, систем за информирање за квалитетот на водата и на ниедна плажа не постојат методи за предупредување во случај на опасност на плажата.
Надлежните како мерки за подобрување и заштита на здравствената безбедност на крајбрежните води на Преспанско Езеро предлагаат да се продолжи со мониторингот, да се вршат постојани контроли на загадувачите на езерските води во соработка со комуналните општински инспектори и инспекторите од Министерството за животна средина, да се почитува првата зона на санитарна заштита, да се контролира користењето пестициди како средства за заштита на овошните дрвја. Предлагаат итна изградба на колекторски системи со пречистителни станици во селата околу езерото, со што би се заштитило езерото од директно загадување и итна реконструкција или замена на веќе постојните со нов колекторски систем и пречистителна станица заради подобрување на функцијата на постојните капацитети.
Најчиста вода за капење во ЕУ
Повеќето места за капење во Европа ги исполниле најстрогите стандарди за квалитетот на водата во 2022 година. Ова е објавено во најновиот извештај на ЕУ за водите за капење. Најчисти места за капење, кои ја добиле оценката „одлично“ се на Кипар, во Австрија, Грција и Хрватска. На Малта, во Бугарија, Романија, Словенија и Луксембург сите оценети води за капење го исполнувале барем минималниот стандард за задоволителен квалитет. Од усвојувањето на Директивата за води за капење во 2006 година, бројката на одлични места од година на година е во постојан раст. Инаку, водата е поквалитетна во морињата отколку во езерата. Извештајот покажува дека повеќе од 1.800 европски води за капење, или осум отсто, се наоѓаат во градови со повеќе од 100.000 жители, главно во Грција, Франција, Италија и во Шпанија.