По повод големите јубилеи, 80 години од усвојувањето на македонската азбука (3 мај) и македонскиот правопис (7 јуни) и кодификацијата на македонскиот јазик (1945-2025), издавачот „Академска мисла“ од Скопје го објави романот за деца и родители „Детството на Конески“ од новинарот и писател Мишо Китаноски. Станува збор за прва книга од ваков жанр во нашата современа литература за деца, во која се пишува за дел од животот, односно од биографијата на нашиот великан Блаже Конески (1921-1993 год.).
Во романот се опфатени првите шест години што Конески ги поминал во родното село Небрегово, каде што завршил прво одделение, потоа школувањето го продолжил во Прилеп, а четири години поминал во гимназијата во Крагуевац, Р Србија. Како матурант Б. Конески во 1939 година почнал да пишува песни на својот мајчин македонски јазик, како своја трајна определба и авторство. Но она што особено треба да се истакне е фактот што првите десет раскази од детството на нашиот великан Блаже Конески првично беа објавени во 2021 година во прилогот за деца „Колибри“ во првиот дневен весник на македонски јазик „Нова Македонија“ и тоа бил и вистинскиот поттик, поради искажаниот интерес на читателите, авторот на романот за деца и родители „Детството на Конески“, Мишо Китаноски, да продолжи со пишување и на другите нови тринаесет дела, кои сега за првпат се објавуваат во ова целосно издание посветено на Конески.
Романот, покрај 23-те раскази, донесува и три кратки текста посветени на неговото родно село Небрегово и на времето меѓу двете светски војни кога Кралството Југославија настојувало да изврши денационализација и асимилација на македонскиот народ. Во романот е раскажан и дел од младешкиот живот на Блаже Конески и неговото творечко зреење, припаѓајќи ѝ на генерацијата сонцељубиви борци како што биле народните херои Страшо Пинџур и Јосиф Јосифовски, кои матурирале во гимназијата во Крагуевац, но другарувал и со врсници од својата генерација како што се народните херои Борка Талески и Кузман Јосифовски-Питу и плејадата македонски партизани, кои низ бобата ја создале современата македонска држава. Блаже Конески покрај тоа што учествувал во усвојувањето на македонската азбука и на македонскиот правопис, е втемелувач и во кодификацијата на македонскиот јазик. Покрај ова Б. Конески е и еден од втемелувачите на современата македонска литература, светски истакнат филолог, славист и македонист. Во романот се објавени исто така и неговото семејно стебло и инспирацијата за тоа како настанала неговата антологиска песна „Од возот“.
Во романот се пренесени сеќавањата за детството на Блаже Конески, мал број искажани од него, како и од македонскиот писател Коце Солунски за годините поминати во Прилеп, додека за настаните при школувањето во гимназијата во Крагуевац се пренесени спомените што М. Китаноски ги забележал од Лазар Мојсов, негов сокласник и другар во крагуевачката гимназија. Романот „Детството на Конески“ донесува и дваесетина оригинални фотографии од семејниот албум на Б. Конески, кои за првпат се објавуваат во ова издание како сведоштво за него како дете, ученик и гимназијалец, со што се комплетира овој дел од неговиот живот, се истакнува во препораката на издавачот.