Компанијата „Ролс Ројс“ претстави концептуален модел на дизајн на нуклеарниот реактор „Спејс микрореактор“, кој еден ден би можел да напојува населба на површината на Месечината. Овој технолошки прототип беше претставен на конференција одржана неодамна во Белфаст. Некои региони на јужниот пол на Месечината се „недопрени“ од сончевата светлина со милијарди години, што ги прави неверојатно сурови.
И покрај овие предизвици, американската вселенска агенција НАСА го идентификуваше овој регион како главен кандидат за воспоставување на првата лунарна станица, а една голема причина за тоа е потенцијалот за огромни резерви на вода во областите што се трајно во сенка. Меѓутоа на астронаутите ќе им треба електрична енергија за да преживеат и да спроведат операции во близината на јужниот пол или на која било друга локација на Месечината.
Поради недостигот од сончева енергија како сигурен извор, постои голема потреба од нуклеарна централа на Месечината, со цел да се одржи живот на нејзината површина.
– Иновативното истражување на „Ролс Ројс“ може да постави основа за лансирање континуирано човечко присуство на Месечината – рече Пол Бејт, главен извршен директор на Вселенската агенција на Велика Британија.
Технолошкиот гигант доби финансирање од 2,9 милиони фунти од Вселенската агенција на Велика Британија во март 2023 година за да го поддржи истражувањето за изводливоста за воспоставување нуклеарна енергија за идните лунарни пунктови.
На конференцијата беше прикажан прототип на миниреактор, кој во моментов не може да произведува енергија.
Инженерите и научниците на „Ролс Ројс“ моментално истражуваат начини за претворање на топлината произведена од реактор за нуклеарна фисија во енергија. Овој мал и лесен нуклеарен реактор не би имал никаков проблем со отсуството на сончева светлина на Месечината, што го прави идеален за станица во темниот кратер на јужниот пол.
Малиот реактор, широк 40 инчи и долг 120 инчи, сè уште не може да произведува електрична енергија, но ако сѐ оди според планот, ќе бидат потребни околу шест години и неколку милиони долари за да се подготви реакторот за неговиот прв лет во вселената. Реакторот треба да произведува енергија користејќи нуклеарна фисија, истиот механизам што се користи во нуклеарните централи на Земјата.
За разлика од соларните панели, кои се потпираат на сончева светлина, реакторите за нуклеарна фисија можат да создадат постојан извор на енергија и можат да бидат стратегиски позиционирани на поларната површина.
Постојаното напојување во базниот камп би ја олеснило работата на системите за вентилација и греење, кои се неопходни за опстанок на астронаутите. Тоа е исто така важно за одржливи операции, вклучувајќи полнење на роверите и на другите научни инструменти за истражување на Месечината.
Компанијата се надева дека ќе има подготвен реактор што ќе може да го испрати на Месечината до почетокот на 2030-тите. Овој реактор би можел да обезбеди енергија и погон за вселенските летала, додека оваа технологија на Земјата би можела да помогне во исполнувањето на целите за емисија на јаглерод и намалување на емисиите на стакленички гасови. Следниот чекор е концептот за нуклеарен реактор на Месечината да се направи реалност за потребите на идните колонии.