Повисоките цени во енергетскиот сектор би можеле дополнително да ѝ наштетат на конкурентноста на Европската Унија (ЕУ) и да ги зголемат трошоците на граѓаните за потребите на домаќинствата. Цените исто така може да се зголемат доколку Европа се насочи кон зголемување на увозот на течен природен гас (ЛНГ)

Редослед на настани по прекинот на протокот на руски гас преку Украина за Европа

Европските фјучерси на природен гас се искачија на највисоко ниво од октомври 2023 година, откако деновиве престана протокот на руски гас во Европа преку Украина. Цената на холандски ТТФ, репер за европскиот пазар на природен гас се искачи за повеќе од четири отсто, до 51 евро за мегават-час, што е највисоко ниво од октомври 2023 година, пред незначително да се намали, на првиот трговски ден откако рускиот гас престана да тече во Европа преку Украина.
Европските резерви на гас се исцрпуваат со најбрзо темпо од 2021 година, со што сега се на околу 75 отсто, поради особено студеното време во Европа во изминатите недели. Според индустриската организација „Гас инфрастракчр Јуроп“, обемот на гас во складиштата на европскиот блок се намалил за околу 19 отсто од крајот на септември, кога завршува сезоната на дополнување, до средината на декември.

Дали постои ризик од непосредна енергетска криза или од недостиг во Европа?

Според Европската комисија, ЕУ не треба да очекува итно влијание врз потрошувачките цени. Но Европа се чини дека е поранлива на нестабилноста на пазарот, ако има цел да го замени загубениот природен гас, бидејќи цените се зголемуваат за 50 отсто од година на година. Повисоките цени во енергетскиот сектор би можеле дополнително да ѝ наштетат на конкурентноста на блокот и да ги зголемат трошоците за домаќинствата. Цените исто така може да се зголемат доколку Европа се насочи кон зголемување на увозот на течен природен гас (ЛНГ).
Земјите од Централна Европа се најранливи на губење на пристапот до рускиот природен гас преку Украина, иако имаат алтернативна маршрута, „Турски тек“, за да добиваат руски природен гас, но таа врска не е доволна за целосно да се компензира загубата на маршрутата на Украина. Влијанието ќе се почувствува особено во Унгарија и Словачка, за кои украинската транзитна маршрута исполни 65 отсто од побарувачката на гас во 2023 година. Европската комисија предложи неколку решенија за помош на погодените земји, вклучувајќи и исполнување на потребите преку снабдување со грчки, турски и романски гас преку трансбалканската маршрута.
Европската влада (Европската комисија) се обидува да ја убеди европската јавност (стопанствата и граѓаните) дека не треба да постои загриженост дека ЕУ ќе остане без гас оваа зима, меѓутоа, повторното полнење на резервите може да биде поскапо од очекуваното. Цените на гас предвидени за следното лето неодамна се искачија над оние за зимата 2025-2026 година, што ќе го направи поскапо обновувањето на резервите, известува „Блумберг“, цитирајќи го Арне Ломан Расмусен, главен аналитичар во управувањето со глобалниот ризик во Копенхаген, кој рече: „Постои зголемен ризик дека ЕУ ќе излезе од зимата со ниски нивоа на складиран гас, што ќе го чини скапо дополнувањето на нивните резерви“.