Истражувачите сметаат дека резултатите од оваа студија се толку импресивни, што ќе треба да се направат и дополнителни истражувања за да бидат потврдени уште еднаш. Имено, во еден од резултатите на студијата се тврди дека „резистентниот скроб за повеќе од 60 отсто го намалува ризикот за голем број видови карциноми, односно дека ефектот бил најочигледен во горниот дел од цревата“

ОТКРИЕН ДОДАТОК ВО ИСХРАНАТА ШТО ДРАСТИЧНО ГО НАМАЛУВА РИЗИКОТ ОД НЕКОЛКУ ВИДА КАРЦИНОМ

Во обемната 20-годишна студија, во која учествуваа околу 1.000 испитаници, научниците открија дека состојката позната како резистентен скроб значајно го намалува ризикот од неколку вида рак, од кои некои се многу опасни, затоа што доцна се откриваат и тешко се лекуваат.

Што е тоа резистентен скроб и како дејствува?

Тоа е вид скроб, кој поради високата содржина на амилоза е отпорен на разградување во тенкото црево. Затоа, тој како несварен стигнува до дебелото црево, каде што преку ферментација се разложува на масни киселини и станува храна за добрите бактерии, ја зголемува бактериската маса и го поттикнува развојот на бактерии што произведуваат бутират, кој има превентивен и терапевтски потенцијал за борба против воспаленијата предизвикани од улцеративен колитис и рак. Резистентниот скроб има слични физиолошки ефекти како диеталните влакна, дејствува како лесен лаксатив и се смета за пребиотик. Пребиотиците се соединенија – влакна и природни шеќери – кои служат како храна за пробиотиците. Примери за пребиотик се наутот, кромидот и лукот. Пробиотиците, пак, се живи бактерии што ги има во одредени прехранбени продукти или додатоци во исхраната. Примери за пробиотик се разните видови јогурт, кефир и темпех, односно ферментирана соја.

Резистентен скроб има во голем број прехранбени продукти

Резистентниот скроб е јаглехидрат што може да се најде во многу прехранбени продукти, но може да се додава во храната и како додаток во исхраната во форма на прав. Го има во следниве прехранбени продукти: овес, варен и изладен ориз, грав, грашок и други мешунки, суров или варен и изладен компир, недозреани банани, како и варени и изладени тестенини.
Експертите сметаат дека резултатите од оваа студија се толку импресивни, што ќе треба да се направат и дополнителни истражувања за да се потврдат. „Откривме дека резистентниот скроб за повеќе од 60 отсто го намалува ризикот за голем број видови карциноми. Ефектот беше најочигледен во горниот дел од цревата“, рече водачот на студијата, нутриционистот Џон Метерс од универзитетот ’Њукасл‘ во Велика Британија. Ракот на горниот дигестивен систем вклучува рак на хранопроводот, желудникот и панкреасот.

Во период од 20 години, истражувањето вклучило повеќе од 1.000 луѓе

Според студијата објавена во списанието „Кенср превеншн рисрч“, помеѓу 1999 и 2005 година било спроведено двојно слепо испитување, наречено CAPP2. Во него била вклучена група од 918 луѓе со состојба позната како линч-синдром. Станува збор за една од најчестите познати генетски предиспозиции за рак – се проценува дека приближно еден од 300 луѓе има генетски предиспозиции да развие линч-синдром.
Лицата што наследиле гени за овој синдром се под значително поголем ризик за развој на колоректален карцином, како и рак на желудникот, ендометриумот, јајниците, панкреасот, простатата, уринарниот тракт, бубрезите, жолчните канали, тенкото црево и мозокот.
Испитаниците беа распределени во две групи по случаен избор, од кои едната група добиваше резистентен скроб, а другата плацебо-прашок сличен на резистентен скроб, со тоа што никој од нив не знаеше што добива. Во текот на две години, 463 лица добиваа дневна доза од 30 грама резистентен скроб, што е приближно еднакво на консумирање една зрела банана дневно. Другите 455 лица со линч-синдром добиваа плацебо на дневна основа. Овие две групи беа следени 10 години, а резултатите покажаа дека во групата што добивала плацебо имало 21 нов случај на рак на горниот дигестивен систем, додека во еднакво големата група што добивала вистински резистентен скроб се појавиле само пет нови случаи на рак, што претставува значително намалување.
Тимот од научници во моментов спроведува нова студија на истата тема, наречена CAPP3, во која учествуваат над 1.800 испитаници.

Сепак, сѐ уште има некои ограничувања…

Авторите на студијата истакнуваат две важни работи, односно ограничувања. Првото е дека истражувањето било спроведено само меѓу луѓе што имаат линч-синдром, што значи дека е невозможно да се заклучи каков заштитен ефект би имал резистентниот скроб во однос на општата популација. Второто е дека резистентниот скроб не покажал никаков мерлив заштитен ефект во однос на ракот на дебелото црево, туку само во однос на неколоректалните тумори на дигестивниот тракт. Ова ги изненади авторите, бидејќи очекуваа ефикасноста на резистентниот скроб да биде најголема онаму каде што тој се ферментира и разградува.
Од друга страна, треба да се истакне дека одредени студии покажале дека внесувањето преголеми количества влакнести додатоци во исхраната доведува до спротивен ефект, односно дека може да доведе до хепатоцелуларен карцином. Препорачаното внесување резистентен скроб за возрасни изнесува 30 грама дневно, токму онолку колку што консумираа учесниците во студијата. Најдобар начин за негов влез во телото е правилната исхрана богата со овој вид скроб.

Аспиринот помага кај некои видови карцином

Во овој контекст, интересна е и една друга студија, во која било испитувано превентивното дејство на аспиринот врз развојот на тумори. Имено, во 2020 година истиот тим научници излегоа со резултати што покажаа дека аспиринот за речиси 50 отсто го намалува ризикот од рак на дебелото црево кај пациентите со линч-синдром.
„Пациентите со линч-синдром се изложени на висок ризик, затоа што кај нив постои поголема веројатност за развој на рак, па оттука, откритието дека аспиринот може да го намали ризикот од рак на дебелото црево, а резистентниот скроб да го намали тој ризик кај приближно половина од другите видови рак, навистина е од витално значење“, истакна генетичарот Сер Џон Барнс од универзитетот „Њукасл“, кој исто така учествуваше во изработката на студијата.
„Врз база на нашето истражување, Националниот институт за здравје и нега на Велика Британија сега им препорачува на луѓето што се под висок генетски ризик од рак да земаат аспирин; придобивките се јасни – аспиринот и резистентниот скроб навистина дејствуваат“, изјави за јавноста генетичарот сер Џон Барнс.

Автор: Ангел Митревски, наш постојан соработник од Хрватска