Под мотото „Будење на сонот“, годинешното, 12. издание на „Филозофскиот филмски фестивал“ (ФФФ) ќе биде обележено во знакот на надреализмот и шпанскиот генијален автор и режисер Луис Буњуел. „Ретроспективата на Буњуел“, во рамките на фестивалот, се одржува до 27 мај, во Кинотеката, со почеток на проекциите во 21 ч. Во рамките на ретроспективата се филмовите: „Андалузиски пес“, „Земја без леб“, „Симон пустиникот“, „Виридијана“, „Ангелот истребувач“, „Дневникот на една собарка“, „Убавицата на денот“, „Дискретниот шарм на буржоазијата“ и „Тој мрачен предмет на желбата“.
Веќе втора година, во соработка со Музејот на современата уметност, фестивалот ја организира проекцијата на документарен филм во просториите на музејот. Годинешниот избор падна на документарниот филм „Генерација: Буњуел, Лорка, Дали“ (2018), во режија на Хавиер Еспада и Алберт Монтон. Тоа е документарен филм што ја раскажува приказната за незавршената биографија на Макс Ауб, посветена не само на Буњуел туку и на целата „Генерација ‘27“, со златната тројка Буњуел – Лорка – Дали како стожер на шпанската култура од 20 век. Луис Буњуел, Салвадор Дали и Федерико Гарсија Лорка, млади и бистри, интелигентни и весели, имаа проект за модернизација на земјата, визија за промена што секогаш беше придружена со насмевка, шега и генијалност. Но тие ја претрпеа и трагедијата на војната, што ги обележи и нив и целата нивна генерација. Некои беа убиени, како Лорка, други беа принудени да отидат во егзил, како Буњуел, а некои, како Дали, мораа повторно да се реосмислат преку карикатура, понекогаш брилијантна, понекогаш срамна, за да преживеат. Во 1967 година, издавачката куќа „Агилар“ побара од Ауб да ја напише биографијата на колегата од мексиканската генерација и егзил: филмскиот режисер Луис Буњуел. Кога Ауб умира, на 22 јули 1972, на своето биро остава 5.000 страници напишани на машина, резултат на незавршен проект што ја надминуваше типичната биографија и ја одразуваше синтезата на цела генерација шпански уметници чии животи беа обележени од три војни и прогонство, кое траеше повеќе од 30 години. Овој хетероген сет на материјали ја одразуваше и модерната концепција на Ауб за наративниот жанр: лик конструиран од мозаик од различни визии и разнородни материјали.