Фото: Игор Бансколиев

Имајќи ги предвид изјавите на вицепремиерот Артан Груби дека Кичево е воен плен и дека таму не може да има градоначалник Македонец, како и дејствувањето на албанските општини во земјава како да се екстериторијални, односно надвор од системот, во заканите на Хоџа и изјавите на Таравари за „реорганизација на државата“ се крие многу посуптилен план што ќе се одвива паралелно со решавањето на косовската криза, идентичен со сценариото во словенечкиот нонпејпер што пред некоја година кружеше во регионот, а во кој се предвидуваше поделба на земјава меѓу Албанија и Бугарија. Со оглед на тоа што историјата се повторува, очигледно Македонија повторно ќе биде во центарот на случувањата на Балканот

Нови опасни идеи за иднината на Македонија ги оживуваат балканските сеништа од минатото

Идеите за реорганизација на државата по етнички клуч во време кога Македонија се соочува со отворен напад врз идентитетските обележја на македонскиот народ од страна на Бугарија претставуваат само дополнително дотурање масло на огнот и ново повампирување на плановите за дисолуција на постојните балкански држави и формирање други држави на Балканот.

И додека официјална Софија инсистира на внесување на Бугарите во македонскиот устав, без да се прецизира дали интервенцијата ќе биде направена во преамбулата и бугарското малцинство ќе добие статус на државотворен народ, други внатрешни и надворешни сили координирано работат Албанците да ја преземат улогата на мнозински народ во државата и да ги диктираат идните политики креирани на релацијата Тирана – Софија.
– Можно е да се случи радикализација на албанските партии ако биде загрозена европската перспектива на Македонија. Може да пораснат фрустрациите кај Албанците и може да се појават нови идеи за реорганизација на државата. Ќе влеземе во еден маѓепсан круг, од кој нема да можеме да излеземе – изјави неодамна лидерот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари.
Без оглед на подоцнежните обиди на партијата да ја релативизира изјавата на својот претседател, процесите што се одвиваат во Македонија и потезите што се влечат во земјите од соседството покажуваат дека диригираното реорганизирање на државата веќе се одвива и дека сè поизвесно е нејзиното дезинтегрирање.

Советник на Курти бара заедница на албански општини во Македонија

Најдобра потврда дека реализацијата на овој план е во тек се постојаните провокации од страна на Софија, која упорно се труди да ја држи Македонија надвор од европските процеси, бидејќи многу повеќе ѝ одговара да постои во овој дел на Балканот и таа да влијае на постоењето на лабилна нефункционална држава. Уште попрецизно, според нашите соговорници, Софија сака супериорно да влијае на процеси во „некаква територија што полесно ќе ја интегрира подоцна во рамките на бугарската држава“. Според соговорниците, Албанците со повеќе изјави и дејствувања се самоидентификуваат единствено како притаен сојузник на Бугарија во целата операција, работејќи на внатрешна дезинтеграција на Македонија така што решенијата за Косово ги пресликуваат со решенија и во Македонија, што, само по себе, нема никакви допирни точки.
Имено, советникот на косовскиот премиер Албин Курти, Елвис Хоџа, смета дека ако меѓународниот фактор во рамките на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија инсистира на формирање заедница на српските општини (ЗСО) во Косово, тогаш тоа ќе поттикне слични барања и кај други заедници во регионот. Хоџа смета дека прва на удар ќе биде Македонија. Според Хоџа, албанската заедница во Македонија може да излезе со слично барање за заедница со албански општини, објавувајќи карта на која може да се протега таквата заедница.
– За последиците треба да размислат тие што предлагаат таква заедница. Затоа што 700 илјади Албанци во Македонија се 14 пати повеќе од Србите во Косово – пишува Хоџа, заборавајќи дека формирањето на ЗСО е обврска на Косово прифатена со договорот меѓу поранешниот косовски премиер Тачи и српскиот претседател Вучиќ, со поддршка на ЕУ и САД.
Според Хоџа, можно е Албанците од Македонија да го следат примерот на Србите преку поставување барикади на патиштата да ја принудат македонската влада да прифати заедница на албански општини.

Историјата се повторува: Треба решително да се спротивставиме на сите тенденции за дезинтеграција

Имајќи ги предвид изјавите на вицепремиерот Артан Груби дека Кичево е воен плен и дека таму не може да има градоначалник Македонец, како и делувањето на албанските општини во земјава како да се екстериторијални, односно надвор од системот, при што ниту се плаќа данок, ниту пак други давачки, во алузиите на Хоџа и изјавите на Таравари за реорганизација на државата се крие многу посуптилен план. Тој план ќе се одвива паралелно со решавањето на косовската криза и е идентичен со сценариото во словенечкиот нон пејпер што пред некоја година кружеше во регионот, а во кој се предвидуваше поделба на земјава меѓу Албанија и Бугарија. Со оглед дека историјата се повторува, очигледно Македонија повторно ќе биде главната монета за поткусурување на Балканот.
– Дефинитивно полека одиме кон дезинтеграција. Ние се наоѓаме во ситуација постојано да бидеме уценувани или од Бугарите или од Албанците. Тоа ни виси постојано како Дамолков меч. И самиот факт што во суштина политика не водат Македонците, туку ја водат Албанците, покажува многу. Не ми е јасно дали некој од нашиве политичари сфаќа што во суштина се случува. Дали размислуваат што му прават на сопствениот народ? Ние веќе станавме апартхејд, малцинството владее со мнозинството и постојано се служи со уцени – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Според него, најавите за некаква реорганизација на државата се класична реализација на плановите од минатото, со единствена цел Македонија да ја нема.
– Пораката на Таравари дека ако не влезат Бугарите во Уставот, Македонија ќе се реорганизира, всушност е и порака до опозицијата, односно ако не поддржите уставни измени, ќе има војна. Тие сметаат дека Македонците се исплашени и затоа подлегнуваат на уцените. Ако Албанците ја чувствуваат оваа држава за своја, треба да се солидаризираат со Македонците во однос на она што им се случува од Бугарија, а не и тие да ја користат бугарско-грчката спрега и да се сојузат со нив со единствена цел Македонија да ја нема. Тоа го работат постојано, паметно и заеднички одат кон нивната цел, да го реализираат тоа што сакаат – појаснува Чепреганов.
Осврнувајќи се на актуелните случувања на овдешната политичка сцена, како и на случувањата во регионот, тој смета дека сите индиции говорат дека се реализира идејата за поделба на државата.

– Сега се реализира оваа спрега Тирана – Софија – Атина. Поделбата што ја имаше во 1941 – 1944 година, Групчин, еве повторно се реализира меѓу Албанија и Бугарија. Таа поделба е сосема очигледна. Сите чекори што ги прават се во таа насока. Сите три балкански држави посакуваат Македонија да ја нема, да се подели и така да ги задоволат своите вековни територијални аспирации. Жално е што нашите политичари или слабо знаат или не читале за да видат дека историјата ни се повторува. Затоа ситуацијата ни е ваква, безизлезна. Ние не сме заробена држава, туку сме обична губернија во која формалноправно имаме губернатор што го водат други од страна и му кажуваат што да прави. Затоа ни се повторува историјата, но како фарса и трагедија, а не како нешто убаво. Сето ова што ни се случува денес, ни се случи и порано, само спакувано во еден целофан – заклучува Чепреганов.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека се индикативни изјавите што ги слушаме во последно време, а кои несомнено асоцираат на поделба на државата.
– Овие изјави се некаква најава и не треба да се занемарат. Лоши работи се случуваат и не мириса на добро. Не случајно се појавија и тие нон пејпери своевремено. Нешто се случува, но мислам дека не се одвиваат работите во добар правец за Македонија. Имаме неспособно раководство, кое не знае да се носи со предизвиците, се занимава со маргинални работи, а главното го пропушта – истакнува Јањатов.