Неколку клучни предизвици и приоритети се наметнуваат како императив во 2023 година. „Нова Македонија“ ги систематизира во неколку сегменти, а ќе ги анализираме поединечно. Тука спаѓаат одбрани области од внатрешната и надворешната политика, економијата, правосудството и безбедносната политика. Почнуваме со предизвиците, но и со предлог-решенијата во доменот на внатрешната политика. Експертите и аналитичарите со кои се консултира нашиот весник се согласни дека работите може брзо да се променат на подобро доколку се направат подлабоки и ефикасни промени во внатрешнополитичкиот систем, промена на изборниот модел, мерит-систем во државната управа и администрација, владеење на правото наместо владеење на политиката, рекреирање на територијалната поделба на локалната самоуправа и други реформи, кои првенствено ќе бидат во функција на интересите на граѓаните и државата
АНАЛИЗА: ПРЕДЛОГ-РЕШЕНИЈА ЗА ПРЕДИЗВИЦИТЕ ВО ДОМЕНОТ НА ВНАТРЕШНАТА ПОЛИТИКА (1)
Предизвиците и приоритетите на внатрешнополитички план пред кои е исправена Македонија на почетокот на 2023 година бараат соочување со нив веднаш и сега, без никакви понатамошни одложувања и оправдувања со внатрешни, надворешни или некакви други фактори.
Справувањето со сите наталожени проблеми и наоѓањето решенија бара ангажирање на најспособните луѓе во државата, како и на македонските интелектуалци, кои секогаш стојат на располагање да придонесат со своето знаење за доброто и напредокот на својата татковина.
Низ една подлабока анализа направена со луѓе што се добро упатени со овдешните внатрешнополитички состојби, „Нова Македонија“ јасно детерминира неколку клучни приоритети за годината што е пред нас, но што е уште поважно, понуди и решенија како државата да ги надмине овие предизвици и да овозможи поквалитетен живот за своите граѓани. На почетокот на нашата анализа се осврнуваме на предизвиците, но и на решенијата во доменот на внатрешната политика.
Промена на изборниот модел
Повеќе од 30 години политичарите во земјава не успеаја да изградат внатрешнополитичка кохезија и консензус околу клучното прашање, како да ја донесат Европа дома и од Македонија да направат пристојно место за живеење.
За жал, политичките партии ги занемарија државните и граѓанските интереси и се посветија исклучиво на партиските, што на крајот резултира со општа граѓанска апатија и губење секаква надеж дека работите можат да се придвижат кон подобро.
Од тие причини, од клучна важност е да се направи целосна реформа на внатрешнополитичкиот систем за да се овозможи тој да биде во функција на интересите на граѓаните и на државата, а не на партиите.
Тоа, пред сè, подразбира промена на изборниот модел, односно Македонија да биде една изборна единица, потоа расчистување со султан-демократијата во партиите, промена на собранискиот Деловник во насока на зголемување на ефикасноста на работата на законодавниот дом, како и департизација и рационализација на институциите.
Нашите соговорници категорично тврдат дека работите можат буквално прекуноќ да се сменат ако постои искрена политичка волја да се донесе Европа дома, но дека за да се направи такво нешто, потребни се чесни и способни луѓе на кои приоритет ќе им бидат интересите на граѓаните и на државата.
– Македонија има имплементирано еден куп европски закони што ги немаат донесено ни некои членки на Европската Унија. Затоа, прво што треба да се направи, тоа е да почнат да се применуваат овие европски закони. Втора работа, мора да се промени изборниот модел, поточно Македонија да биде една изборна единица. Граѓаните мора да имаат политички избор, да гласаат за опции што им се поблиски, но истовремено, да гласаат за луѓе што ги знаат, а не за кандидати за кои никогаш немаат слушнато. И што е најважно, истите тие граѓани што го изгласале пратеникот, да можат да го отповикаат ако не се задоволни од неговата работа. На тој начин ќе се прекине со оној султански систем воспоставен во земјава, а тоа е партискиот лидер да назначува кандидати без тие да бидат филтрирани од базата и од народот – посочуваат соговорниците, кои се добро упатени во внатрешнополитичките состојби во земјава.
Според нив, новиот изборен модел ќе овозможи Собранието да не биде заложник на поголемите партии, туку тоа да биде арена за натпревар на идеи, концепти и политички дијалог преку кој ќе се креираат развојни политики важни за државата и граѓаните.
– Кога ќе има пратеници од повеќе партии, тогаш одлуките нема да зависат само од големите политички субјекти, туку сите ќе бидат вклучени и ако на тоа се надоврзе и нов собраниски деловник, тоа може да донесе само дополнителен квалитет во работата на Собранието, која сега е под секакво парламентарно ниво – додаваат соговорниците.
Поранешниот претседателот на Државната изборна комисија, Александар Новаковски, има свое видување за идејата за промена на изборниот модел на една изборна единица, оценувајќи ја како добра и која ќе придонесе за поголема демократизација.
– Доколку оваа промена се воведе врз база на добра анализа ќе имаат придобивки и граѓаните и државата – порача Новаковски.
Имплементација на законите и владеење на правото
За политичкиот аналитичар Синиша Пекевски внатрешните политички проблеми ќе се средат во оној момент кога во државата ќе почне да владее правото.
– Прво е клучно да има владеење на правото, да профункционира системот на казнивост и одговорност. Промената на изборниот модел, секако, ќе донесе поголема шареноликост во Собранието, ќе има повеќе партии и тоа ќе донесе некаков друг квалитет од ова што сега го гледаме. Но има партии што, дури и да се смени изборниот модел, ќе бараат начини како да ги злоупотребат изборите како што и досега го правеа тоа, кршејќи избирачки кутии, полнејќи ги масовно со ливчиња и фиктивни гласачи и други слични изборни манипулации. Тоа особено беше евидентно во западниот дел на земјата. На таквите гласања мора да им се стави крај, а одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата и казнети – вели Пекевски.
Според него, Македонија и сега има усвоено одлични закони, но проблем е нивната имплементација.
– Имаме европски закони и треба да дојдат луѓе што ќе почнат да ги применуваат овие закони. Наплатата на данокот мора да се реализира на целата територија на земјата, а не да има територии каде што владеат некои други закони и не се плаќа данок. Мора да има почитување на законите од сите – категоричен е Пекевски.
Неговата визија за функционални институции опфаќа назначување квалитетни луѓе на сите позиции, за да може државата да оди напред, а граѓаните да имаат пристојни услови за живеење и да добиваат навремени услуги.
– Исклучително важно е да се воспостави конечно функционирањето на мерит-системот. Доста е со клиентелизам, партиски вработувања, формирање институции што никој не знае за што служат, освен за вработувања и празнење на буџетот за плати и придонеси. Со мерит-системот, преку јасно поставени критериуми, да се одбираат оние кандидати што покажале најдобри резултати и тие да раководат. Тоа е клучно што мора да се направи во периодот пред нас, без тоа нема напред – истакнува Пекевски.
Смета и дека мора да почне да функционира и системот за утврдување на потеклото на имотот, за да престане енормното богатење на функционерите врз грбот на народот.
– Да се проверува од каде се становите, автомобилите на функционерите, како ги стекнале, кој им ги подарил, и ако се утврди дека се стекнати нелегално, да следува конфискација. Обичен граѓанин работи со години и не може да си купи нов автомобил, а некој за три-четири години се стекнал со неколку стана, два-три скапи автомобили, како и друг недвижен и движен имот. На тоа мора да му се стави крај – потенцира Пекевски.
Иако лично не е оптимист дека работите ќе тргнат на добро, сепак тој посочува некои решенија, кои со вистински и чесни луѓе можат да дадат резултат.
– Партиите тешко ќе се демократизираат и натаму ќе останат султан-партии, но клучно е пратеничкиот мандат со некој поинаков изборен модел да може да се отповикува од страна на гласачи. Ако избирачите, односно граѓаните не се задоволни од неговата работа, да го отповикаат. Таа практика треба да почне да се применува кај нас, па тогаш партискиот „султан“ ќе внимава кого назначува, но и самиот пратеник ќе мора да внимава чии интереси застапува и како работи за да не биде отповикан од своите гласачи. Има решенија, но повторно тие зависат од волјата на оние што треба да ги спроведат – заклучува Пекевски.
Генералниот заклучок што може да се изведе е дека решенијата за предизвиците на внатрешнополитички план не се во доменот на квантната физика, туку се едноставни и лесно применливи. Единствен проблем тие да се спроведат е немањето политичката волја, но јавноста ќе мора да почне посилно да притиска и да бара реални резултати сега и веднаш. Оние што немаат волја да направат од Македонија подобро место за живеење, без разлика дали се од власта или од опозицијата, нека им го препуштат местото на луѓето што имаат желба, знаење и енергија да го направат тоа. А такви има многу, кои, за жал, не добиле шанса да се покажат и докажат.
Ефикасното менаџирање на општините важно за благосостојбата на граѓаните
Важен сегмент во консолидирањето на состојбите во делот на внатрешната политика е носењето системски решенија во делот на територијалната организација на локалната самоуправа.
Се покажа дека ваквата територијална поделба на земјата и ниското ниво на фискална децентрализација генерираат само долгови, со кои локалната самоуправа тешко се справува и речиси не може да реализира суштински проекти важни за животот на граѓаните.
Решението на лошото работење на локално ниво треба да се бара во поголема распределба на буџетски средства од централно на локално ниво, поточно поголем удел за локалните самоуправи од ДДВ, ефективна наплата на даноците без исклучоци, како и ангажирање луѓе што знаат да подготвуваат проекти со кои ќе се обезбедат средства од европските фондови.
– Локалните самоуправи, вака како што се поставени сега, тешко функционираат. Тоа може да се реши така што државата мора да намени повеќе средства за да можат општините да бидат посамостојни. Кога ќе имаат повеќе пари, со добро и домаќинско работење на градоначалниците, граѓаните ќе добијат квалитетен живот и на базично ниво, почнувајќи од нивната улица, населба, општина… – велат познавачите на состојбите.
Според нив, особено треба да се обрне внимание на системот за наплата на даноците од каде што општините ги црпат средствата.
– Даноците мора да се наплатуваат и тука нема изговори. Не може државата за едни да биде мајка, за други маќеа. Оние општини што собираат данок и кои добро менаџираат, ќе овозможат поубав живот за своите граѓани. Тие што продолжуваат со старите негативни практики да живеат врз грбот на државата, тие ќе стагнираат. Тогаш секој граѓанин ќе ја види разликата на доброто и лошото работење. Тоа е решението за средување на работите на локално ниво – констатираат соговорниците.
Тие уште додаваат и дека ваквата територијална поделба мора да претрпи корекции, бидејќи не овозможува еднакво вреднување на гласовите на граѓаните на избори, и дека решението и за оваа аномалија е во новиот изборен модел.