Одбраната на Реал Мадрид остануваше поназад, поради триото во средниот ред, Каземиро (30), Тони Крос (32) и Лука Модриќ (36). Пред противничкиот гол, пак, Карим Бензема, како и Родриго и Винисиус Жуниор, беа немилосрдни, даваа голови надвор од сите резони

ФУДБАЛОТ И ТАКТИКИТЕ (8)

Пред финалето во Лигата на шампионите (ЛШ) во мај во Париз годинава, Карло Анчелоти, тренерот на Реал Мадрид, беше прашан што мисли за Ливерпул.
– Тие се многу квалитетни како тим, со висок интензитет на играта и со добра организација. Јирген Клоп внесе некои нови работи во фудбалот и одлично си ја врши работата – изјави Анчелоти.
Но она што го кажа тој по победата на Реал од 1-0 открива повеќе и сугерира дека иако тимот на Клоп може да биде одличен во тоа што го прави, не може да направи многу повеќе од тоа или нешто поинакво.
– Ливерпул беше полесен за дешифрирање од другите. Можевме добро да се подготвиме и знаевме каква стратегија да направиме – истакна Анчелоти за „Скај Италија“.
Техничкиот извештај на Европската фудбалска унија (УЕФА) за ланската сезона во ЛШ, во кој беа вклучени 23 експерти, опфаќа исцрпна анализа на 125 натпревари и илустрира како Реал ги отфрли сегашните тактички трендови и, надвор од сите предвидувања, успеа да ја освои својата 14-та европска титула.
Високата одбрана, високиот пресинг и „стеснувањето“ на теренот се тренерската филозофија на Клоп и на повеќето колеги во врвните европски клубови. Манчестер сити, Баерн Минхен и Ливерпул имаа висока дефанзивна линија ланската сезона во мечевите во ЛШ. Во нокаут-фазата, нивните последни одбранбени играчи беа на 45,5, на 44,4 и на 43,6 метри високо на теренот кога немаа посед на топка. Спротивно на тоа, одбраната на Реал Мадрид остануваше поназад. Тие беа на 35,2 метри оддалечени од својот гол, 10-то највисоко место меѓу 16-те екипи. Со оглед на тоа дека Анчелоти ѝ дава приоритет на прецизноста со топката наместо притисокот врз неа, ривалите на Реал лесно го освојуваа теренот.

Фабио Капело, еден од експертите на УЕФА и поранешен тренер на Реал, тоа го објасни како прагматичен избор заснован на изборот на играчите. Триото на Реал од средниот ред, 30-годишниот Каземиро (сега е во Манчестер јунајтед), Тони Крос (32) и Лука Модриќ (36) имаат многу години, но и трофеи и техника.
– Играчите од средниот ред не се млади, не се многу брзи – забележа Капело.
Од друга страна, кога Реал не можеше да го држи противникот подалеку од својот гол, му беше потребен голманот Тибо Куртоа да го спасува, како што се случи во финалето, кога имаше девет одбрани, најмногу во едно финале на ЛШ. Тој, исто така, забележа и најмногу одбрани лани, 59. Севкупно, Куртоа спречи 4,63 гола во шампионската кампања на Реал.
На другиот крај од теренот, пред противничкиот гол, Реал исто така беше подобар од просекот. Францускиот напаѓач Карим Бензема и бразилското дуо Родриго и Винисиус Жуниор беа немилосрдни, даваа голови надвор од сите резони. Тие голови беа постигнувани на крајот од трпеливите периоди на посед на топката, наместо како нивните ривали по одземената топка со високиот пресинг, или пак со контролираната игра што почнуваше од својата половина кон напред, како што играа некои од аутсајдерите во ЛШ.
Реал Мадрид во просек ја имаше топката во свој посед 16,2 секунди пред секој даден гол, повеќе од која било друга екипа што стигнала до нокаут-фазата. Ливерпул повторно е контрастот. Тимот на Клоп ја имаше топката во просек по 9,5 секунди пред да ја погоди противничката мрежа.
Но некои елементи и работи за успехот на Реал беа многу потешко да се измерат и да се објаснат. На 15 минути до крајот на мечот во осминафиналето против Пари сен Жермен, тие беа елиминирани. Слично беше и во четврт-финалето против Челси, кога се спасуваа во последните 10 минути. Против Манчестер сити во полуфиналето во 90-та минута беа „во аут“, но се спасија во дополнителните пет минути. Секојпат минуваа во следната рунда.
Огромна среќа? Извонредна ментална цврстина? По малку од двете? Можеби тоа најдобро го резимира Анчелоти по финалето.
– Винисиус постигна гол, Куртоа одбрани, крај на приказната – заклучи Анчелоти.
Како и да е, убавината на фудбалот е во тоа што не постои единствен начин како да се игра и како да се победува. Тимовите играат во најразновидни тактички формации, што најмногу зависи од типот на играчите што тренерите ги имаат на располагање, од противникот против кого играат, од филозофијата на противничкиот тренер, секако, и од факторот среќа.

Л.Д.

(крај)