Фото: приватна архива

Како осмоодделенец првпат застанав на театарската сцена како Митанче во претставата „Ивкова слава“, во далечната 1982 година, вели Горко

ВРЕМЕПЛОВ – Кога бев ученик: Петар Горко, актер

Петар Горко е познат македонски актер, чија матична куќа е Битолскиот народен театар, каде што и ја започна својата кариера, со улогата на Митанче во претставата „Ивкова слава“. Тој годинава одбележува 35 години на штиците што живот значат, но вели дека сѐ уште го чува детето во себе. Освен во театар, докажан е и како ТВ-актер, на филм, но и како водител, текстописец, а голем вљубеник е и во поезијата, во сликарството… Како ученик бил „конферансие“ и рецитатор на јавните приредби.

Кога првпат седнавте во училишна клупа?
– Првпат се сретнав со други ученици во забавиште, во далечната 1973 година. Ми предаваше учителката Ќева, која беше пред пензија. Паметам, бевме многу деца, речиси 40, во една голема училница во ОУ „Гоце Делчев“ во Битола, а јас бев многу возбуден. Се сеќавам и како бев облечен тој ден – имав бела блуза и бели панталони. Тоа беше во забавиште, а во прво одделение бевме клас на учителката Марика Каранфилова, една прекрасна госпоѓа, од која навистина многу научивме.

Што посебно ви остана во сеќавање од училишните денови?
– Не дека не ми беше понекогаш тешко и здодевно, како на секое дете, но сепак, случувањата, убави и неубави, се меморирани некаде во мене и ќе останат таму засекогаш. Сметам дека тие денови никогаш не се забораваат. Инаку, од второ одделение почнав да одам во пионерскиот центар „Трајче Магловски“ во рецитаторската секција, каде што одеа и други поголеми деца, сега веќе познати актери. Сакав да рецитирам, да бидам конферансие на тогашните приредби по повод државните празници на СФРЈ. Беше интересно.

Како реагираше публиката на Вашиот талент?
– Еднаш со пионерскиот центар бевме во селото Болно, каде што загинал народниот херој Стив Наумов, рецитирав една тажна песна и сите ги расплакав. Потоа ме прегрнаа велејќи ми дека има многу емоции во мене.

А имаше ли и смешни ситуации на сцената?
– Имаше многу. Еднаш со мои другарчиња рецитирав на сцената на киното „Партизан“ во Битола по повод 29 Ноември, Денот на тогашната СФРЈ. Бевме четворица – две машки и две женски, со црвени папки поголеми од нас (ха, ха). Некој згреши нешто и почнавме да се смееме. Толку се смеевме што не можевме да продолжиме и со папките ги покривме лицата да не нѐ гледаат, но на микрофоните се слушаше сѐ. Нашата смеа ја прифати и публиката, а потоа сѐ заврши со аплауз.

Кога Ве забележаа актерите во Битолскиот театар?
– Кога бев во осмо одделение, настапував во новогодишната приредба на нашето училиште и еден ден дојдоа двајца познати актери од Битолскиот театар – Јоана Поповска и Петар Стојковски-Бабец. По препорака на мојата наставничка по македонски јазик, ми рекоа утредента да дојдам во театарот на проба. Така и беше. Со првата улога, Митанче во претставата „Ивкова слава“ почна мојата актерска кариера во 1982 година. Подоцна се запишав на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Сега, ете, работам во истиот оној театар каде што и почнав.

Пишувате и текстови за детски песнички. Дали можеби се собрани на едно место?
– Во 2003 година ја издадов збирката „Фламенко“ со детска поезија. Всушност тоа се текстови за детски песни испеани на фестивали, но напишани и за детски театарски претстави, чија промоција беше на необично место – во Детското одделение на Клиничката болница во Битола. Сакав да им оддадам почит на лекарите и сестрите и да им поделам по една книга на болните дечиња за побрзо оздравување. Кога заживеа, според мене, најголемиот детски фестивал кај нас „Си-до“, напишав текстови за повеќе песнички, во соработка со браќата Нечак, кои беа автори на музиката. Така се родија многу хитови, а најголемиот, кој сѐ уште живее, е „Фламенко“.