Фото: Игор Бансколиев

Како дел од оваа кампања, од јавното претпријатие „Лајка“ ги покануваат сите љубители на кучиња, нивните досегашни вдомувачи, пријатели, соработници и активисти да се приклучат на второто пролетно дружење со кучињата од прифатилиштето на ЈП „Лајка“, в сабота, 9 април 2022 година, од 11 до 14.30 часот, во Градскиот парк во Скопје, збирно место Фонтана

ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА БЕЗДОМНИТЕ ЖИВОТНИ

Бездомните животни кај многумина предизвикуваат жал, тага, потреба да им помогнат и да ги спасат од животот што го живеат. Сами, избркани, напуштени, малтретирани и оставени на милост и немилост на временските услови, уличните кучиња се тие што својот живот го минуваат гладни, на ниски или високи температури. Многумина се плашат од нив, па ги бркаат, тепаат, некои дури и одат дотаму што ги трујат, наместо да им дадат шанса и да им помогнат. Бројката на улични кучиња е значително порасната откако попушти пандемијата на коронавирусот, односно откако бројката на заразени и мерките спласнаа. Сега сите оние што тогаш набавија кучиња, за да имаат занимација во карантинските денови, повеќе немаат време за нив, па ги исфрлаат на улиците, дополнително придонесувајќи за зголемување на бројката на бездомни кучиња во градот.

ЖАЛНА СТАТИСТИКА – ГРАЃАНИТЕ ДА БИДАТ ХУМАНИ

Светската здравствена организација (СЗО), за жал, проценува дека на планетата Земја има повеќе од 200 милиони улични кучиња, а повеќе од 480.000.000 улични мачки на улиците низ светот.
За да се издигне свеста за намалување на оваа статистика, но и за грижа за кучињата и мачките, создаден е 4 април како Светски ден на бездомните животни.
Токму по повод одбележувањето на овој ден, неодамна, јавното претпријатие „Лајка“ започна кампања за издигање на свеста за подобрување на благосостојбата на бездомните животни и градење култура за вдомување бездомно животно.
– Секоја година низ светот илјадници бездомни кучиња страдаат од глад, студ, ризик од топлотен удар, малтретирање, ризик од труење, појава на болест, смрт… Затоа ги советуваме сите граѓани да им обезбедат засолниште на своите маалски миленици, да постават садови за храна и вода на местата каде што најчесто се стационираат бездомните животни во нивното маало, да донираат храна, ќебенца, поводници, околувратници и други дополнителни реквизити во некој локален шелтер, да им дадат поддршка на здруженијата и организациите за заштита на животни и да вдомат бездомно животно (маче или куче) – велат од „Лајка“.
Оттаму додаваат дека како дел од оваа кампања ги покануваат сите љубители на кучиња, нивните досегашни вдомувачи, пријатели, соработници и активисти да се приклучат на второто пролетно дружење со кучињата од прифатилиштето на ЈП „Лајка“, в сабота, 9 април 2022 година, од 11 до 14.30 часот во Градскиот парк во Скопје, збирно место Фонтана.
– Сите заинтересирани граѓани што сакаат да шетаат некое од кучињата згрижени во ЈП „Лајка“, може да ги разгледаат на нашите социјални мрежи и да го одберат своето омилено, со тоа што ќе се пријават на нашата електронска адреса [email protected]. Потоа, нашите вработени ќе им дадат одговор дали тоа куче е соодветно за да биде дел од оваа наша активност што ќе се спроведе овој викенд – велат од претпријатието.

ГОЛЕМ БРОЈ ХУМАНИ ГРАЃАНИ

Граѓаните велат дека в сабота ќе бидат во Градскиот парк, каде што ќе можат на кучињата од „Лајка“ да им дадат љубов, забава и дружење.
– Доколку дозволат временските услови, со двете деца ќе одиме в сабота во паркот, каде што ќе се дружиме со кучињата. Сите сакаме животни, иако во моментов не сме во можност да се грижиме во својот дом за миленик, но редовно и секогаш се грижиме за маалските, на кои им оставаме храна и вода – вели Мартина Велковска.
Кога се во прашање бездомните животни, Скопје полека но сигурно станува сѐ похуман град. Во голем број населби низ градот се забележани голем број чиничиња за храна и вода и адаптирани живеалишта со ќебиња, наменети за кучињата и мачињата.
Само во скопската населба Железара голем е бројот на жители што имаат домашни миленици, но тоа не ги спречува да се грижат и за уличните.
Иако оваа населба имаше огромен проблем со насилни и агресивни улични кучиња, кои напаѓаа мали деца, сепак, локалното население паралелно се грижи и за оние што се оставени на улица.
– Јас чувам куче, меѓутоа задолжително се грижам и за оние што живеат околу нашата зграда. Зимата беше ладна, а сега на ред се пролетните дождови, па им направивме живеалишта за да не бидат на улица. И тие се живи души, кои не можат сами да си помогнат, па ние им даваме храна и вода, но и топло престојувалиште – вели Мартин Димовски, жител на оваа населба.

[email protected]