Тренинг-кампот во СЦ „Јане Сандански“ собра бројни талентирани пингпонгари и љубители на спортот / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Млади македонски пингпонгари имаа можност да учат од врвни кинески спортски шампиони

  • Познатите кинески шампиони Џанг Јининг и Јан Сен со своето знаење ги инспирираа младите македонски пингпонгари, потврдувајќи дека спортската размена отвора нови патишта за унапредување на врските меѓу двете земји

Млади македонски пингпонгари деновиве имаа можност да ги изучуваат вештините на овој спорт од една од најуспешните спортистки во историјата на пинг-понгот, легендарната Џанг Јининг, во рамките на тренинг-камп одржан во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје. Повеќекратната олимписка и светска шампионка ја предводеше кинеската спортска делегација што гостуваше во главниот град, со цел на талентираните пингпонгари да им пренесе знаење и техники од спортот во кој Кина има богата и успешна традиција. Заедно со неа во Скопје беше уште еден врвен поранешен кинески пингпонгар, Јан Сен, познат по успесите во конкуренција на машки двојки. Тој е и потпретседател на Кинескиот пингпонг-колеџ во Шангај, тамошна високообразовна институција целосно посветена на овој спорт. На тренинзите во Скопје исто така се приклучија и млади пингпонгари од Србија, што создаде поширока регионална сцена каде што младите спортисти другаруваат и меѓусебно се надградуваат.
Во своите предлози за развој на младинскиот пинг-понг во Македонија, Џанг Јининг нагласи потреба од создавање инфраструктура преку изградба на специјализирани сали и тренинг-центри со современа опрема, вклучување на младите македонски играчи во меѓународни кампови и турнири со учество на европски и кинески шампиони, како и менторство и образовни иницијативи каде што ќе работат со искусни спортисти.
– Северна Македонија има талент и страст. Македонските играчи се полни со ентузијазам и поседуваат дисциплина. Нивната конкурентност е во подем и бара систематска поддршка. За да се создаде генерација што ќе се натпреварува на европско и светско ниво, потребна е стратегија што ќе ги обедини училиштата, клубовите и институциите – посочи Џанг Јининг.
Во своето обраќање пред присутните во СЦ „Јане Сандански“, кинеската амбасадорка во Македонија, Џианг Сиаојан, укажа дека ова е првпат земјава да биде домаќин на толку истакнати кинески пингпонгари, шампиони не само од летните олимписки игри, туку и од светските првенства. Но, според неа, ова не е првпат македонски пингпонг-играчи да остваруваат ваква соработка и размена со одлични кинески тренери, туку соработката во овој спорт веќе е во полн ек. Во април, млади македонски пингпонгари и тренери престојувале во Барселона, Шпанија, каде што работеле со кинески тренери, а претходно годинава учествувале и на тренинг-камп во Ченгду, родниот град на амбасадорката Џианг Сиаојан.

Н.Е. г-ѓа Џианг Сиаојан

– Пинг-понгот не е само спорт, тој е начин за поврзување со светот. Оваа година се одбележува 55-годишнината од пингпонг-дипломатијата, која одигра клучна улога во градењето силни емотивни врски меѓу Кина и САД. Тоа е приказна што сите ја знаат. Но малкумина го знаат фактот дека пинг-понгот всушност потекнува од Европа, а потоа се проширил во Кина и низ целиот свет. Пред само неколку дена, потпретседателот Јен Сен и професорката Џанг Јининг престојуваа во Брисел по повод пријателскиот турнир во пинг-понг меѓу Кина и ЕУ за 2026 година. Овој настан собра повеќе од 100 љубители на пинг-понгот од Кина и од Европа, го продлабочи меѓусебното пријателство и дополнително ги зацврсти врските меѓу народите на Кина и Европа. Всушност, спортската размена меѓу Кина и Северна Македонија игра важна улога во унапредувањето на спортската дипломатија меѓу Кина и ЕУ. Тоа бара континуирани напори од страна на Кина, Северна Македонија, Србија, Црна Гора и сите вклучени партнери. Ми претставува огромно задоволство што гледам дека пинг-понгот во Северна Македонија доживува подем. Ми кажаа дека повеќе од илјада млади луѓе се занимаваат со овој спорт. Исто така, слушнав дека неколкумина млади играчи постигнуваат одлични резултати оваа година – истакна кинеската амбасадорка.
Самото присуство на врвни кинески пингпонгари во земјава, односно нивната работа со млади и талентирани македонски играчи, има и пошироко значење за продлабочување на односите меѓу Македонија и Кина преку спортот и културната размена. Спортот на тој начин станува мост што ги поврзува двете земји, создавајќи нови можности за младите и отворајќи пат за идна соработка на ова поле, како и во други области, вклучувајќи ги, пред сѐ, образованието и културата.

Џанг Јининг