Резултатите од приемниот испит во гимназијата „Орце Николов“ се поразителни, особено затоа што ја одразуваат сликата за генералното ниво на знаење на ниво на цела држава, коментираат познавачите на образовниот систем
Инфлацијата на одлични ученици не значи и знаења на потребното ниво
Квалификацискиот приемен испит во скопската гимназија „Орце Николов“, кој се спроведе поради поголемиот број пријавени ученици со сите петки, уште еднаш исфрли на виделина една од болестите на македонското образование. На испитот биле тестирани 292 ученици, сите одлични, со просек 5,00. Тестот по математика носел максимум 100 поени, а по мајчин јазик максимум 70 поени. Од нив, одличен успех (над 129 бода, т.е. над 76 отсто) покажале само 11 ученици, или 3,76 отсто од тестираните.
Многу добар успех покажале 39 ученици, односно 13,36 отсто од тестираните. Добар успех покажале 133 ученици, односно 45,55 отсто од тестираните. Доволен успех имаат покажано 70 ученици, односно 23,97 отсто од тестираните. Недоволен успех – 39 ученици, односно 13,36 отсто од тестираните.
Поразителни бројки што ја откриваат генералната слика за познавање на материјата
Бројките се поразителни, особено зашто ја одразуваат сликата за генералното ниво на знаење на учениците, на ниво на цела држава, коментираат познавачите на образовниот систем.
– Искрено, не сакав да верувам во ваквите резултати. Сепак, ако тргнеме од фактот дека од 292 апсолутно одлични ученици, само 11 го поминале тестот со одличен успех, а најголемиот број ученици на тестирањето покажале добар и доволен успех и ако на статистикава се додаде и не толку малиот број на слаби оценки, 39, се отвораат многу прашања. Проблемот можеме да го лоцираме на многу адреси. Она што мене ми испливува на површина е секако фактот што подразбира децениско маргинализирање на најсуштествената општествена сфера – образованието – вели Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште во Куманово.
Под тоа таа подразбира децениско реформирање што не дава резултат, започнување од почеток со секоја нова политичка гарнитура на власт, невклучување на фелата во виталните аспекти преку кои функционира системот.
Ова што се случува сега постои поодамна, само што сега станува видливо и дефинира сериозни воспитно-образовни утки на сите чинители. Притисоците на родителите, но и на целиот образовен систем се само дел од „потпомагачите“ за ваквата поразителна ситуација. Ова е сликата на целиот систем, кој одамна не поставува предизвици, дефинира оценки што немаат зад себе сознаен габарит и, реално, систем оптоварен со импровизации, кои, за жал, и децата ги научија. Не се бара од нив знаење. Доволни се притисоците од родителите и некои други структури, кои никако да сфатат дека со тоа му одмагаат на детето. Затоа што се креира како личност што нема усвоени вредности, потребни за исправен живот понатаму. Секој учител, верувам, знае да оценува. Знае што е критериум, а што стандард. Она што не го знае е како да се справи со притисоците во едно општество, во кое многу долго време и образованието е на маргините. Она што секогаш и секогаш и секогаш го повторувам – на образованието му се потребни здрави, автентични и исправни образовни политики, а не политика во образованието. Нештата се помешани, вредностите се деградирани и сѐ додека не се соберат сили да се направи сериозен општествен рестарт, ќе талкаме и ќе се изненадуваме од ваквите неуспеси – вели Секирарска.
Учениците се најмалку виновни
Децата се најмалку виновни, вели таа и додава дека со ова не им се прави услуга.
– Многу е тешко да се издржи притисок во атмосфера во која вредноста се мери на погрешен начин. Ќе завршам со тоа што ќе кажам дека за мене, ова е своевиден повик за помош од страна на децата и вината во никој случај не е кај нив. Секако, потребна е промена на целиот општествен контекст, затоа што образованието како неизолирана од другите сфери, ги трпи сите деформации. Состојбата со оценувањето е само една од нив – додава Секирарска.
Резултатите од последново тестирање се одраз на тоа како изгледа реалната слика.
-Тоа кажува дека имаме инфлација на одлични ученици. Стигнати сме до ниво да правиме одлични ученици во основните училишта. Ние сме озлогласени дека ставаме многу лоши оценки, што е реална дистрибуција на оценки. И ни велат: „Само вие оставате ученици со доволен успех“. Па, и ученикот знае да каже: „Ти не ми дозволуваш да се запишам каде што сакам“. Има притисоци. Ама тоа е само едниот аспект на нештата. Некогаш не подлегнуваш од притисоци на пријатели, туку на тие од општеството. И законите многу придонесуваат за тоа. Сега ако сакаш да оставиш ученик на продолжителна настава, секој наставник треба да одржи 30 отсто од фондот на часови, и тој наставник треба цел месец да држи толку часови, кои не се платени. И нормално, учителите ќе стават двојка, за да помине. Не е само родителот оној што прави притисок. И самиот систем во училиштето го прави тоа – смета училишниот педагог Убавка Бутлеска.
Според неа, целиот проблем почнал со Законот за задолжително средно образование.
– Тоа е најлошото нешто што се донесе, иако беше со најдобра намера. Имам деца што ми велат: „Не сакам да учам, сакам да работам земја, имам трактор“. Со тоа се потиснува и земјоделството како гранка – вели Бутлеска.
Дали приемниот испите е дел од решението за поквалитетно образование?
Луѓе што се директно вклучени во образовниот процес се неопходни при правењето нови закони и стратегии во образованието, смета Бутлеска.
– Кога веќе е вака како што е, да одиме на друг систем. Да направиме квалификациско запишување. Позначајно е дури и од матура. Особено во стручните училишта. Не знаеме дали децата се надарени за тоа што сакаат да се запишат, добро би било да има такви тестови. Да видиме до кај сме. Нека се насочат децата вистински. Има излез, но треба да се направи добра стратегија од страна на сите засегнати страни, а не само на група луѓе. Мора да се вклучат луѓето од базата, некој што знае што се случува на терен – додава таа.
Проф. д-р Кирил Барбареев вели дека треба да постојат јасни критериуми за оценување, со што би се овозможила транспарентност во оценувањето.
– Не сум изненаден од оваа ситуација во нашиот систем. Поразително е што предолго и пребавно одат промените на подобро во системот. Оценката е определување на вредноста, суд за вредноста. Како ја создаваме и креираме вредноста во нашето општество започнува од тоа колку јасно, објективно и вистински ги воспитуваме и образоваме учениците за реалната вредност што ја постигнуваат. Како работна група, кога работевме, ги имавме предвид сите овие ситуации во системот и понудивме реални решенија. Но, за жал, мислам дека премалку се разбра суштината на промените, како и концептот на оценување, кој го има како посебен дел во концепцијата. Краткорочно и долгорочно се даваат решенија на овие проблеми во системот. Таму јасно стои дека е потребно воспоставување јасни критериуми за оценување, кои се јавно достапни, со кои се обезбедува транспарентност на оценувањето. Што е клучно: наставните програми правени според новата концепција содржат стандарди за оценување што ги конкретизираат очекуваните резултати од учењето на секоја тема/содржина вклучена во секој предмет одделно – вели Барбареев.
Според него, оценката треба да е придружена со соодветно образложение и напредокот на ученикот да е документиран преку неговите трудови, само така ќе се намали и можноста за непринципиелни влијанија врз оценката и следствено на тоа зголемена е објективноста на самата оценка.
– Критериумите за оценување ќе бидат објективни доколку се изведуваат од стандардите за оценување. Ако не се почитуваат стандардите, се влегува во импровизации. Клучната причина зошто е многу важно оценките да бидат објективни, односно да се базираат на критериуми за оценување и да може да го изразуваат вистинското постигнување на учениците е во тоа што овозможуваат лесно прикажување на резултатите од учењето на ниво на паралелка, училиште, држава и треба да се користат за различни видови анализи, кои ги поставуваат основите за креирање на образовните политики (како, на пример, анализите на успехот по наставни предмети, по возраст, по јазик во наставата и во релација со други социодемографски карактеристики) – додава Барбареев.
Според Државниот завод за статистика, во учебната 2019/2020 година, од вкупно 185.788 ученици од основните училишта, со одличен успех завршиле 70.299 ученици од сите одделенија. Додека, пак, од вкупно 71.176 ученици во средните училишта, 31.306 завршиле со одличен успех.