Европскиот парламент изгласа резолуција со која се бара почеток на преговорите на Македонија со Унијата, но во која се најдоа и некои спорни амандмани што се косат и со европските принципи и со критериумите за преговарање. Сега клучното прашање е како понатаму. Има ли Македонија механизми да се заштити од овие бугарски уцени и да спречи тие да станат ново поглавје во пристапните преговори. Според аналитичарите, сите фактори во земјава не треба да замижуваат пред овие предизвици, кои постојано се појавуваат, туку да работат на нивно пресретнување и превенирање. Бидејќи сосема е извесно во иднина токму преку овој документ Бугарија да настојува да ги претстави своите гледишта и уцени како заедничка „европска“ позиција
ПО ИЗГЛАСУВАЊЕТО НА СПОРНИТЕ АМАНДМАНИ ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ
Европскиот парламент ја изгласа резолуцијата на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во 2021 година, при што зелено светло добија и дел од спорните амандмани поднесени од бугарските европратеници, со што Бугарија доби уште една алатка во настојувањата да ги вметне своите барања и уцени во преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија.
Добар дел од македонските експерти во делот на евроинтеграциите уште во март предупредија дека Бугарија ќе се обиде да ги вметне барањата во идниот процес на преговори меѓу Македонија и Унијата и дека ситуацијата треба будно да се следи, а во таа насока беше и неодамнешното отворено писмо на Институтот за европска политика упатено до пратениците во Европскиот парламент, во кое ги повика европратениците да ги отфрлат спорните амандмани поднесени од бугарските европратеници, бидејќи се косат со европските принципи и критериумите за преговарање.
Сега, откако ЕП изгласа дел од спорните амандмани, македонската јавност се прашува колкава е нивната вистинска тежина, дали тие стануваат обврзувачки во рамките на идниот преговарачки процес или, пак, Македонија има механизми да се заштити од овие бугарски уцени и да спречи тие да станат ново поглавје во пристапните преговори.
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, е на ставот дека иако дел од амандманите поминале, тие немаат некаква посебна тежина и со ништо не ја обврзуваат Македонија во идниот процес на преговори со Унијата.
– Точно е дека дел од тие контроверзни амандмани поминаа во ЕП, но не помина оној, би рекла, грозен амандман во кој Македонија беше обвинета за дискриминација и сигурна сум дека некои политичари во Бугарија нема да бидат среќни поради тоа. Резолуцијата на ЕП во која се најдоа дел од амандманите на кои Бугарија инсистираше е необврзувачки документ, за разлика од преговарачката рамка. Како таква, оваа резолуција нема особена тежина во пристапниот процес – категорична е Кацарска.
Според неа, клучно прашање е како Бугарија ќе го користи понатаму овој документ.
– Без оглед што резолуцијата е необврзувачки документ, секако, ќе биде користена од дел од политичките чинители во Бугарија во насока на претставување на бугарските гледишта како заедничка „европска“ позиција – нагласува Кацарска.
Таа уште додава дека политичката битка ќе продолжи и понатаму и дека државата, но и сите фактори тука во земјава, не треба да замижуваат пред овие предизвици, кои постојано се појавуваат, туку да работат на нивно пресретнување и превенирање.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски изразува загриженост со тоа што поминувањето на амандманите поднесени од бугарските европратеници сигнализира дека Македонија во последно време затајува во борбата на терен.
– Тоа што загрижува е што како што поминува времето, Бугарија очигледно ја пробива својата позиција во Европа. Ние за да имаме добар договор, треба да сме добри и на терен. Треба Бугарија да не наоѓа разбирање кај западните сојузници ако сакаме да имаме добар договор – смета Арсовски.
Според него, поминувањето на амандманите не е добра вест за нас, но охрабрува ангажманот на ЕК за итен почеток на преговорите со Македонија.
– Ова не е целосно добра вест за нас, иако во Извештајот на ЕК првпат јавно се повикува со рок на почеток на преговорите, и тоа итно. Мислам дека ова е подготовка на ЕК за еден последен напор пред јуни за еден обид за решавање на прашањето со бугарското вето и конечен почеток на пристапните преговори – истакнува Арсовски.
МНР го поздрави усвојувањето на резолуцијата
Министерството за надворешни работи го поздрави усвојувањето на резолуцијата на Европскиот парламент за Македонија, без да го коментира усвојувањето на дел од спорните амандмани.
– Европскиот парламент упати јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија со С. Македонија веднаш. Охрабрува фактот што текстот на резолуцијата доби поддршка од огромен број членови на Европскиот парламент, што ја отсликува поддршката од поширокиот политички спектрум во рамките на ЕУ – наведуваат од МНР.
Оттаму уште го поздравија повикот на Европскиот парламент за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес, што е во духот и принципите на пристапниот процес.