Нови книги за деца
Во саботата, во 17 часот, во Паркот на поезијата на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје се случи промоција на сликовницата „Другарко“ од авторот Денис Јанкуловски-Космонаутко, со впечатливите илустрации на Наташа Костовска.
На промоцијата настапија инклузивното танцово студио „Еурека“, Марија Савеска и Дени Жерновска.
Со авторот Јанкуловски и со илустраторката Костовска за сликовницата разговараа книжевната критичарка Александра Јуруковска и Дејан Трајкоски од издавачката куќа „Прозарт медија“.
Сликовницата „Другарко“ на неодамнешниот Саем на книгата го доби највисокото признание за општествена одговорност, кое го доделува Македонската асоцијација на издавачи.
– Ова е една од ретките сликовници кај нас што се занимава со децата со нетипичен развој. Во сликовницата главниот јунак е детето Другарко, кое има аутизам и кое си живее во својот свет, а приказната е мајсторски раскажана, испреплетена со етички поуки за другарството, заедништвото и почитувањето на поинаквите. Боите во сликовницата се ненападни, а и фонтот е едноставен, а не разигран, со цел сликовницата да можат да ја гледаат и читаат сите деца – се наведува во образложението на жири-комисијата.
Издавањето на „Другарко“ го поддржа и Министерството за култура.
А како што вети Космонаутко, на промоцијата беше весело, насмеано, магично, а сликовницата „Другарко“ поттикна убава и незаборавна дружба.
Се надеваме дека во иднина ќе има уште повеќе слични вакви изданија.