Фото: МИА

По скандалозниот избор на Ислам Абази за шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција без понуден план и програма за работа и спротивно на сите утврдени критериуми и принципи за избор на обвинител, за што со право реагираше и меѓународната заедница, вчера нов мандат доби Мустафа Хајрулахи во Вишото јавно обвинителство – Скопје, за кого пред неколку месеци истиот Совет на јавни обвинители искажа мислење дека не е задоволен од неговото менаџирање со ова обвинителство, притоа наведувајќи и голем број пропусти во неговата работа. Сите овие показатели одат во прилог на тврдењата за нагласено влијание на политиката врз правосудството и немањето никакви контролни механизми и критериуми

ПРОДОЛЖУВААТ КОНТРОВЕРЗНИТЕ
НАЗНАЧУВАЊА ВО ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

Според предвидувањата на јавноста, и спротивно на декларираните политички заложби за воспоставување критериуми и контролни механизми за избори на авторитети во правосудниот систем, Советот на јавни обвинители вчера на продолжението на 70-та седница, едногласно го избра Мустафа Хајрулахи за шеф на Вишото јавно обвинителство – Скопје. Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, на седницата одржана во петокот, на 23 декември, појасни дека Хајрулахи е позитивно оценет со 23 поени. Со тоа започна вториот мандат на Хајрулахи како шеф на Вишото јавно обвинителство – Скопје (под чија надлежност се Скопското јавно обвинителство, ОЈО-Куманово, Гевгелија, Кавадарци, Велес и Крива Паланка), и покрај тоа што во мај годинава, истиот Совет на јавни обвинители искажа мислење дека не е задоволен од неговото менаџирање со ова обвинителство. Пред седум месеци, членовите на Советот на јавни обвинители му упатија сериозни критики на Хајрулахи во работењето како досегашен шеф, со недозволиви грешки, како во Вишото така и во петте основни јавни обвинителства под негова надлежност. Во тогашните критики беше забележано дека како прв човек на ВЈО-Скопје, Хајрулахи не обезбедил податоци за причинетата материјална штета од кривичните дела за кои во овие обвинителства се водат истраги, како на буџетот на државата така и на физички лица, фирми и компании. Немало ниту една конфискација на имот стекнат од криминалот што го работат најголемото ОЈО-Скопје и другите пет обвинителства, ниту пак Вишото обвинителство како коректив, во постапките пред Апелациониот суд не побарало замрзнување и конфискација на нелегално стекнат имот… Најиндикативен случај на непостапување на старо-новиот виш јавен обвинител е одложувањето на давање мислење за предметите на првостепено осудените на затворски казни, Ејуп Алими и Исмет Гури, за преправање гласачки списоци во Чаир. Наместо за 15 дена да биде дадено мислењето на ВЈО до Апелациониот суд, предметот бил чуван пет месеци… Актуелната состојба за овој предмет е – Апелациониот суд ја укина пресудата и го врати на повторено судење.

Сега со изборот на Хајрулахи за уште еден мандат во Вишото јавно обвинителство – Скопје како да продолжува практиката на избор на јавни обвинители на начин што ги има симптомите на партизираност на правосудството, но и немање контролни механизми за оцена и проверка на сработеното. По нетранспарентниот избор на Ислам Абази за шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција без понуден план и програма за мандатот, што предизвика и „чудење“ кај американската амбасадорка Агелер, новиот мандат на Хајрулахи во ВЈО-Скопје оди во прилог на тврдењата за контроверзното влијание на политиката врз третиот независен столб на власта – правосудството. Овој пат едногласноста на Советот на јавни обвинители за реизборот на Хајрулахи, освен што е контрадикторна на претходното нивно мислење, остава простор за перцепција дека ги пренебрегнува сугестивните препораки (дури и опомени) на амбасадорите на САД, ЕУ и други пријателски европски земји за воспоставување контролни механизми во правосудството за да се овозможи негова независност и владеење на правото, но и превенција од политичко-партиски влијанија.
– Повторно се покажува дека во Македонија сѐ уште нема услови да биде избран или реизбран прв човек на судско-обвинителска институција, без влијание на политиката. Дури е непријатна видливоста на партиско-политичкото влијание во реизборот на вишиот јавен обвинител, што се граничи со дрзок политички предизвик. Предизвикот го упатува партијата, чиј очигледен фаворит е обвинителот, до целата македонска јавност, како своевидна порака: новинарите нека пишуваат, амбасадорите на земјите што вложувале во унапредување на македонскиот правосуден систем – нека критикуваат, ние (партијата) нема да отстапиме од нашиот партиски интерес. Во моментот кога сите политички субјекти во Македонија, заедно со дипломатите во земјава, се колнат во заложби за справување со корупцијата и да не се остави простор за противправни дејства, добиваме уште еден акт на узурпација на функционалноста на државните институции. На ваков начин, сѐ повеќе се движиме во насока на нефункционална држава отколку кон правна држава – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.
Постоењето на правната држава, со своите механизми, е таа што треба да воведе ред во управувањето, да спречи и да се бори против прекршувањето на позитивното право во државата, против криминалот, корупцијата и сите негативни појави во општеството, односно да биде вистински регулатор и контролор на државната управа, т.е. на општеството.
За жал, повторно се покажува дека овие контролни механизми во Македонија во голем дел се ставени надвор од функција, така што наместо стручни и компетентни луѓе, тие се пополнети со партиски апаратчици, кои повеќе гледаат да одработат за партискиот функционер што под некаков притисок на јавноста би се нашол пред тоа контролно тело отколку да утврдуваат фактичка состојба и да даваат препораки за понатамошна (извршна) постапка, од поврзаната мрежа на регулаторно-контролни инструменти, кон соодветно процесирање. Контроверзниот реизбор на вишиот јавен обвинител само ја потврдува претходно изнесената дијагноза за состојбата на контролните механизми и правната држава во Македонија.

– Повторувањето на грешките при начинот на избор на први луѓе во правните институции во Македонија, и покрај сите критики и предупредувања, само покажува дека всушност нема функционални контролни механизми. Затоа и така неодговорно се однесуваат и судиите и обвинителите, префрлајќи си ја работата и одговорноста едни на други, зашто знаат дека правните контролни механизми се послаби од политичките механизми. Во таква состојба, најефикасен контролен механизам е само разрешување на сите што не покажале резултати и ефикасност во работата. Но и тоа нема кој да го направи. Имено, претседателот Пендаровски, кој има висока надлежност и одговорност во однос на воспоставувањето правна држава, вели дека немаме капацитет за ветинг на правосудството. А лекот за Македонија да биде правна држава е едноставен – само треба да се почитуваат и спроведуваат законите, а не да се избегнува одговорноста, како од судиите така и од обвинителите – вели врховниот судија Дане Илиев.