Фото: Маја Јаневска-Илиева

По одлуката на Уставниот суд дека балансерот бил неуставен, сега уставниот принцип „уставна норма за правична застапеност“ е на чист терен. Од таа точка треба да се донесат новите закони и тоа исто така да биде и точка од која државата ќе се оддалечи од патеката по која сѐ повеќе правно-политички заглибуваше: сегрегирана, бинационална држава…

НОВИТЕ РЕШЕНИЈА ПО БАЛАНСЕРОТ ДА СЕ ДОНЕСАТ БЕЗ БРЗАЊЕ И СО ДЛАБИНСКИ КОНСУЛТАЦИИ И АНАЛИЗИ

Фамозниот балансер со кој требаше да се обезбеди правична застапеност на малцинствата на централно и на локално ниво откако стана инструмент за масовни државни партиски вработувања на сега опозициската ДУИ, со силна поддршка од СДСМ, првин падна во очите на јавноста. Потоа падна и пред Уставниот суд и тој сега е историја. Архивиран во делот на лоши и неуставни законски решенија. Можеби звучи нелогично, но на Македонија ѝ се случува Владата да предлага, а Собранието да усвојува неуставни закони.
Затоа октомвриската одлука на Уставниот суд на Република Македонија е од темелно значење и таа има значење на пилот-одлука, што значи дека доколку во иднина се донесе сличен закон како балансерот, тој автоматски ќе стане неважечки уште пред да влезе во собраниска процедура.
Дали Вреди, која во јавноста се прокламира за иден предлагач на нов закон за правична застапеност, води сметка за овој правен и уставен принцип? Веројатно – да, бидејќи веќе јавно се декларираа дека „ќе бидат предлагачи на закони што нема да бидат предмет на Уставниот суд“. Рака на срце, малку е неизвесно во врска со нацрт-законот за правична застапеност, затоа што досега се чини никој, па ниту премиерот Христијан Мицкоски, не го видел, прочитал и проанализирал предлогот на Вреди. Затоа, подобро е сега да се направат пошироки консултации, да се консултира Уставот, внатрестипулираниот Охридски договор, добрите практики… и да се продолжи понатаму. Не треба да се брза, оти народот бил мудар кога се изјаснил за брзањето.

Да не се измислува „топла вода“ во законите: Правичната застапеност е уставен принцип!

Правичната застапеност е уставен принцип, македонска правна норма, и таа е маркерот, но и црвените линии, каде што може и мора да се движи општеството. Видовме дека балансерот сериозно го исфрли од баланс тој уставен принцип и стана средство за дискриминација. Оцена дадена од стручни лица за корпусот прашање за човековите права, како и од уставните судии. Притоа се додава дека не се почитувал принципот на конкурентност и квалитет, туку предност им се давала на партиски вработувања. Дали ја научивме лекцијата или ќе ги повторуваме грешките што скапо ги плаќаме?
Укинувањето на балансерот создаде извесни проблеми, барем во некои министерства. Според наши извори, постои одреден застој со нови вработувања, но речиси е целосно запрен и процесот на воведување нови систематизации во министерствата, а нашите извори велат дека проблемот е предизвикан со укинатиот балансер. Меѓутоа, се работи под полна пареа што поскоро да се нормализира состојбата, која не се смета за критична. Целиот процес на преодниот период не се очекува да трае повеќе од два-три месеци. А, што потоа?

Нема потреба од политичко -партиски притисоци, нема да се добие на квалитет

Во споменатиот интерегнум период, според нашите соговорници, можеби Вреди ќе го притиска ВМРО-ДПМНЕ (како и „златната акција“ во коалицијата, Знам) за да се донесе што поскоро новиот закон за правична застапеност. Но, каде води сето тоа?
Арбен Таравари, како еден од коалициските лидери, пак, смета дека е потребна брзина. Премиерот Мицкоски, пак, веќе рече дека тој првин ќе оди на експертска анализа пред Венецијанската комисија.
Затоа ќе треба да се најде внатрешно решение што ќе биде во корист на општиот интерес. Тоа решение треба да го одрази Уставот, кој вели: „Член 8 (1) Темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се: – основните слободи и права на човекот и граѓаните признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; – рамноправна застапеност на лица кои припаѓаат на сите заедници во јавните органи на сите нивоа и во други области од јавниот живот“.
Овој уставен член произлегува од Поглавјето 4 од Охридскиот рамковен договор, „Недискриминација и застапеност“, каде што категорично се наведува дека целосно ќе се почитува принципот на недискриминација и рамноправен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија, како и кај пристапот до јавното финансирање за развојот на деловните активности.
Притоа е подвлечено дека вработувањата ќе се вршат со почитување на правилата за компетентност и интегритет според кои се раководи јавната администрација.

Партиските дипломи посилни од универзитетските

Практиката докажа, а и испитувањата на јавното мислења потврдија – правичната застапеност како општествен лек беше многу злоупотребена, а притоа орото го водеа лидерите на албанските партии, пред сѐ ДУИ, која беше во власта 20 години. Наместо да се држи до принципите на Уставот, но и на странските експертски совети, тие од година на година партиската припадност ја наметнаа за доминантна и честопати решавачка при вработувањата, а тоа сериозно се одрази врз капацитетите и ефикасноста на јавната администрација. На тој начин го урнисаа принципот компетитивност, односно конкурентност, при што најчесто партиските кадри беа вработувани, а универзитетските дипломи беа игнорирани. Се наметна етничкиот клуч, па и тука имаше селидба на идентитети – Албанци да се пишуваат за Македонци, а Македонци за Албанци. Веројатно и по тоа станавме уникатен случај. За жал, при агресивната примена на етничкиот клуч се заборави на правичната застапеност, па останаа Ромите во категоријата маргинализирана група, а не помалку и Турците. Од тој неуставен балансер се наметна перцепцијата дека Македонија се оддалечува од оската на унитарна и се приближува кон модел на бинационална држава.
Посебен проблем, за кој ДУИ немаше апсолутно никакви аргументи, беше еластичноста на балансерот, па тој важеше и за граѓани што не живеат во Македонија, што сега е анулирано.
Она што сега недостасува се направени длабински анализи од последиците од балансерот, особено финансиските реперкусии. Факт е дека Македонија по 2001 година тргна во сериозна општествена транзиција и трансформација, која налагаше огромни финансиски средства, за кои иако требаше да смета и на меѓународна помош, на крајот остана сама на свои плеќи да го води процесот што е многу скап. Можеби еден ден ќе добиеме чист одговор и за финансиските реперкусии од балансерот, но и за употребата на јазиците, која, според оценки на експерти и домашни и странски, излезе далеку од уставните граници. Но последиците се уште подлабоки ако се земат предвид и кројачките операции при утврдувањето на општинските граници во 2004 година, како и двата пописа по 2001 година, кои беа доминантно политички операции, па затоа и не ја отсликаа реалната слика во државата.


Охридскиот договор е многу јасен што е правична застапеност

4. Недискриминација и правична застапеност 4.1. Целосно ќе се почитува принципот на недискриминација и рамноправен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија, како и кај пристапот до јавното финансирање за развојот на деловните активности. 4.2. Во законите со кои се регулираат вработувањата во јавната администрација, ќе бидат содржани мерки со кои ќе се обезбеди правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јавни тела и на сите нивоа на вработување во тие тела, истовремено почитувајќи ги правилата за компетентност и интегритет според кој се раководи јавната администрација. Властите ќе преземат активности за да ја коригираат постојната неурамнотеженост во составот на јавната администрација, особено преку вработување припадници на заедниците со недоволна застапеност. Особено внимание ќе се посвети на тоа да се обезбеди, колку е можно побрзо, полициските служби генерално да ги одразат составот и распределбата на населението во Македонија, како што е специфицирано во анексот. Х.И.