Повторно дебата во Брисел за укинување на консензуалното одлучување

  • Како што пишува европското издание на „Политико“, Европската Унија, поради сè почестите блокади во донесувањето одлуки, би можела да преиспита еден од своите клучни принципи – консензусот – и повеќе да се потпира на механизмот на квалификувано мнозинство. Според овој модел, одлуките би се донесувале со поддршка од најмалку 55 проценти од земјите членки, што претставува најмалку 65 проценти од вкупното население на Унијата. Но, според експертите, за да нема забуни во македонската јавност, со некои работи мора да бидеме начисто. Една од нив се интеграциите во ЕУ

И покрај засилените наративи дека Европската Унија нема да го смени консензуалното одлучување, сепак во заднина промената на моделот на гласање се турка со полна пареа, па дури се разгледуваат варијанти и одлуката за укинување на консензусот да биде донесена без консензус.
Ваквиот пристап радикално ќе го промени односот внатре во Унијата, во насока на издвојување на земјите што се клучни во носењето на европските политики, особено во делот на надворешната политика.
Како што пишува европското издание на „Политико“, Европската Унија, поради сè почестите блокади во донесувањето одлуки, би можела да преиспита еден од своите клучни принципи – консензусот – и повеќе да се потпира на механизмот на квалификувано мнозинство. Но треба да се биде начисто во кои области и на кој начин.

Да не негуваме лажни надежи попусто

Според новопредложениот модел, одлуките би се донесувале со поддршка од најмалку 55 проценти од земјите членки, што претставува најмалку 65 проценти од вкупното население на Унијата. Спротивно на тоа, сегашниот систем бара целосна согласност од сите земји членки, што сè повеќе води кон институционален застој.
Како што наведува овој портал, Европската Унија во неколку наврати била принудена да донесува необични одлуки во односите со Унгарија, која во последните години често го користела своето право на вето. Пример е ситуацијата од 2023 година, кога европските лидери разгледувале почеток на преговори за пристапување со Украина. Тогашниот германски канцелар Олаф Шолц предложил унгарскиот премиер Виктор Орбан да ја напушти салата за време на гласањето, со цел формално да се исполни условот за едногласност.
Според изјавите на неколку европски дипломати, постои зголемена подготвеност да се најдат механизми што би го забрзале процесот на донесување одлуки во рамките на Унијата. Еден од нив истакнува дека зајакнувањето на улогата на квалификуваното мнозинство е прашање на функционалноста на системот, а не исклучиво прашање на одговор на поединечни случаи.
– Ние инсистираме на ова во секој случај, ако сакате да дејствувате брзо, потребно е институциите да можат да донесуваат одлуки без блокади – рече европскиот дипломат.
Во исто време, во дипломатските кругови постои свест дека напуштањето на принципот на консензус може да има далекосежни последици. Заедничкото дејствување на сите земји членки се смета за еден од темелите на европската интеграција, па секоја промена на овој принцип би значела фундаментална трансформација на начинот на кој функционира Унијата.

Полна пензија или само кафе-пауза за консензусот?

Во меѓувреме „Ројтерс“, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, објави дека постојат очекувања во рамките на европските институции дека политичките односи во Унгарија би можеле да се променат по парламентарните избори закажани за 12 април, што потенцијално би влијаело на динамиката на донесување одлуки во Европската Унија.
Повеќе од извесно е дека актуелната дебата во Брисел за напуштање на принципот на консензус и преминување кон одлучување со квалификувано мнозинство претставува најголемата тектонска промена во Европската Унија од Лисабонскиот договор наваму.
Без оглед што непосредниот повод е итноста на помошта за Украина, овој процес некој може да го толкува во јавноста дека би бил од полза за македонските евроинтеграции.
– Иако овој предлог го напаѓа самиот корен на проблемот, а тоа е правото на вето како алатка за билатерална уцена, во ЕУ нема да има промени за одлучување за проширувањето по тој предложен систем. Македонија со децении е заложник на овој систем, каде што една земја членка може да го блокира целиот регион поради историски или идентитетски спорови, што ја прави Унијата геополитички немоќна. И не само тоа, врз искуствата од македонските блокади, многу други земји членки почнаа да ги користат овие модалитети за остварување некои свои планови – велат наши соговорници.
Според нив, предупредувањата што своевремено македонската страна ги упатуваше до Брисел дека преседаните со билатерализацијата на македонскиот евроинтегративен пат ќе му се вратат како бумеранг на Брисел и за други работи, се покажаа како оправдани.
– Проблемот е што на ЕУ ѝ беше потребно премногу време за да го увиди тоа. Можеби навистина воведувањето на моделот 55/65, каде што одлуките би се носеле со поддршка од 55 проценти од државите што претставуваат 65 проценти од населението, практично би значело дека бугарското вето повеќе нема да има правна моќ да го запре процесот доколку постои јасен европски интерес за негово продолжување – размислуваат гласно нашите соговорници.
Меѓутоа, тие не се докрај сигурни за развојот на настаните, бидејќи и самите, како што велат, веќе не се сигурни во критериумите, принципите и правилата на Унијата, кои Брисел ги доведе до целосна „политичка растегливост’.
– Случајот со „кафе-паузата“ на Виктор Орбан за време на гласањето за Украина покажа дека Брисел веќе не се плаши да користи креативни, па дури и неформални механизми за да ги заобиколи блокадите. Тоа е јасен сигнал дека трпението на големите сили, предводени од Германија и Франција, е при крај и дека функционалноста на Унијата сега се става пред билатералните опструкции на дел од земјите членки. На крајот, ова веќе не е само прашање за проширувањето туку и за опстанокот на ЕУ како глобален играч, кој повеќе не може да си дозволи институционална парализа во услови на глобална криза – додаваат на крајот на брифингот нашите соговорници.


Црногорскиот претседател во посета на Македонија

Скопје и Подгорица со заеднички сили кон ЕУ и подобра економска поврзаност

 

Македонија и Црна Гора остануваат цврсти сојузници на патот кон Брисел, порачаа вчера од Скопје претседателите Гордана Сиљановска-Давкова и Јаков Милатовиќ. За време на официјалната посета на црногорскиот шеф на државата, двајцата лидери упатија јасна порака дека интеграцијата на Западен Балкан не е само сон туку неопходна реалност за стабилноста на Европа.
Црногорскиот претседател Милатовиќ подвлече дека неговата земја цели да стане 28-та членка на Унијата, притоа ветувајќи му на Скопје безрезервна поддршка. Тој потсети на историската блискост и фактот дека Македонија беше меѓу првите што ја признаа независноста на Црна Гора, што е темел на денешните одлични билатерални односи.
Претседателката Сиљановска-Давкова го стави акцентот на регионалното разбирање како „брза лента“ кон ЕУ. Според неа, меѓусебната почит на земјите од регионот е императив, особено во време на зголемени безбедносни ризици на континентот.
– Ако не соработуваме самите, само си го отежнуваме патот до членството – децидна е шефицата на државата.
И двајцата соговорници се согласија дека сегашната трговска размена од 60 милиони евра е далеку под реалните можности. Целта е оваа бројка набрзо да го надмине прагот од 100 милиони евра преку заеднички инвестиции во енергетиката, градежништвото и во туризмот.
Како конкретен чекор за подобро поврзување беше најавено сериозно разгледување на можноста за воспоставување директна авиолинија на релацијата Скопје–Подгорица или Скопје–Тиват. Овие теми ќе бидат подетално разработени на утрешната средба на Милатовиќ со претставниците на македонската бизнис-заедница.