Во духот на заокружувањето на оваа плодна и успешна година, Музејот на Република Северна Македонија ја најавува завршната изложба „Повеќе од зборови – Благоја Дрнков во етнолошката музејска архива“, која ќе биде отворена денеска, во 13 часот. Изложбата се реализира во чест на креативниот мајстор на фотографијата и неговите фотографски афинитети и светогледи.
Работата на фотографот и снимател Благоја Дрнков дава значаен придонес кон унапредувањето на музеологијата и етнологијата. Тој оставил ненадминлива колекција на фотографии, документирајќи ги сите аспекти на традиционалната материјална и духовна култура, како и народното творештво и применетата уметност во Македонија. Она што го издвојува е неговиот посебен однос кон етнолошката документарна фотографија, која не е само гола регистрација на факти туку претставува визуелен запис исполнет со експресија, љубопитност и енергија.
На изложбата се презентирани 35 фотографии, кои се значајни чувари на меморијата како сведоштво за иднината. Изложбата претставува обид да се потсетиме и да ги потенцираме високите дострели во документирањето и презентирањето на нашето уметничко и културно наследство. Фотографиите на овој доајен на етнолошката фотодокументација се врежани во колективната визуелна културна меморија, оставајќи ни многу повеќе од зборови.