Нашата соговорничка Ида Мантон вели дека духот на Охрид беше да се создаде подемократско и инклузивно општество, но, за жал, инсистирањето на квазиетнички модели на владеење доведе до зголемена сегрегација и злоупотреба на моделот за правична застапеност во многу сектори во општеството. Ние стигнавме од преговарање за начини како да обезбедиме недискриминација до целосна сегрегација бидејќи етнопопулизмот вирее во клима на поларизација
Општественото помирување е можно само ако чувството на правда е задоволено
Хашките случаи се нарекуваат така затоа што Трибуналот во Хаг, односно Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства во државите од поранешна Југославија, ги врати во 2008 година во Скопје за да бидат процесирани во македонскиот судски систем. И две децении подоцна ништо не се случи што би било во согласност со темелните постулати на правото и задоволување на правдата. Сега, 23 години подоцна, тие се предмет на интерес на Советот на Европа, кој преку комесарката за човекови права порачува дека нивното правно решавање е услов за „справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување во државите од регионот“. Станува збор за четири предмети („Водство на ОНА“, „Гробница во Непроштено“, „Липковска брана“ и „Мавровски работници“) на извршено злосторство против човештвото во оружениот конфликт од 2001 година во Македонија. Осомничените сторители на овие злосторства што не застаруваат се амнестирани во 2011 година со автентично толкување на македонското собрание на Законот за амнестија од 2002 година. Така изведената правна еквилибристика за избегнување одговорност на личности што во меѓувреме се стекнаа и со политичка моќ, сѐ уште ја носи стигмата на политички опортунизам. Но пораката од Советот на Европа, која стигна во време на вжештено предизборие, како во Македонија така и во ЕУ (дури и беше скриена цел месец од македонската јавност), ја има тежината на потсетување за незавршената правда, состојба без која не може да се постигне вистинско владеење на правото во државата, колку и да се работи на заборавот во интерес на политичкиот опортунизам. Познавачите на меѓународното право предупредуваат дека злосторствата против човештвото не само што не застаруваат туку и ако не се процесираат оставаат простор за политички манипулации и чувство за незавршеност на конфликтот. Општественото помирување е можно, само ако чувството на правда е задоволено.
– Законот за амнестија не ги опфати криминалните дејства во периодот од конфликтот во 2001 година ниту, пак, случаите за кои беше надлежен Трибуналот во Хаг. Но одговорноста е пред сѐ на државата, не на тие што помогнале во процесот на преговори. Советот на Европа, дел од меѓународната заедница, неодамна побара државата да ги процесира вратените случаи. Тие не само што не застаруваат туку и, ако не се адресираат, оставаат простор за политички манипулации и чувство на незавршеност на конфликтот. Значи, духот на Охрид беше да се создаде подемократско и инклузивно општество, но, за жал, инсистирањето на квазиетнички модели на владеење доведе до зголемена сегрегација и злоупотреба на моделот за правична застапеност во многу сектори во општеството. Ние стигнавме од преговарање за начини како да обезбедиме недискриминација до целосна сегрегација бидејќи етнопопулизмот вирее во клима на поларизација. Сега мора да се насочиме на исполнување принципи и вредности, не потценувајќи притоа дека помирувањето е можно само ако чувството за правда е задоволено – оцени во една своја анализа Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација. Ј.П.