ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
- Со тоа, тој стана првиот возач во историјата што освоил т.н. монумент пет пати во низа и прв што се искачил на подиумот на сите пет такви трки во иста сезона
Тадеј Погачар петти пат во низа победи на трката во Ломбардија и го израмни рекордот на Италијанецот Фаусто Копи (триумфи во 1946, 1947, 1948, 1949 и во 1954 година) за вкупен број победи во трката, откако повторно ги совлада своите ривали со жесток напад на искачувањето. Словенецот (27) забрзано се оддалечи од групата фаворити на 38 км до крајот на трката и, откако го стигна Квин Симонс, светскиот шампион сам стигна до победа на петтиот т.н. монумент (главни трки) во сезоната. Со тоа, тој стана првиот возач во историјата што освоил ваква трка пет пати во низа и прв што се искачил на подиумот на сите пет во иста сезона, пишува „Би-би-си“.
Откако славеше на трката околу Фландрија и на делницата Лиеж-Бастон-Лиеж претходно во сезоната, тој е и првиот по белгиската легенда Еди Меркс во 1975 година што освоил три монументи, Тур де Франс и светската титула во една сезона. Погачар откри дека имал „навистина интересен“ телефонски разговор со белгискиот великан по неговата победа, но додаде дека е уморен од споредувањето со Меркс.
– Не ми се допаѓа тоа што постојано треба да се споредувате со некого. Никој не сака постојано да се споредува со некого – рече Погачар.
Втор на оваа трка е Белгиецот Ремко Евенепул, а трет Австралиецот Мајкл Сторер, пишува „Би-би-си“.
– Да се победи пет пати во низа… секојпат кога почнувам, се чувствувам како оваа трка да ми одговара, но, во исто време, со толку добар тим околу мене можеме да го изведеме тоа. Секогаш велам, веќе седум години во низа, ова е мојата најдобра сезона и сега повторно можам да кажам дека ова е најдобрата сезона досега – рече Погачар.
Погачар имаше одлична година, освојувајќи ја својата четврта титула на Тур де Франс и успешно одбранувајќи ја својата круна на Светското првенство во друмски велосипедизам во Руанда минатиот месец. Трката во Ломбардија е една од петте напорни еднодневни трки, заедно со Трката околу Фландрија, Лиеж-Бастон-Лиеж, Милано-Сан Ремо и Париз-Рубе, пишува „Би-би-си“. Г.И.