ПОВОД: ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ИЗМЕНИ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК
Искусните правници ја гледаат контроверзноста на предложените измени на Кривичниот законик во тоа што со намалувањето на казните за злоупотребите на службената положба, всушност, се дава сигнал дека фокусот на правдата нема да биде борбата со корупцијата! Имено, наместо со построги законски решенија за вакви злоупотреби (на службената положба и овластувања) да се бара зголемување на одговорноста на носителите на јавни функции додека се на власт, предлозите за намалување на казните покажуваат други тенденции и цели…
Ненајавеното, па затоа ненадејно доставување до Собранието на предлогот на Владата за измени на Кривичниот законик предизвика повеќе негативни реакции во јавноста, кои натежнуваат кон перцепцијата за постоењето на многу контроверзни елементи во предложените законски измени. Реакциите главно се однесуваат на намалувањето на казните за кривичните дела од доменот на злоупотреба на службената положба и овластување, но и забрзувањето на собраниската процедура со европско знаменце.
Ублажување на казните за злоупотреба на службената положба и овластувања
Она што најмногу го привлече вниманието на правната и политичката јавност е предложената измена со која се брише казната затвор од минимум пет години за манипулација во јавните набавки. Максималната казна затвор за „злосторничко здружување“ се намалува од 10 на три години. Исто така, според предлогот што веќе е во собраниска процедура се укинува проширената конфискација за нелегално стекнат имот… Според предлогот, треба да се укинат одредбите од членот 353 за затворски казни од најмалку три и пет години и наместо тоа се воведува затворска казна од една до четири години. Односно, се воведува горна граница, од која се пресметува застареноста, а во актуелното законско решение нема горна граница, туку санкцијата е дефинирана на најмалку три години, а тоа значи дека горната граница се поставува на 20 години. Правната процена е дека со одредување горна граница на можната затворска казна се отвора можност за уште побрзо застарување на делата, што веќе стана пракса во судските случаи со поранешните функционери.
Понатаму, во предлогот се додава да се избрише ставот 5 од членот 353, кој предвидува затворска казна од најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при вршење јавни набавки или на штета на средствата од буџетот… Во овој член се предлага да се вметне став за одземање на прибавената имотна корист.
Во членот 353-в за делото „несовесно работење во службата“ минималната казна е три години затвор за службено или одговорно лице во јавно претпријатие или установа, кое ќе прибави значителна имотна корист. Актуелната власт сега предлага намалување за шест месеци, а максимална казна до пет години.
Во врска со делото злосторничко здружување, членот 394, став 1, сега предвидува: „Тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор од една до 10 години“. Со предложените законски измени, пак, се предвидува пропишаната санкција до 10 години да се намали на најмногу три години.
Политички опортунизам зад флоскулата „усогласување со европското право“
Предложените измени на Кривичниот закон, според образложението во придружното писмо од Владата, потпишано од премиерот Димитар Ковачевски, произлегуваат од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Се очекува да бидат исполнети одредени европски стандарди, предложените измени и дополнувања се во насока на новиот концепт на реглементација на економскиот криминалитет во РСМ, пишува во образложението.
Сепак во прилог на реакциите на јавноста, која препознава политички опортунизам во овие предложени измени на Кривичниот законик, е фактот што вакви законски измени бараше опозицијата во 2018 година. Тогаш бараните законски измени беа оквалификувани дека имаат цел застарување на делата на обвинетите поранешните функционери од Владата на Никола Груевски.
Веќе наредната 2019 година, адвокат на обвинетите Миле Јанакиески и Никола Груевски неуспешно поднесе иницијатива до Уставниот суд за укинување или поништување на ставот 5 од членот 353 на Кривичниот законик, кој се однесува на кривични дела при вршење јавни набавки или на штета на средствата од буџетот на Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата. Со сегашниот предлог на Владата, овој став се брише.
Законски измени во насока на „поевтинување на правдата“
Поранешниот претседател на Врховниот суд на Македонија, Дане Илиев, контроверзноста на предложените измени на Кривичниот законик ја гледа во тоа што со намалувањето на казните за злоупотребите на службената положба всушност се дава сигнал дека „фокусот на правдата нема да биде борбата со корупцијата“!?
– Без оглед на пресметки и толкувањата со можни политички имликации од предложените измени на Кривичниот законик, тие се правно контроверзни зашто практично значат – „поевтинување на правдата“! Намалувањето на казните за злоупотребите на службената должност, со тенденција да бидат практично сведени на условни казни, укажува на тоа дека целта никако не е борбата против корупцијата и организираниот криминал. Наместо со построги законски решенија за вакви злоупотреби да се бара зголемување на одговорноста на официјалните политичари додека се на власт, предлозите за намалување на казните покажуваат други тенденции и цели. Секако, времето ќе покаже која била целта, но од сега се гледа дека целта не е справување со корупцијата – вели Дане Илиев.
Забележливи реакции за измените на Кривичниот законик
И поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров се огласи по повод измените на Кривичниот законик.
– Владата во трчање предлага поблаги казни за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злосторничко здружување“ преку измени на Кривичниот законик во постапка со европско знаменце, со што овие кривични дела ќе застаруваат побргу. Значи ќе ја зацементираат неказнивоста со европско знаменце? Ваква злоупотреба на сѐ „европско“ ќе влезе во учебници! Измените се туркаат на мала врата, покрај други измени за кои се наведува основ во европски директиви, но во образложението за измените нема никакво објаснување за намалувањето на казните за овие две кривични дела. Од нема правда нема мир, дојдовме до нема казна, нема одговорност – напиша Димитров во својата објава.
И професорката Мирјана Најчевска жестоко реагираше на веста дека власта брза со „европско знаменце“ да го протурка предлог-законот за измени на Кривичниот законик.
– Ете вака се гради правна држава – со намалување на казните за сите оние што од позиција на власт направиле кривични дела. На крај ќе биде казниво само продавањето штавел и крадењето до пет ќебапчиња. Криминалците од власта треба да бидат отстранети итно. Со европско знаменце. Без дискусија – остро и во свој стил инстантно реагираше професорката Најчевска.