ЗИМСКА ТРИЛЕР-СТОРИЈА
Калугин ја отвори балконската врата и ја натера Воронцова да излезе надвор. Тој воопшто не се плашеше дека некој од напаѓачите може да им пријде од задната страна на дачата бидејќи таму имаше поставено стапици за крупни ѕверки.
– Погледни горе над вратата – со едно око гледаше во неа, со друго демнеше на влезот. – Таму има тастер.
– Го пронајдов – следуваше одговор. Маша целата се тресеше од студ.
– Тогаш притисни со сета сила!
Постапката даде плод. Вџашена, Маша гледаше во плафонот каде што се придвижи пластичен параван.
– Од внатрешната страна има двоен тастер. Едниот е за минијатурна светилка, а другиот за да го затвориш параванот. Не излегувај оттаму сѐ додека јас не ти дадам знак дека е сѐ во ред. Јасно?
– Но како до плафонот?
– Има скала од десната страна на вратата. Постави ја и качувај се горе!
Марија се качи по скалата, а Калугин ја фрли под балконот за да не ја искористат натрапниците. Потоа од лежиштето на коланот со кој беше опашан, извади мала кука и ја прицврсти на една челична сајла. Во моментот кога се подготвуваше за спуштање по сајлата, вратата од спалната соба се отвори со силен тресок и внатре упаднаа двајца напаѓачи. Самострелот веднаш испрати одговор. Едниот од непознатите вресна како ранет ѕвер и се обиде со двете раце да ја извади стрелата што му се вкопа во окото. Но тоа беше сѐ, бидејќи мозокот му беше пробиен. Вториот мина со тешка рана во стомакот…
Сајлата по која се спушти беше поврзана со стеблото на еден четинар оддалечен дваесетина метри. Таму под земјата беше ископана земунка со комплетно вооружување.
*
Хеликоптерот од Министерството за внатрешни работи МИЛ – МИ6 со кој допатуваа во Тирек, со себе ги понесе елементите на ратракот и на едно мало амфибиско возило за движење во тешки зимски услови. Долгоруков ништо не оставаше на случајноста. Кога ќе испланираше нешто, од персоналот ангажиран во мисијата бараше да се оствари сѐ до најситен детаљ. Во ратракот се сместија тој и неговите двајца телохранители. Во амфибиското возило уште петмина командоси. Ајсел ги забележи кога наближија до дачата на Калугин. Тој вешто ги натера кучињата да скршнат од патот, а потоа запрегата ја врза за стеблото на една бука. Најголемата доблест што јакутските ловџии можеа да си ја припишат беше трпението.
Овој пат имаше и среќа. Иако не знаеше каква игра се игра околу Калугин, претпостави дека човекот е жртва на минатото. А минатото му беше добро познато бидејќи го имаше слушнато од својот пријател. Ајсен размислуваше каков потег да повлече, а притоа да не ги загрози животите на Воронцова и Калугин.
*
Генадиј Василевич Воронцов беше ставен на силни искушенија. Работите воопшто не се одвиваа по планираното. Иако беше известен дека Николај Михајлович Калугин е врвен професионалец, не очекуваше толку силен отпор од негова страна. Сега кога веќе половина од неговите луѓе беа во аут, тој посегна по својот џокер.
– Марија, знам дека си горе на таванот. Вразуми се и врати ми ги материјалите што ги понесе со себе. За возврат, јас ќе те ослободам од сите обврски што ги имаш кон мене како кон твој сопруг. Ете ти го Калугин, па со него продолжи да живееш како што ќе посакаш. Ако не го направиш тоа, не знам што ќе се случи ни со нашата Каја, бидејќи луѓето што ќе бидат обвинети за незаконски дејства, нема да покажат ниту ронка милост!
Воронцова се здрви. Иако можеби Генадиј се послужи со блеф, самото споменување на Каја и можната разврска со луѓе од елитата ја натера да размисли како понатаму. Во суштина, нејзиниот сопруг често беше непресметлива личност и од него можеше да се очекува сѐ. Имаше моменти кога не можеше да се контролира и тогаш беше подготвен на сѐ. Дури и да ја жртвува Каја за сопствен интерес.
– Не верувам дека дотолку си надвор од умот, та дури и Каја да ја ставиш на жртвеник, Генадиј – Марија повеќе не можеше да молчи. – Впрочем, девојчето е на сигурно и тие не можат да сторат ништо!
– Се лажеш, Маша. Тие луѓе знаат сѐ. За жал, Каја е веќе во нивни раце. Дај ми ги материјалите и јас ќе сторам сѐ нашето девојче да биде ослободено.
– Блефираш, Генадиј, и јас го знам тоа. Можеш да ме имаш мене, но не и Каја!
– Како сакаш – Воронцов изгледаше разочарано. – Гусев, сега сѐ е во вашите раце. Мојата сопруга го загубила и она малку ум што го имаше!
Од салонот се слушна плачлив детски глас. Тоа беше малата Каја.
– Ти… ѕверу…! Пушти го девојчето. Како можеш да бидеш толку суров кон своето чедо? Помогни ми да се симнам!
Марија притисна на тастерот и ги подаде нозете низ отворот. Генадиј ја прифати, а потоа силно ја тресна од подот. Кутрата жена болно застенка.
– Каде е Калугин?
– Вечерва не си дојде дома.
Воронцов истрела еден рафал кон плафонот за секој случај, а потоа ја удри со чизмата по половината.
– Знам дека ме мамиш, но и нему ќе му дојде редот!
– Тој… Калугин нема вина…
– Слегувај долу во салонот и веднаш да ги предадеш материјалите со компромитирачка содржина!
– Мамичке! – Каја ги рашири рачињата но беше спречена да ја прегрне мајка си.
– Чедо мое…!
Еден од натрапниците грубо ја зграпчи за коса и ја натера да клекне на подот.
Вратата се искрши со стравотен тресок и во салонот упаднаа командосите на Долгоруков. Факторот изненадување и професионалниот пристап го направија своето. Луѓето што му беа придружба на Воронцов беа совладани со употреба исклучиво на студено оружје.
– Најпосле сѐ си дојде на своето место, почитуван Генадиј Василевич – Долгоруков се дуеше како паун. Со рацете назад, лежерно чекореше низ салонот. – Сега ни преостанува да се справиме со сите стаорци што се на списокот на престапници и кои ја оштетија државата за милиони.
– Моето девојче! – Марија скокна и потрча кон малечката Каја. Тие силно се прегрнаа.
– Млада дамо, почитувана наша учителке, искористи го мигот на слободата. Заслужи да се радуваш. Но каде е Николај Михајлович? Впрочем, тој е вистинско сибирско сениште, нели?
Роберт Торн


































